Мртовец негира дека му се јадело кога на Задушница паднала храна

12.07.2013 10:53
Мртовец негира дека му се јадело кога на Задушница паднала храна

Популарниот неделен весник „Вечник“ уште еднаш објави демант од починатиот С. Сирењаковски во кој тој негира дека му се јадело кога му го избербатиле гробот со храна.

„Не знам како веќе да им објаснам на живите дека кога ќе им падне нешто на земја треба да си го земат, а не да ми го оставаат на гробот. Минатиот месец на Задушница на еден мој пријател му испопаѓаа овошни наполитанки и коменарите на моите блиски повторно беа дека изгледа ми се пријало! Работата е што мразам овошни наполитанки, не ги јадев ниту додека бев жив, ниту ги јадам мртов“, вели Сирењаковски.

Неодамна слична изјава даде и госпоѓа Зденка Алваџиева-Кафеџиска, почината повеќе од дваесет години.

„Јас уште еднаш ќе апелирам преку сите медиуми да не ми се прават екскурзии на гробот. Сета таа храна може да се даде во некој центар за бездомници, во градските кујни за социјално загрозени лица, за сите тие месени пити, сирења, сокчиња и благца да завршат на вистинското место“, порачува Зденка.

Од неодамна е формирана метаграѓанската иницијатива чиј слоган е „Сакаме мир, а не бајадери“, која ќе преземе акции и за укинување на „нека се најде пред него/неа“ ритуалите.

„Мртвите луѓе едноставно - не јадат. Не знам веќе каде да се обратам за да им го докажам тоа, веќе пукнав“ - огорчено додава Алваџиева-Кафеџиска за Пара вести.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото