Џезот и анимираниот филм (7)

15.07.2013 09:02
Џезот и анимираниот филм (7)

После успехот на својот прв музички филм Fantasia (1940), во 1946 година Дизни го претставува Make Mine Music, колажот од десетина музичко-филмски приказни како лесна забава за публиката во првите повоени години. Иако на шпицата не се појавува името на авторот на музичките аранжмани, познатиот музичар Флечер Хендерсон, филмот не бил лишен од џезот. Анимираните вињети немаат воедначен квалитет, но може да се каже дека деловите кои се издвојуваат се токму оние со џез музиката. Во сегментот насловен A Jazz Interlude, тинејџерскиот собир во една слаткарница е проследен со jitterbug композицијата „All the Cats Join In“ изведена од оркестарот на Бени Гудман, а во следната, уште подобра џез секвенца, антропоморфизираните музички инструменти ги бркаат надреалните пејзажи со музичките скор квартети на славните кларинисти при одличната изведба на композицијата „After You’ve Gone“.

Benny Goodman - After you've gone - from Make Mine Music

Присуството на џезот во филмовите на „Студиото Дизни“ во многу поголема мера се состои од евидентирање на точките на дисконтинуитет, отколку на еден јасен правец. Новото двд-издание на филмот „Мачки од високото општество“ (Aristocats) од 1970 година е најавено како „Дизниева џези (jazzy) класика“. Да се потсетиме: богата париска госпоѓа одлучува сé што поседува да остави во наследство на нејзината убава мачка Војвотка и на нејзините деца, мачињата Берлиоз, Тулуз и Мари, а кога за тоа ќе дознае батлерот Едгар, разочаран од постапката на својата господарка, ќе реши да се ослободи од несаканите наследници. Можеби тоа и би му успеело во селото, но го спречуваат животните од фармата предводени од мачорот Томас О’Мали, кој ќе се погрижи за мачките на патот назад кон Париз. Другарите на О’Мали во големиот град се група мачори кои имаат свој бенд (и тука преку џезот се претставени маргиналните групи кои егзистираат на работ на моралот), а на мачорот Скет, фронтменот на бендот гласот му го позајмува Скетмен Кротерс, чија улога првично била наменета за Луис Армстронг. Дискутабилно е и откаде воопшто џезот во Париз во 1910 година (првата грамофонска плоча со џез музика уште не била ни снимена), но целото друштво неизмерно ужива со композицијата „Everybody Wants To Be A Cat“.

Everybody wants to be a Cat

Како основа за приказната за долгометражниот анимиран филм „Принцезата и жабата“ (The Princess And The Frog) од 2009 година, во продукција на „Студиото Волт Дизни“, се појавува бајката „Принцот жаба“ на браќата Грим, која во ова ново читање добива нов пресврт. Младата девојка Тијана се обидува да го оствари сонот и да отвори ресторан, сé додека еден ден во Њу Орлеанс не пристигне Навин, принцот-бонвиван од едно далечно кралство, кој е заљубеник во џезот. Неговото богатство одамна е само приказна за наивните, но тоа не го знае локалниот црн маѓесник, доктор Фасилие, кој при обидот да му го одземе богатството, ќе го претвори принцот во жаба. Заплетот започнува во моментот кога Навин ќе ја убеди убавата Тијана да го бакне за да ја поништи магијата, но кога таа конечно ќе се согласи да го направи тоа, не само што принцот не си го враќа човечкиот облик, туку и самата Тијана станува жаба. Решението на нивните проблеми се ноаѓа длабоко во мочуриштата околу Њу Орлеанс, каде што живее волшебничката Мама Оди...

Walt Disney's The Princess and the Frog - Down in New Orleans

Според зборовите на Џон Ластер, извршниот продуцент на „Студиото Дизни“, „Принцезата и жабата“ го означува „враќањето во светот на рачно изработените анимации“, но музичкиот избор претставува исчекор од традицијата на Дизни. Режисерите на филмот предложиле да биде мјузикл, но не во бродвејски стил, кој Дизни го вовел во 1937 година, туку музиката да биде „мешавина од блуз, госпел, џез и сите останати типично американски стилови“. И навистина, во музичкиот репертоар на овој филм, како и во јужњачката чорба gumbo, има сé и сешто, но мора да се признае дека добродушниот, дебел алигатор кој свири на труба и се вика – какво чудо! – Луис, е неизмерно симпатичен (додека, како и неговиот славен истоименик, многу страсно ја изведува „Dippermouth Blues“). Њу Орлеанс е исполнет со злобни духови и нечисти сили (аниматорите задолжени за специјални ефекти навистина се намачиле), со што повторно е ставена на прв план експлоатацијата на вуду традицијата на југот на САД, а со тоа и на Њу Орлеанс, што без сомнение е направено без подлабоко знаење за неизмерно богатата музичка традиција на овој град. Но значајно е дека повторно сé функционира беспрекорно, следејќи го добро испробаниот рецепт: доброто триумфира над злото, amor vincit omnia... И да, конечно, принцезата е црна. Ако се има предвид дека дејството на филмот е сместено во Њу Орлеанс, со што е направен обид барем виртуелно да се ревитализира неговото значење (особено по погубните последици на ураганот Катрина), како една од изворните точки на културниот идентитет на современиот Афроамериканец, како и фактот дека филмот е реализиран во инаугуративната година на првиот црн претседател во историјата на САД, „Принцезата и жабата“ би можел да се смета за „програмско“ остварување. Но во денешно време извесно е дека се малобројни оние кои мизансценот го сметаат за своевиден приказ на „големата црна идеја“, наспроти оние кои со леснотија го препознаваат совршениот тајминг за маркетиншки концепт, што веројатно го објаснува и фактот дека и Опра Винфри посакала да биде дел од филмов, па преку гласот на мајката на Тијана таа повторно се појавува како „гласот на разумот и поддршката“, а тоа е улогата во која таа отсекогаш се снаоѓала како риба во вода.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел
Кон шестиот дел

Извор: Градац 183-184

ОкоБоли главаВицФото