Џезот и анимираниот филм (6)

12.07.2013 09:17
Џезот и анимираниот филм (6)

Доктор Волт и мистер Дизни

Во филмот The Jazz Foll од 1929 година, Мики Маус свири на оргули на општо задоволство на сите животни на кои наидува поминувајќи низ фармата, но забавата започнува дури откако тој ќе седне зад пијаното. Покрај деловите кои малку потсетуваат на ритамот на страјд пијаното или на регтајм, на сцената се одвива вистински водвиљ во кој хипердинамичниот музичар дури и ќе го наплеска пијаното по задникот (!), но одмаздливиот инструмент на крајот ќе го гризне задникот на Мики Маус. Речиси е сигурно дека ваквите и слични каламбури во филмовите за Мики Маус го поттикнале коментаторот на германското филмско списание „Film-Kurier“ во 1930 година да го опише непредвидливиот глушец како „ѕверка која живее во ритамот на џезот – секој нејзин чекор е танцово движење, секое движење е вид синкопа“. На овој начин, најпознатиот глушец на светот и неговиот „татко“ Волт Дизни тргнале да ја освојуваат Европа, односно остатокот од светот.

Mickey Mouse - The Jazz Fool (1929)

Во својата книга „Hollywood Flatlands“, американската авторка Естер Лесли нè потсетува дека во првата верзија на есејот „Уметничкото дело во векот на својата техничка репродукција“, напишан во 1935 година од Валтер Бенјамин, едно поглавје било насловено „Мики Маус“. Лесли го наведува податокот за тоа дека од средината на 30-те години до крајот на деценијата, Бенјамин собирал исечоци за Мики Маус и Волт Дизни од француските и од германските весници, а во еден од нив, потпишан од Жан Прево, стои следнава реченица: „Волт Дизни воведе нова идеја: идејата за големиот примитивец или за големото дете“.

Дизни рано сфатил, а потоа често и потенцирал, дека со анимацијата може да се постигне сè што човек може да замисли, а оваа негова изјава добива дополнителна димензија кога од нивото на уметничката имагинација и креација Дизни ќе се пренесеме во светот на бизнисот, каде овој систематичен, претприемчив и амбициозен човек се снаоѓал повеќе од добро. По примерот на автомобилскиот магнат Форд, применувајќи исклучителни мерки при поделбата на трудот во процесот на омасовување на сопствените производи, до половината на 30-те години Дизни се снабдил со вистинска мала армија од службеници, која се состоела од 12 сценаристи, 40 аниматори, 45 асистенти на аниматорите, 30 цртачи и колористи, и дури еден оркестар со дваесет и четири музичари. Би можело уште многу да се зборува за бројот на вработените во „фабриката од соништата“ на Дизни, но ние би му се вратиле на џезот.

Во рамките на серијалот Silly Simphony од 1935 година се појавува и филмот Music Land. Заплетот се врти околу љубовната приказна за принцот Саксофон од островот Џез кој се заљубува во принцезата Виолина од Земјата Симфонија. На кралицата на Земјата Симфонија не ѝ се допаѓа бунтовниот млад принц, па таа наредува да го затворат, а кога за тоа ќе слуше неговиот татко, кралот Саксофон, веднаш ќе објави војна: сите инструменти од дувачката секција, тромбоните, трубите и кларинетите се претвораат во воени оружја кои блујат разорни ноти. Но ни кралицата не останува должна, па наскоро сите оргули стануваат моќни оружја. Но, на крајот сè убаво завршува со двојна венчавка и со изградба на Мостот на Хармонијата преку Морето на Несогласувањето, кое некогаш ги раздвојувало двете кралства. Во музиката на Ли Харлин, џез секвенците потсетуваат на звукот на биг-бендовите, слични на оние со кои управувал Пол Вајтмен во тоа време. Неговиот оркестар изведувал популарна музика, но и покрај тоа, белата публика го прогласила Вајтмен (белецот, со многу „соодветно“ презиме) за „крал на џезот“. „Неговото величество“ своевремено изјавило дека џезот е „народна музика на индустриската епоха“, па можеби не треба да зачудува фактот дека во овој филм кралот Саксофон го носи токму неговиот лик.

Silly Symphony - Music Land (1935)

Во 1937 година Дизни ја претставил квинтесенцијата на идејата „за големиот примитивец или за големото дете“ во својот прв долгометражен анимиран филм „Снежана и седумтте џуџиња“ (Snow White and the Seven Dwarfs), првиот од низата филмови „наменети за целото семејство“. Истата година, повторно како една од „Смешните симфонии“, на големото платно се појавува и Woodland Café. Можеби во насловот се крие и алузија на позната њујоршка сала за танци „Roseland“, а можеби и не, но во секој случај оваа сала е исполнета со инсекти кои се многу возбудени и сакаат што побрзо да излезат на подиумот за танцување. Музичкиот директор на филмот е повторно Ли Харлин, а неговиот „оркестар“ е составен од штурци-црнци кои полетно танцуваат во ритамот на свингот, убаво забавувајќи се (фронтменот на бендот со зелен цилиндер на главата ја пее „Everybody’s chuggin’“). И овој филм, како и Music Land, е режиран од Вилфред Џексон, но и тука неговото име не се појавува на шпицата. Ваквиот третман на Дизни кон соработниците, но и општиот пристап кон анимацијата ќе доведе до штрајк во неговото студио во Бурбенк во 1941 година. „Еден генијалец и 700 џуџиња“, пишувало на еден од транспарентите во рацете на незадоволните аниматори, единствената работна сила која во тоа време не била синдикално организирана. Дизни резигнирано изјавил во јавноста дека штрајкувачите биле поттикнати од страна на комунистички агитатори. Потоа Америка влегува во Втората светска војна, и токму затоа студиото сé уште се одржува во живот, бидејќи благодарение на наредбите од повисоките инстанци, започнува производството на пропагандни филмови. Меѓутоа, многумина од дотогашните верни соработници го напуштиле Дизни, сметајќи, како и Џон Хабли, дека новиот анимиран филм, како уметничко дело, мора поинаку да изгледа, но и да искажува општествена одговорност.

Silly Symphony - Woodland Cafe (1937)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел

Извор: Градац 183-184

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото