Помогнете ѝ на Сирија денес, утре ќе биде доцна

13.07.2013 04:21
Помогнете ѝ на Сирија денес, утре ќе биде доцна

Драги пријатели, пред два месеци го напуштив Дамаск, каде животот стана премногу репресивен, за да отидам во ослободената област Источна Гута, која имаше два милиони жители пред востанието. Во Источна Гута сега живеат само околу еден милион луѓе.Тоа беше базата од која востаниците тргнаа кон главниот град, но сега е под опсада на силите на режимот заради обновената поддршка на Русија и на Иран и доаѓањето на иранската и либанската војска под покровителство на Иран. Минатите три месеци бев сведок на недостаток на вооружување, муниција, па дури и недостаток на храна за борците. Многу од нив добиваа најмногу два оброка дневно, а нивната состојба би била неспоредливо полоша да не беа локалните жители, кои ги штитеа своите градови и семејства.

Градовите и селата низ кои поминав или во кои живеев, овие месеци беа исполнети со секојдневни и произволни воздушни напади и гранатирања. Имаше жртви секој ден, главно цивили. Во центарот на цивилната одбрана, во кој живеев еден месец, ги видов сите тела кои беа донесени. Некои од нив беа непрепознатливи, само остатоци од тела. На некои се гледаше дека им припаѓале на деца, а меѓу жртвите имаше и шестмесечен фетус што го изгубила некоја преплашена мајка. Ниту еден ден не помина без жртви, обично две или три, еден ден имаше дури девет, другиот 28, третиот 11 жртви.

Освен цивили,некои борци секојдневно беа убивани од страна на супериорните сили, со супериорна поддршка.

Целата област беше без струја осум месеци.Луѓето зависеа од бројните неквалитетни генератори кои трошеа многу бензин во време во кое го има сè помалку, па беа приморани да престанат да ги користат своите фрижидери и покрај големата жештина. Фиксните и мобилните телефонски мрежи беа во прекин. Минатата недела почна да недостасува и пченица. Јадам само два пати дневно. За сега е добро. Новата диета ми помогна да изгубам 10 килограми.

Најлошо од сè е тоа што сè поголем број луѓе се погребуваат во брзање и недостоинствено. Луѓето се плашат да се задржуваат во близина на гробовите и да бидат мета на новите проектили. Ние - јас и неколкумина пријатели - сме сè уште живи. Во Дамаск се соочивме со можноста од апсење и неподносливо мачење. Овде сме безбедни од тоа, но не и од проектилите што секој момент можат да нè погодат.

Една од најзначајните работи кои ги забележав за време на првите неколку денови е тоа дека молитвите во петоците во една џамија се одржуваат во 9 часот, половина час подоцна во друга џамија, а потоа во другите џамии со половина час разлика помеѓу секоја молитва. Целта е да се избегне собир на голем број луѓе на едно место, за да не му се дозволи на режимот да убие многу луѓе. Режимот веќе еднаш се обиде во тоа, а во еден град има пет урнати џамии.

Болно е тоа што повеќе од две третини од децата не се запишани на училиште, затоа што нивните родители се плашат да ги изгубат од вид или затоа што постојат мал број училишта на располагање. Оние кои се сè уште отворени се наоѓаат под земја за да се избегне гранатирање, а исто така тука се и неколку болници.

Луѓето овде се борат со апсолутно зло, бидејќи сфатија дека ги чека голем масакр ако режимот успее да ја врати контролата над тоа подрачје. Оние кои нема да бидат веднаш убиени ќе бидат уапсени и дивјачки мачени. Опциите што луѓето ги имаат се или да умрат пружајќи и отпор на агресијата на фашистичкиот режим, или истиот тој режим да ги убие на најстрашниот можен начин. Луѓето се тресат од страв и јас се тресам од помислата дека овој режим би можел повторно да завладее.

Моменталната ситуација е директна последица на неволноста на големите сили да ги поддржат сириските револуционери, додека сојузниците на режимот не само што продолжија да ги поддржуваат со пари, луѓе и оружје, туку и ја засилија оваа поддршка и во квалитативна и во квантитативна смисла. Конечно, откако светот заклучи дека режимот користел хемиско оружје (нешто документирав и проверив со пријателите кои се стручни за тоа) и режимот ја обезбеди согласноста на светот за употреба на авијација и ракети со голем дострел против градовите и стамнените населби, западните сили одлучија да ги поддржат револуционерите со оружје со цел повторно воспоставување на рамнотежата, чие пореметување самите го помогнаа во корист на режимот.

Оваа политика не е само кратковида, ниту пак само ќе го продолжи судирот, таа е исклучително нехумана. Не постојат две еднакви зла во Сирија - како што повеќето западни медиуми го тврдат спротивното со извештаите на Обединтите нации и меѓународните организации.Тука е фашистичкиот режим кој уби повеќе од 100.000 свои луѓе, од една страна, и разновидните револуционери, од кои некои се радикализирани заради долговечноста на судирот и слабеењето на отпорот на сириското друштво кон радикализмот.

Постои само една исправна работа, од сириска и човечка гледна точка - да им се помогне на Сиријците да се ослободат од династијата Асад која делува како Сирија да е нејзин феудален посед, а Сиријците нејзини кметови. Сè ќе биде тешко во Сирија после Асад, но падот на Асад ќе воспостави нова, поумерена динамика во сириското општество и ќе им овозможи на Сиријците да се спротистават на порадикалните од нив. Би било многу полошо да се дозволи судирот да се засили и материјалните трошоци да бидат покачени. Полошо би било Сиријците да гинат од руско оружје, а под контрола на локални либански и ирански убијци, полошо би било да се наметне решение кое нема да ги казнува криминалците и нема да ги решава проблемите во Сирија.

Американските и западните политичари често инсистрираат дека не постои воено решение за сирискиот конфликт. Но,каде е политичкото решение? К ога Башар ал Асад во последните 28 месеци и после повеќе од 100.000 смртни случаи рече дека е спремен да влезе во сериозни преговори со опозицијата за да ја поделат власта? Факт е дека нема да има политичко решение без форсирање на Асад да поднесе оставка, а со него и сите убијци во неговиот режим.

Драги наши пријатели, ви се обраќам денес затоа што сириската трагедија стана еден од најголемите и најопасните светски проблеми на денешнината. Повеќе од третина од жителите се раселени. Стотици илјади луѓе се повредени и онеспособени, четвртина милион затвореници се изложени на ужасни мачења.

Ве преколнуваме како предводници на јавното мислење во вашите земји да извршите притисок на вашите влади да заземат јасен став против Асад во корист на уривање на неговиот режим. Ова е една човечка и прогресивна работа која може да се направи, и не постои ништо пофашистичко и реакционерно во денешниот свет од режимот кои го убива својот народ, увезува убијци и платеници од странство и поттикнува секташка војна која нема да заврши пред да ги земе животите на стотици илјади луѓе.

Ја очекуваме вашата поддршка денес. Утре можеби ќе биде доцна.

Извор: guardian.co.uk