Кога секирите до небо ќе го кренат знамето (2)

17.07.2013 07:14
Кога секирите до небо ќе го кренат знамето (2)

ВМРО наликува на она што Жижек го нарекува: органи без тело (спротиставувајќи му се на Делезовиот концепт на тело без органи; кога веќе ја отворив заградава, ќе спомнам една прекрасна метафора која филмскиот критичар Паскал Боницер ја користи за опишување на филмовите на Хичкок: флота од перископи без тела од бродови). Органите без тело Жижек ги објаснува со помош на тврдиот порнографски филм, кога телата на актерите гледачот не ги согледува како обединети тоталитети, туку како купче од неодредено координирани парцијални објекти: овде уста, таму цицка, наспроти анус, блиску до него вагинален отвор... Некоординираните парцијални органи добро ги претставува и циркускиот кловн кога, на пример, ја подига својата рака, но горниот дел од раката не го слуша, па продолжува слободно да се ниша. (Како фуснота кон темава, за Делез, Жижек, Борат и Груевски повеќе можете да прочитате овде.)

Органите без тело можеме да ги поврземе и со „името“ и „идентитетот“. Ми се чини дека ВМРО е просто клиничка еманација на субјектот кој не е ниту господар ниту поседувач на „стварта“ (името); во случајов субјектот повеќе е инструмент на „стварта“ (името). Меѓутоа, како што вели Балибар, во повеќето случаи „стварта“ не се разликува од колективниот фетиш, таа - со други зборови - е идентитет (национален, религиски, расен) кој истовремено е сосема идеализиран и апсолутно постварен.

Затоа „сопствениот идентитет“ за субјектот и за сето она што потпаѓа под неговото дејствување станува тиранска сила, односно - ако можеме да ризикуваме таква тавтологија - тоа е идентитет идентичен на себеси за којшто субјектот (ВМРО, заб. Н.Г.) е убеден дека постои во него исклучиво, односно дека тој го „поседува“ и истовремено со тоа ја претставува човечкоста како таква (односно, повисоката форма на човечкост, што најчесто значи мажественоста). До таа мера што неговата присутност од себе ја исклучува секоја другост, тој го изискува сопственото реализирање по цена на, ако треба, самоуништување на субјектот, со затирање на секоја трага на другост и оттаму на секоја „внатрешна мноштвеност“, секоја разлика во себството (во она „ние“) и во другите без кои не би бил тука. Таквиот идентитет (и, се разбира, субјектот којшто му е изложен) токму е во позиција во којашто попрво би ја сакал сопствената смрт отколку мешањето, размената и хибридизирањето, чијашто закана фантазматски ја перципира како полоша од смртта. Што не го спречува првата смрт, којашто ја бара постојано бегајќи пред себе, да биде смртта на безбројните „други“ кои ја губат својата реална присутност при средбата со халуцинаторното реално на Стварта, која пак не престанува да се враќа на невозможното место што го опишува.

Името-идентитетот во случајов наликува на оној нејасен поривен елемент што Лакан (на трагата на Фројд) го нарече „ствар“ (das Ding) внатре во самото „себство“, она нешто непретставливо кое во субјектот е пореално од реалноста на самите објекти (то ест најнедостапно, најотпорно). Значи, ако го следиме Балибар, внатре во субјективноста (а следствено и во интерсубјективноста) можеме да дојдеме до точката каде што интенционалноста станува толку неодредива што не е можно да раздвоиме имаме ли работа со некоја волја, можеби перверзна, злоќудна, или пак со појавувањето на „стварта“.

А што е „Стварта“? Во македонскиот случај, таа е името-идентитет. „Стварта“ пред се’ е фантазматска структура и затоа, кога станува збор за нејзино опишување, згодни се уметничките аналогии. Таа би можела да биде, на пример, ѓаволското семе од филмот Розмариното бебе на Роман Полански. Тоа ѓаволско семе се отелотворува во невиното и кревко тело на главната хероина. Филмот The Thing (1982) исто така зборува за „Стварта“ во форма на паразитски организам способен совршено да ги имитира своите жртви. Во средиштето на целата антологиска серија филмови Алиен исто така е „Стварта“, das Ding. „Ствар“ може да биде и митската хиена што се крие меѓу камења, од романот на Фокнер.

„Можеби работата е многу побанална“, ми напиша во мејл еден пријател, по читањето на првиот дел од текстов. „Знаеш ли што изјавил Зоран Ѓинѓиќ кога го апсеа главниот воен злосторник Слободан Милошевиќ? Цитирам: Не може еден народ десет години да избира погрешна политика и да очекува дека тоа нема ништо да го чини. И во Швајцарија постојат луѓе како што е Слободан Милошевиќ, само што таму таквите се во лудница, а не на власт.“

„Сосема ми ги банализираш тезите, ама ако“, му отпишав на пријателот.

Цитатите се од книгата „Насиље и цивилност“ од Етјен Балибар, Београд 2011.

Сите подвлекувања се мои (Н.Г.).

Кон првиот дел

Слики: The Royal Art Lodge

ОкоБоли главаВицФото