Нацистичкиот сон за чиста и здрава раса

16.07.2013 05:41
Нацистичкиот сон за чиста и здрава раса

Се проценува дека до 1945 година на подрачјето кое нацистите го нарекувале „Големиот германски Рајх“, повеќе од 400.000 луѓе биле подложени на присилна стерилизација. Бидејќи сите зафати не поминале без проблем, поради компликации умреле повеќе од 6.000 луѓе.

Нацистите летото 1933 година ја имале Германија под контрола. Новите властодршци сакале да формираат општество според сопствените замисли. Еден од клучните чекори бил „Законот за превенција на генетски болно потомство“. Набрзо, поточно, на 14 јули 1933 година, германскиот Рајхстаг го донел и „Законот за наследни болести“. Луѓето кои страдале од одредена болест, по стапувањето на сила на тој закон, присилно биле стерилизирани, со што се сакало да се спречи наследувањето на таквите болести. Заговорниците на евгениката, теоријата за генетско „подобрување“ на населението, го поздравиле законот, затоа што „размножувањето на помалку вредните луѓе“ така требало да престане. За жртвите на присилната стерилизација, законот значел живот без можност да добијат деца. Многумина поради тоа биле тешко трауматизирани и страдале цел живот. Од друга страна, нацистите се надевале дека ќе го остварат својот сон за „владејачка раса“ во која нема место за „болните и слабите“.

Успех на евгениката

„Законот за наследни болести“ пропишувал кој, како „генетски болен“, треба да биде присилен на стерилизација, а тоа биле луѓе кои страдале од „вродена слабоумност“, епилепсија, шизофренија, наследно спелило и глувост, како и луѓето со „тешки наследни физички деформации“ и алкохоличарите.

Докторката и историчарка Кристијане Ротмалер ја истражува долгата историја на присилните стерилизации за време на нацизмот. И за евгениката се расправало уште во 19-от век: „Не може да се каже: тоа биле само злите нацисти. Генетиката уште тогаш се сметала за сериозна научна гранка и со неа не се занимавале само фанатичните нацисти“, вели Ротмалер. Посебно докторите го поздравиле фактот дека конечно е воведен еден закон врз чиј темел ќе биде можно да се оствари еден древен генетичарски сон за совршено општество без „помалку вредни ентитети“.

Експерименти врз луѓе

Како резултат на новиот закон, докторите стерилизирале илјадници луѓе со наводни „наследни болести“. Пред сè, „вродената слабоумност“ ја толкувале во социјална смисла, што како последица имало да се најдат на удар луѓето кои се сметани за аутсајдери во општеството: таканаречените „асоцијални“, криминалците, проститутките или едноставно луѓето кои не биле во состојба да се носат со барањата на општеството поради што се сметале за проблематични: „Тие често биле зависни од социјалната помош, па службите од тие податоци знаеле многу за нив“, укажува Кристијане Ротмалер.

Научниците во тоа време немале подлабоки сознанија за наследните болести: „Затоа е исконструирана одредена слика за тоа кои особини се наследни - на пример, бојата на косата. Подоцна се верувало дека е можно да се дефинираат и наследните карактерни особини“, вели Ротмалер.

„Закон за наследни болести“

Властите во нацистичка Германија го испратиле Законот за наследни болести до општинските судови, за овие да можат да одлучуваат за присилната стерилизација. Претседателот на судското собрание бил правник, а во собранието седеле двајца лекари. Медицинските вештачења требало да ја потврдат потребата од стерилизација: „Судовите биле опсипани со дожд од пријави со кои едноставно не можеле да излезат на крај. На почетокот се труделе совесно да ги обработуваат, но како што поминувало времето - а особено како што се приближувала војната - процесите станале тотална фарса“, напоменува Кристијане Ротмалер.

Кога судот донесувал одлука дека мора да се изврши присилна стерилизација, жртвите имале само три можности: да се подложат на операција, да поднесат жалба или - да исчезнат. Жалбите ретко кога донесувале успех, а бегалците ги барала полицијата. Сепак, за повеќето немало излез. Присилните стерилизации се извршувале во болниците ширум Германија. Докторите не се воздржувале да ги извршуваат и кај малолетници: дури и деца од 14 години можеле да бидат стерилизирани, а во исклучителнни случаи и помлади деца. Се проценува дека до 1945 година, на подрачјето кое нацистите го нарекувале „Големиот германски Рајх“, повеќе од 400.000 луѓе биле подложени на присилна стерилизација.

„Убиство од милост“

„На смртно болните може да им се додели убиство од милост“, наведува Адолф Хитлер на 1 септември 1939 година, во едно од своите писма на денот кога започнала војната. Со тоа е започната уште посурова фаза на нацистичката евгеника: убивање на „помалку вредните“. Еутаназијата, во превод - добра смрт, значела убиство на психички болните лица или лицата со инвалидитет: „Жртвите од еутаназијата биле карактеризирани како излишен товар за кој повеќе ништо не може да се направи. Она што не можеме да го излечиме можеме да го уништиме, сметале докторите кои учествувале во нацистичкиот проект“, потсетува Ротмалер.

Докторите и медицинскиот персонал сносат голема одговорност за изборот и убиството на беспомошните жртви. Повеќе од 70.000 луѓе до август 1941 година биле убиени со смртоносна инјекција или во гасните комори за време на таканаречената акција „Акција Т4“, која го добила името по седиштето на организацијата за еутаназија во берлинската улица Тиргартен 4. До крајот на војната луѓето биле постојани жртви на еутаназијата која по симболичните протести на Црквата не престанала, туку послабо се пропагирала и споменувала.

Присилна стерилизација и еутаназија

На прашањето - дали „Законот за наследни болести“ бил основа за убивање на луѓе со инвалидитет - Кристијане Ротмалер вели: „Не може да се каже дека еутаназијата била радикализиран чекор на присилната стерилизација. Меѓутоа, двата метода служеле на идејата дека треба да се реши таканаречениот социјален вишок“.

Германија не била единствената земја која со присила подложувала луѓе на стерилизација. Властите во Шведска и САД исто така посегнувале по оваа мерка. Само во САД во минатиот век се стерилизирани околу 60.000 луѓе. Сепак, систематски убиства на болни и немоќни луѓе спроведувала само нацистичка Германија.

Жртвите на „Законот за спречување на генетско болно потомство“ ни со децени по 1945 година не добиле ниту признавање ниту отштета. Дури во 1988 годна германскиот Парламент признал дека стотиците илјади присилни стерилизации биле нацистичко злосторство.

Од исклучување до соживот

„Важно е да се запамети дека во нашата историја се случувале вакви злосторства. Пред сè не смееме да заборавиме колку малку време поминало од тогаш. И денес луѓето со инвалидитет често се доживуваат како некој со наводен дефицит. Сакаме да го промениме тоа“, вели Саша Декер од организацијата Aktion Mensch која речиси половина век се залага за правата на лицата со инвалидитет.

Благодарение на големиот напредок во областа на генетиката, лекарите денес знаат многу повеќе за болестите кои се пренесуваат преку генетскиот код. Генетските советување и пренаталната дијагностика на идните родители пред раѓањето на детето им помагаат да се информираат за ризиците на многу болести: „Јавниот став е дека треба да се биде совршен и здрав, и тоа е вкоренето во свеста на луѓето. Тоа константно ги доведува идните родители во судир на совеста“, вели Кристијане Ротмалер.

И покрај големиот напредок во интеграцијата на лицата со инвалидитет во општеството, треба да се земе предвид дека сè уште има големи пречки кои треба да се совладаат: „Во некои работи уште сме на почетокот. Целта ни е да постигнеме целосна рамноправност“, вели Саша Декер.

Извор: protest.ba

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото