Хибрид

13.07.2013 12:07
Хибрид

Вкрстувањето на видовите води кон хибридизација бидејќи ја принудува природата да создаде непознат вид. Уште во Георгики Вергилиј ги вкрстува јазикот и природата, кaлемејќи ги јаболките со крушките, костените со дабовите. Хибридното овошје калемено од две различни тела ја изненадува и самата природа, бидејќи калеменото дрво дава непознати плодови кои не му припаѓаат ниту на едното, ниту на другото. Во Метаморфозите на Овидиј, кентаурите Силаро и Хилонома претставуваат најразлични комбинации: natura/cultus, човек/животно, маж/жена, љубов/војна. Од една страна, Силаро го олицетворува мажот/хибридот/natura, од другата страна се наоѓа Хилонома – жената/човекот/cultus.

Хибридноста е опфатена во рамки на родовите студии и преку преминот од еден во друг род, од еден во друг вид, од машката сексуалност во женската. Онтолошкиот или номиналниот статус на хибридот се провлекува низ делата на Бифон, Мирабо, Бено де Маи (1748), Делил де Сал, Амброаз Паре (1573) и Пјер Луи Моро де Мопертуи (1745). Но треба ли хибридот да ја означува номиналната, видлива суштина или реалната, вистинска суштина?

Целокупната зоологија од 1749 до 1860 година била определена од мелезите и хибридите. Хибридното битие претставува нова можност на телесното битие, благодарение на мешавината на родовите, половите, културата, техниката и телата. Да се прифати хибридноста значи да се дозволи телото да не биде ни целосно природно, ни целосно културно. Да се биде хибрид значи телесно поседување на двата аспекта кои постојат истовремено, понекогаш и противречно.

Ова сложено тело го одредува оригиналниот живот кој го изолира античкиот јунак во неговата фатална судбина: на овој начин, Ахиловата петица му дава на Ахил во истиот момент и смртно и бесмртно тело; бидејќи Тетида го потопила во водите на Стикс тој е истовремено и ранлив и неранлив; хибридот не успева да го контролира двојството од кое е сочинето неговото телесно единство.

Хибридот е сочинет од противречни делови споени во телото на јунакот, а јунакот поседува одлики од различно потекло кои, настанати во рамките на човечката минливост, го откриваат божествениот удел во него. Оваа божествена и вонземска моќ (од Херакле до Супермен) е тука за да ги помести границите на човековото делување благодарение на натчовечки способности. Вплеткувањето на јунакот во секојдневниот живот, вообичаено во класичната култура, е проблематично во нашиот рационален и научен свет. Во модерни услови, хибридот го отежнува постигнувањето успех, бидејќи вмешувањето на ова натприродно битие ги олицетворува ирационалната сила и моќ: без објаснување на причините, дејствувањето на хибридот го менува текот на времето, координацијата во просторот, брзината на промената на местата, физичката моќ.

Овие хибридни суштества наликуваат на оние од фантастичната книжевност, која веќе стана митска: од Франкештајн на Мери Шели до Голем на Густав Мајринк, па дури и Хорла на Мопасан и Доктор Џекил и мистер Хајд на Стивенсон или Сликата на Доријан Греј на Оскар Вајлд.

И кинематографијата го претставува овој имагинарен хибрид-мутант: првиот обид за снимање филм заснован на универзумот на X-Mаn потекнува од крајот на 1980-те години. Било предвидено да биде режиран од страна на Џејмс Камерон, режисерот на филмовите Aliens и The Terminator. Но проектот пропаднал. Компанијата Фокс во 1996 година го продуцира телевизискиот филм Generation X. А во 2000 година и филмот X-Man пристигнува во кината. Станува збор за високобуџетниот филм на режисерот Брајан Сингер. Тој доживува феноменален успех и придонесува за повторно враќање на модата на филмови засновани врз приказните за суперехероите на Марвел, меѓу кои како особено популарни би можеле да се издвојат: Spider-Man (2002), Daredevil (2002) Hulk (2002), Fantastic Four (2004) Spider-Man 2 (2004), Elektra (2004), Spider-Man 3 (2007).

Фотографиите се од циклусот филмови X-Man
Извор: Le dictionnaire du corps, 2008

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото