Книжевноста и тоталитаризмот

17.07.2013 12:42
Книжевноста и тоталитаризмот

На почетокот на мојот прв говор реков дека ова не е време на критиката. Ова е време на борба, а не рамнодушност, време во кое е посебно тешко да се види книжевната вредност во книга со чии заклучоци не се согласувате. Политиката - политиката во најопшта смисла - ја преплави книжевноста до мера која излегува од границите на нормалата, а тоа ја доведе до нашата свест борбата која секогаш се одвива помеѓу поединецот и заедницата. Кога ги разледувате тешкотиите на пишувањето на чесна, непристрасна критика во време како нашето, почнувате да ја сфаќате природата на опасноста што се надвиснува над целата книжевност во времето што доаѓа.

Живееме во време во кое независниот поединец престанува да има илузија дека е независен. Во сè што кажавме за книжевноста и особено во сè што кажавме за критиката инстинктивно ја земавме независноста на поединецот као постоечки факт. Целата модерна европска книжевност - зборувам за книжевноста на изминатите четиристотини години - е изградена врз концептот на интелектуалната чесност или ако ви е подраго, врз Шекспировата максима: „Биди искрен кон самиот себе“. Првата работа која ја бараме од писателот е да не лаже, да каже што навистина мисли и чувствува. Најлошото нешто што може да го кажеме за едно уметничко дело е дека тоа е неискрено. А тоа уште повеќе важи за критиката отколку за уметничката книжевност, во која извесна количина извештаченост и неприродност, па дури и извесна количина слепило, не пречат сè додека писателот во основа е искрен. Модерната книжевност во суштина е прашање на поединецот. Таа или е искрен израз на она што еден човек го мисли и го чувствува, или не е ништо.

Како што кажав, тоа гледиште го земаме како готова работа, па сепак, штом таа мисла ја вообличите во зборови сфаќате дека книжевноста е загрозена. Зашто ова е време на тоталитарната држава која не допушта и веројатно не може да допушти каква било слобода. Кога го споменувате тоталитаризмот, веднаш помислувате на Германија, Русија, Италија, но мислам дека мораме да се соочиме со можноста тој феномен да стане општ и светски. Очигледно е дека на времето на слободниот капитализам му доаѓа крај, и дека една држава по друга воведуваат централизирана економија која можете да ја наречете социјализам или државен капитализам, како сакате повеќе. Со тоа престанува економската слобода на поединецот, а во голема мера и неговата слобода да прави што сака, сам да ја избере својата работа и да се движи слободно каде што сака. Сите неодамнешни импликации на тоа не беа предвидени. Никогаш не се сфати во целост дека исчезнувањето на економската слобода ќе има некаков одраз врз интелектуалната слобода. За социјализмот секогаш се мислеше како за некој вид морализиран либерализам. Државата ќе се погрижи за вашиот економски живот и ќе ве ослободи од стравот од сиромаштија, невработеност и слично, но нема да има потреба да се меша во вашиот приватен интелектуален живот. Уметноста ќе може да цвета како во времето на либералниот капитализам, па и уште повеќе, бидејќи уметникот повеќе нема да биде под економска принуда.

Сега, врз основа на постоечките факти, морате да признаете дека тие идеи се изневерени. Тоталитаризмот ја укина слободата на мислата до мера непозната за кое било претходно време. Важно е да се забележи дека контролата на мислите не постои само во негативна, туку и во позитивна смисла. Не само што ви забрануваат да изразите - дури и да замислите - одредени идеи, туку и ви диктираат што морате да мислите, создаваат за вас една идеологија, се обидуваат да владеат со вашиот емоционален живот и да воспостават систем на раководење. Во најголема можна мера тоталитаризмот ве изолира од останатиот свет, ве затвора во вештачки универзум во кој немате мерила за споредба. Тоталитарната држава настојува по секоја цена да ги контролира мислите и чувствата на своите поданици барем во иста мера во која ги контролира нивните постапки.

За нас овде е важно следното прашање: може ли книжевноста да преживее во таква атмосфера? Мислам дека мора кратко да се одговори дека не може. Ако тоталитаризмот стане глобален и постојан, она што сме го знаеле како книжевност ќе престане да постои. И нема да биде доволно да се каже - како што првично би можело да изгледа прифатливо - дека ќе исчезне само книжевноста на постренесансна Европа.

Постојат неколку важни разлики помеѓу тоталитаризмот и сите ортодоксни системи од минатото, било во Европа, било на Исток. Најважно е дека ортодоксните системи во минатото не се менувале или барем не се менувале брзо. Во средновековна Европа црквата диктирала во што мора да верувате, но барем дозволувала да ги задржите истите верувања од раѓањето до смртта. Не ви велела да верувате во една работа во понеделник, а во друга во вторник. Истото, во поголема или помала мера, се однесува и на христијаните, хиндусите, будистите или муслиманите денес. На одреден начин нивните мисли се ограничени, но тие целиот свој живот го проживуваат во истиот систем на мисли. Нивните чувства не се под притисок.

Кај тоталитаризмот е сосема спротивно. Особеност на тоталитарната држава е да ги контролира мислите, но да не ги утврдува. Таа воспоставува неоспорни догми и ги менува од ден на ден. Нејзе ѝ требаат догми, бидејќи ѝ е потребна апсолутна послушност на поданиците, но не може да ги избегне нивните промени кои се предизвикани од потребите на политиката на сила. Се прогласува за непогрешлива, а истовремено го напаѓа самиот концепт на објективна вистина. Да земеме груб, очигледен пример - секој Германец до септември 1939 мораше да гледа на рускиот бољшевизам со страв и одбивност, а по септември 1939 мораше да го гледа со восхит и симпатии. Ако Русија и Германија влезат во војна, што може да се случи во следните неколку години, ќе се случи друга, подеднакво силна промена. Емоционалниот живот на Германецот, неговата љубов и омраза, мораат, според потребите, да се променат преку ноќ. Мислам дека не треба да се укажува на влијанието на сето тоа врз книжевноста. Затоа што пишувањето во голема мера е прашање на чувства кои не можат да се контролираат однадвор. Лесно е со празни зборови да се приклониме кон ортодоксниот систем на даден момент, но пишувањето од какво било значење е можно единствено кога човекот ја чувствува вистината на она што го говори; без тоа, творечкиот поттик не постои. Сите факти кои ги знаеме навестуваат дека изненадните емоционални промени кои тоталитаризмот ги бара од своите следбеници се психолошки невозможни. Тоа е главната причина поради која верувам дека доколку тоталитаризмот победи во целиот свет, книжевноста каква што ја познававме до сега повеќе нема да постои. Всушност, до сега тоталитаризмот имаше такво влијание. Во Италија книжевноста беше осакатена, додека во Германија речиси престана да постои. Најкарактеристична активност на нацистите беше палењето книги. Дури ни во Русија книжевната ренесанса која некогаш ја очекувавме не се случи, а писателите кои најмногу ветуваа покажаа изразита склоност кон самоубиство или исчезнуваа во затвор.

Претходно реков дека либералниот капитализам очигледно се ближи до својот крај, и можеби затоа изгледаше дека тврдам дека слободата на мислата е неизбежно мртва. Но, не верувам дека е така и едноставно во заклучокот би рекол дека верувам дека надежта во спас на книжевноста лежи во оние земји во кои либерализмот пуштил најдлабоки корени - во невојничките земји, во западна Европа и двете Америки, Индија и Кина. Верувам, што не мора да биде повеќе од побожна надеж - дека иако доаѓа време на колективизирана економија, тие земји ќе знаат да создадат облик на социјализам кој не е тоталитарен, во кој слободата на мислата ќе успее да го преживее исчезнувањето на економскиот индивидуализам. Тоа е, во секој случај, единствената надеж за која може да се фати секој кој се грижи за книжевноста. Секој што ја чувствува вредноста на книжевноста, секој што ја гледа централната улога која таа ја има во развојот на човековата историја, исто така мора да сфати дека спротивставувањето на тоталитаризмот е прашање на живот или смрт, без оглед на тоа дали ни е наметнат одвнатре или однадвор.

Говор на Би Би Си, Прекуморска служба.
Објавено во Listener, 19 јуни 1941

Слики: Шејн Канингам

ОкоБоли главаВицФото