НЕ за барокен Бутел!

17.07.2013 08:31
НЕ за барокен Бутел!

Во рамки на неколкуте настани организирани од иницијативата „Гушни ја капелата“ и „НЕ за барокен Бутел“, околу 5.000 мртви и 2.000 живи граѓани на Скопје го искажаа својот револт во врска со предлогот на Владата за барокизација на градските гробишта Бутел, кој според пресметките на владата за сега би чинел околу дваесет милиони евра.

„Го сотреа градот, го нагрдија плоштадот, душата ни ја зeдоа и сега уште сакаат капелата да ни ја земат“, огорчено изјави г-ѓа Танатоска, претседател на Асоцијацијата против барокизација на Бутел. „Битката против китење на капелата со орнаменти и стауетки од владиката Стефан и ставање златни палми на нејзиниот влез продолжува. Одбраната на Бутел е одбрана на сопствениот идентитет, на сопствената смрт“, додава Танатоска.

Неодамна, градоначалникот Коце Трајановски најави дека ќе се разгледа и предлогот влезот на гробиштата да биде идентичен со оној на познатите гробишта „Пер Лашез“ во Париз.

„Ќе направам секој Македонец што немал скршен денар да отиде ни до Охрид, барем во смртта да се почувствува како Парижанец“, гордо изјави Трајановски.

Екипата на Пара вести дознава дека владата размислува и за барокизација на новите сандаци за идните мртви жители на Бутел. Имено, се „шушка“ дека сите погребални претпријатија во државава задолжително ќе мора да ги изрезбаат сандаците со релјефи од разни настани од историјата на Македонија, а веќе официјално е потврден и проектот „Лав за секое гропче“.

„Мислев дека овој бизнис нема смрт, но со новиве закони и давачки дури и тој може да ми умре“, загрижено изјави за Пара вести г-дин Костурски, сопственик на едно од поновите погребални претпријатија.