Рецензија: Македонија го доби кракот од „Јужен тек“

13.07.2013 05:40
Рецензија: Македонија го доби кракот од „Јужен тек“

Написот е пренесена вест од медиум за кој не се наведени ниту детали, ниту линк, а кој објавил документ според кој, како што тврди Курир.мк, „Македонија го добила кракот од ’Јужен тек’“.

Од пренесената содржина не може да се утврди што точно стои во документот затоа што се прераскажани делови, кои наводно се пренесени од медиум (недостасува линк до веста), а исто така недостасува официјален извор.

Ако преку сопствено истражување (пребарување на сајтот на руската влада) се прочита оригиналниот документ, евидентно е дека содржината не одговара на вистината, а деловите прераскажани на Курир се вон контекст, веројатно за да се оправда насловот кој, исто така, тврди нешто што не е вистина и не постои.

Накусо, веста не информира туку спинува и го манипулира читателот.

Линк до оригиналниот напис: Македонија го доби кракот од „Јужен тек“

Датум и време на објавување: 05.07.2013, 14:36

Датум на рецензирање: 06.07.2013

Рецензент: Ида Протугер Вељковиќ

Вистинитост: Текстот се повикува на вест објавена во Руска реч, каде бил објавен документ за договор со кој Македонија „го добива кракот“ од Јужен тек, што, пак, бил пренесен од страницата на руската влада. Нема цитати од содржината на документот, тој е прераскажан, но без притоа да се приложи линк, ниту од написот во Руска реч, ниту од документот објавен на тој медиум и на страницата на руската влада. Оттука, ако се чита самиот текст, не може да се утврди дали фактите се веродостојни.

Извори на информации: Извор е извесен медиум Руска реч, за кој нема објаснување за каков медиум станува збор (весник, интернет портал, агенција, ТВ), што би било корисно со оглед на тоа што тој не е познат за пошироката јавност во Македонија. 

При интернет пребарување, може да се дојде до адреса на таков медиум: ruskarec.mk

Наведено е дека тоа е дел од проектот „Russia Beyond the Headlines“. За „Руска реч на македонски“ стои информација дека интернет сајтот пренесува вести и анализи од Русија и има наведено редакција, која е во состав: Вјачеслав Чарски – уредник, Екатерина Туришева – помошник уредник, Емил Ниами – веб уредник, Јане Јованов – веб уредник.

Содржајност: Веста не е сеопфатна затоа што не одговара на многу прашања кои темата ги отвора. Недостасува официјален извор, односно нема потврда од властите во Македонија дали навистина земјата станува дел од Јужен тек како што се тврди во насловот. Нема цитати од договорот, нема изјава од официјален извор од руската власт и нема наведено дали постоел обид да се дојде до официјален извор.

Пристрасност: Од самиот напис, кој е кус, не може да се утврди дали тој ја прикажува целата вистина, бидејќи недостасува линк од интернет страницата на медиумот или пак од руската влада за да се види дали навистина таков документ постои и која е неговата содржина.

Сепак, настрана од објавеното во веста, ако се трага по одговор на прашањето за веродостојноста, таков документ навистина постои на интернет страницата на руската влада и во покуса верзија

На 06 јули 2013 г. кога е рецензирана веста на Курир.мк, веста за потпишаниот документ објавен на страницата на руската влада не можеше да се најде на Руска реч.

На Курир.мк навистина е пренесен мал дел од содржината на документот, но е прераскажан вон контекст, со што информацијата станува манипулативна и невистинита. Прикриени се важни делови, односно дека не се работи за договор за приклучување кон Јужен тек како што алудира насловот, туку за Спогодба за соработка на таков иден проект.

Курир:

„Според документот, откако ќе се потврди исплатливоста на проектот, ’Гаспром’ и ’Македонски енергетски ресурси’ ќе формираат заедничка компанија која ќе има еднаква сопственост од двете страни (50%-50%). Маршрутата на гасоводот и неговиот капацитет ќе бидат дополнително усогласени.“

Во оригиналниот документ пак, целосниот параграф (кој се однесува на делот прераскажан на Курир.мк) вели:

Руска Влада:

„Во случај да се потврди изводливоста на изградбата на крак, како резултат на утврдување на технолошка, еколошка, економска и финансиска оправданост (физибилити студија или студија за исплатливост), ’Газпром’ и ’Македонски енергетски ресурси’ ќе формираат заедничко вложување (joint venture) за проектот гасоводен крак, со подеднакво учество од 50%, со можност да се приклучат и други акционери.“

Од ова јасно се гледа дека студијата е услов, по која ќе следи одлука дали ќе може или нема да може Македонија да се приклучи на кракот од Јужен тек.

Оригиналност/Плагијат: Со оглед на тоа што станува збор за пренесена вест, но без наведен линк, оневозможено е да се види од самата вест што е објавено изворно, а што пренел медиумот чиј напис е предмет на рецензија.

Квалитет на насловот: „Македонија го доби кракот од Јужен тек“ е целосна невистина во однос на содржината на документот за кој се пишува.

Заклучок: Заклучокот е дека медиумот направил обид „да продаде“ сензационалистичка вест која не одговара на вистината и е грубо спинување. Во оригиналниот документ јасно стои дека се работи за Спогодба меѓу двете влади за соработка, а крак кон Јужен тек би станал реалност единствено ако се докаже негова исплатливост, преку наведената студија за технолошка, еколошка, економска и финансиска оправданост. Прераскажаните долови од договорот се целосно извлечени од контекст, со јасна намера да се оправда насловот.

Според документот, откако ќе се потврди исплатливоста на проектот, „Гаспром“ и „Македонски енергетски ресурси“ ќе формираат заедничка компанија која ќе има еднаква сопственост од двете страни (50%-50%)

Читателот е наведен да помисли дека договорот е конечен, а студијата за исплатливост е само фаза која претставува вовед во формирање на мешовита компанија, а не услов (како што стои во оригиналниот документ) кој ќе определи дали воопшто Македонија ќе стане дел од овој проект.

Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ОкоБоли главаВицФото