1029 hPa
32 %
18 °C
Скопје - Вто, 05.11.2024 12:59
Некои медиуми видоа информација од јавен интерес уживањето на премиерот во ќебапите во Скопската чаршија. Истите не се интересираа за нападот врз ЛГБТИ центарот од триесетина маскирани лица на речиси истото место.
Ќебапите и хомофобичното насилство
Некои медиуми видоа информација од јавен интерес во прошетката на премиерот со семејството во Скопската чаршија и нивното уживање во ќебапи. Истите тие не видоа информација од јавен интерес во нападот од страна на триесетина маскирани напаѓачи врз неколку здруженија на граѓани, иако имаше повреден полицаец, демолиран дуќан и бројни преплашени учесници на „Неделата на гордоста“.
На пример, владината новинска агенција МИА воопшто не извести за нападот на ЛГБТИ центарот во Старата чаршија на 22.06.2013, иако истиот ден објави фото вест Премиерот Груевски со семејството низ Старата скопска чаршија (МИА). И најпопуларниот портал, кој се смета за близок до власта, извести дека премиерот и неговото семејство „по прошетката уживаа во ќебапите во една од постарите кафеани во овој дел од градот“ (ФОТО: Премиерот со семејството во Скопската чаршија). Истиот портал не објави ниту една фотографија или информација за нападот врз четириесетина граѓани во ЛГБТИ центарот, кој се случи неколку часа подоцна во непосредна близина на кафеаната во која премиерот уживал во ќебапите.
Хроника на едно (не)најавено насилство
Во анализата И претепување среде бел ден на плоштад – некои медиуми ич не ги засега! беше укажано дека „немаше новинарско известување во прво лице за нападот врз ЛГБТИ центарот во Стара чаршија и присутните на промоцијата“. Имено, немаше новинар(к)и и камери да ја регистрираат омразата на големата група маскирани лица, кои за дваесетина секунди го демолираа ЛГБТИ центарот, додека се промовираше водичот за здравствени права на трансродовите лица.
Иста така, медиумите не покажаа особен интерес ниту за известување од „местото на злосторството“. На прсти можат да се избројат медиумите кои го посетија ЛГБТИ центарот, кои пренесоа изјави од жртвите на нападот и кои обезбедија официјални информации од МВР. При известувањето, само неколку новинар(к)и го поврзаа нападот во „Старата чаршија“ со насилството што се случи неколку часа претходно на „Плоштад Македонија“, на местото каде што биле собрани учесници на т.н. „Контра геј-парада“.
Нема етичко оправдување за незаинтересираноста на медиумите за сеопфатно покривање на настанот, затоа што новинар(к)ите, исто како и полицијата, ги имаа сите потребни информации дека е можно да се случи насилство мотивирано од омраза на 22.06.2013:
-Бројни коментари на електронските медиуми и на социјалните ширеа омраза и повикуваа на насилство кон ЛГБТ лицата, особено по објавените непроверени информации дека на 22.06.2013 ќе се одржува геј парада, како и по „coming out“ на актерот Петар Стојковиќ;
-На веб портали на албански јазик, исто така, беше ширен говор на омраза проследен со отворени повици за насилство кон ЛГБТ лицата и кон центарот за поддршка на ЛГБТИ во Стара чаршија, непосредно пред „Неделата на гордоста“;
-Центарот за поддршка на ЛГБТИ во Стара чаршија веќе беше мета на претходни напади;
-Активистите на организаторите на „Неделата на гордоста“ и претходно беа жртви на физички напади, говор на омраза и попречување на нивните активности во Битола, Тетово и Скопје (нападот на активисти на „Маршот за толеранција“, во ноември 2012);
-Најпосле, на 22.06.2013 организаторите испратија и соопштение до медиумите дека очекуваат од МВР „да ги преземе сите неопходни мерки за заштита од насилство, дискриминација и ширење омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и да овозможи мирно и непречено одвивање на планираните активности во „Неделата на гордоста“.
Недејствувањето на новинар(к)ите и на МВР
Повеќето медиуми, кои известија за насилството од 22.06.2013, пренесоа информација дека СВР Скопје работи на случајот за пронаоѓање на сторителите. Ретки беа медиумите кои укажаа дека присутните претставници на МВР не успеаја да го спречат насилството врз учесниците на „Неделата на гордоста“.
Новинар(к)ите не беа посебно заинтересирани да истражуваат зошто МВР не успеа да го спречи бруталното насилство (кое вклучуваше и напад врз полицаец) и зошто не успеа да фати барем еден од сторителите, иако повеќе припадници на полицијата беа во непосредна близина на ЛГБТИ центарот за поддршка токму со задача да спречат насилство. Немаше посебни новинарски прашања до МВР за улогата и однесувањето на полицајците во близина на местото на злосторството.
Најголем дел од медиумите продолжија да се однесуваат како да е сосема нормално тоа што се случило брутално насилство од неколку десетици маскирани лица во центарот на Стара чаршија во присуство на полицијата и што МВР нема утврдено идентитет на барем еден од сторителите. Само еден медиум имаше посебен интерес за обезбедување на официјални информации и критички пристап кон неефикасноста на МВР:
„И девет дена од претепувањето на [Р.Ш.] на Плоштадот Македонија и демолирањето на ЛГБТИ центарот во Старата скопска чаршија од страна на група хулигани, учесници на контра геј парадата, МВР тапкаат во место без никаква информација за сторителите.“(И девет дена по дивењеето на контра-геј хулиганите МВР „во бунило“, 1.07.2013).
Медиумите не покажаа посебна заинтересираност за покривање на апелите на здруженијата на граѓани до МВР да даде информации до каде е постапката за откривање на лицата кои вршеа насилство на плоштадот и го каменуваа ЛГБТ центарот и домот на актерот Петар Стојковиќ.
Објавување информации кои ја загрозуваат безбедноста
„…секој новинар е важно да знае дека слободата на говорот оди само дотаму додека не ги загрозува слободата, правата или физичката безбедност на другите луѓе, општествени групи или поединци“ (Прирачник за етиката во новинарството)
Непосредно по нападот на „Неделата на гордоста“ неколку медиуми на албански јазик објавија информација од Фејсбук профилот на еден активист за правата на ЛГБТ, без негова дозвола. Информацијата беше врамена како „СКАНДАЛ: Претседателот на ЛГБТ тешко ги навреди Албанците!“, иако стануваше збор за лична реакција од страна на жртва на нападот, која не беше упатена општо кон Албанците, туку кон „Албанците хомофоби“.
Истите медиуми ги премолчеа стотиците вулгарни коментари на социјалните мрежи што повикуваа на насилство кон ЛГБТ, а објавија материјал (информација, слика, коментар) за кој постои голема веројатност дека ќе предизвика непријателство или омраза спрема некого поради неговата сексуална ориентација. Наместо да застанат во одбрана на жртвите на насилството, новинар(к)ите придонесоа за поттикнување на говор на омраза и насилство преку лажно генерализирање (кое игнорира дека коментарот е упатен кон хомофобите).
(Не)известување за (не)осудувањето на насилството
Само неколку медиуми известија за осудата на насилството од страна на неколку помали политички партии и од страна на повеќе дипломати. Само неколку медиуми известија за новиот напад на центарот за поддршка на ЛГБТИ (на 05.07.2013), непосредно откако неколку амбасадори го оценија нападот од 22 јуни како многу сериозен и побараа успешна истрага и казнување на сторителите.
Наместо да овозможат да се чуе гласот на безгласните жртви на хомофобичното насилство, повеќето медиуми продолжуваат да го игнорираат насилството врз ЛГБТ и неефикасноста на МВР во пронаоѓање на насилниците.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Фотографија: Леланд Франциско