Цртежите на пештерските луѓе се резултат на халуцинации предизвикани од дроги?

16.07.2013 13:27
Цртежите на пештерските луѓе се резултат на халуцинации предизвикани од дроги?

Пештерските цртежи на праисториските луѓе, за кои порано се сметаше дека го прикажуваат светот околу нив, би можеле да бидат резултат на халуцинациите предизвикани од дрогите кои „сликарите“ ги земале.

Истражувачи од Токио ги проучувале пештерските цртежи ширум светот и заклучиле дека мотивите на првите уметници наликуваат на оние настанати за време на тестирањето на влијанието на дрогата врз денешните луѓе.

Билките кои пештерските луѓе ги конзумирале за време на своите духовни ритуали би можеле да содржат халуциногени супстанци кои предизвикуваат промена на свеста.

Истражувачите Том Фроезе, Александар Вудворд и Такаши Игеками тврдат дека пештерските луѓе активно ги барале овие билки за да им ја прошират визијата за светот околу нив.

Според нивната студија, човечкиот мозок создава одредени обрасци и облици кога е во состојба на изменета свест. Пештерските цртежи ширум светот се стари околу 40 илјади години и сите покажуваат слични обрасци и мотиви, без разлика на околината и делот од светот во кој луѓето живееле. Сите тие обрасци и мотиви наликуваат на резултатите од неодамнешните тестови на луѓе во состојба на променета свест.

Тоа ги навело истражувачите да заклучат дека пештерската уметност е инспирирана од различни ритуали и халуцинации.

„Преовладувањето на одредени геометриски обрасци во симболиката на бројни праисториски култури, настанати непосредно по појавата на нашиот вид, и денес постои во некои автохтони култури, а се објаснува со карактеристичната содржина на биолошки предизвиканото халуциногено искуство“, наведуваат истражувачите.

Тие додаваат дека пештерските луѓе учествувале во ритуали кои вклучувале земање дроги, за кои сметале дека ги водат на „духовно место“. Пештерските цртежи настанале под такво влијание и имале пошироко значење и важност во однос на останатите.

Извор: theweek.com