Нашата држава не е демократска

12.07.2013 10:06
Нашата држава не е демократска

Сакам да поведеме граѓанска иницијатива за измена на Уставот на Р. Македонија со анекс да го замениме член еден каде стои :

„Република Македонија е суверена, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.“

Да се замени со зборовите:

„Република Македонија е суверена, партиска и робовладетелска држава. Суверенитетот на Република Македонија е деллив (зависи од потребите на партијата), се отуѓува секој дел ако добро се плати и се пренесува“.

Мислам дека би требало да претрпи целосна измена затоа што никој во оваа држава не ги почитува ставките од Уставот, кој е главен носител на опстанок на една правна држава. Граѓаните на Р. Македонија се сведоци дека државата не е демократска, затоа што не им одговара, ако секој може да им укаже на нивните грешки ќе треба некој да одговара, и затоа е подобро да се уништи демократијата за доброто на партијата.Социјална држава многу одамна го загуби тој епитет и станавме големо робовладателско општество. Почетокот на едно робовладетелско општество е воведувањето на надница, затоа што тоа не е сигурен и целосен приход за сработената работа и газдата нема никаква понатамошна обврска за придонеси или каква било други додатоци за вработениот.

За навлегувањето на робовладателското општество во нашиот систем исто така имаше голем придонес доброто однесување на преснобогаташите кон сите партии на власт - која и да дојде, тие се нивни. Во овие 22 години самостојност не видовме никој од нив да се најде во македонските затвори каде што им е местото. Напротив, ние ги гледаме на секој државен прием без разлика кој е на власт. Таа е нашата најголема кочница која ја имаме како држава за демократски развој на нашето општество.

Скратени се сите права на работниците, се малтретираат, работатат повеќе од 8 работни часа на ден, работат во сабота, недела и на празници, а платите не им се пресметани според вложениот труд. Тоа е модерното робовладетелско општество кое го измислија преснобогаташите во Македонија, така функционира системот. Синдикатите кои треба да бидат борци за правата на работниците само во Македонија се секогаш со власта, седат на иста маса и се борат за добробит на газдите. Ако некој похрабар излезе и го изнесе проблемот, веднаш ќе биде отстранет од работата и веќе за него никаде ќе нема вработување. Дали се боревме за овој систем, дали за ова живеевме во надеж дека ќе дојдат подобри времина, дали ова го заслуживме?

Не можам ни да помислам која ли е границата на толеранција на македонскиот народ, која е границата на трпеливост, но знам дека достоинството на граѓанинот како индивидуа во Македонија е доведено до најниско ниво, до дното, а можеби и подолу.

Единствен излез од оваа состојба е во единството на сите граѓани, без разлика на верска, национална, партиска или друга припадност, солидарно заедно да се кренеме против овој квазидемократски систем кој метастазира во нашето граѓанско општетсво. Треба многу брза интервенција, затоа што и сега е тешко, но се надевам дека некако ќе се снајдеме да го спасиме она што можеме, дека ќе можеме да го издигнеме повторно граѓанското општество на едно демократско ниво, каде највисокиот акт во државата, Уставот, ќе се почитува, и секој граѓанин ќе си ги знае членовите од истиот кои му гарантираат слобода, вистинска слобода на изразување, владеење на правото и демократските принципи.

Ова е дел од Уставот на Република Македонија:

„Член 8

Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се:
- основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот;
- слободното изразување на националната припадност;
- владеењето на правото;
- поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска;
- политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори;
- правната заштита на сопственоста;
- слободата на пазарот и претприемништвото;
- хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
- локалната самоуправа;
- уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на
животната средина и на природата и
- почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Во Република Македонија слободно е сè што со Уставот и закон не е забрането.“

Во постојаните контакти со граѓаните, кога ќе им кажеме дека со тој и тој член тие права им се загарантирани, тие се изненадени и се чудат како може органите кои треба да го почитуваат Уставот да се најголемите прекршители на истиот. Затоа, се надевам дека набрзо ќе успееме да организираме едукативни семинари за граѓаните на кои ќе им ги презентираме членовите од Уставот за да си ги знаат своите права, да знаат како да се бранат од овие моментално киднапирани институции. Се надевам дека кога секој граѓанин кога ќе си ги дознае своите права кои му се загарантирани, ќе побара отчет од сите инволвирани политички субјекти во институциите на Р.Македонија.

Тогаш ќе може да се пофалиме дека имаме здраво граѓанско општетство со освестени граѓани кои ќе придонесат во изградбата и одржувањето на демократското општетство во Македонија. Сè до тој момент ние ќе страдаме ,а можеби и ќе ја загубиме и можноста да управуваме сами со нашата држава, затоа што овој квазиполитички систем никој не го поддржува и не го сака.

Придружете се на нашето движење кое зема сè поголеми размери во Македонија, нашата организација е формирана со јасна цел - од самото име може да разберете многу. Таа се вика Организација за демократска реакција и асоцијација на здруженија - ОДРАЗ, која секогаш ќе биде коректор на секоја власт. Знаеме дека имаме премногу работа, но сепак не се предаваме, не веднеме глава и никој нема да нè запре на нашиот пат.

Кога неправдата станува закон, отпорот станува наша должност.

Влатко Ристески,

граѓански активист

ОДРАЗ

Слики: Morgaine Faye

ОкоБоли главаВицФото