Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми (2)

18.07.2013 07:20
Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми (2)

Свиња

По ѓаволите со сите сонувачи.
Многу знаат ломбаците
до кај ми допираше чурилката.

Ќе легнев овдека
и со гровтање
дури зад суводолицана
гробиштата ќе ги разбуричкав.

Што ќе му живот на живиот
што ќе му спокој на мртвиот.

Коските ќе се споулават.
Ниту се веќе покојници тивки
ниту ќе се поткренат
да се веднат над дневници
со тајноречници на своето Вчера.

Златни времиња. Свински.
Ене сум сега в баџа
со чад ме оклопуваат.


Наздравица

Череп на дланка. Во него крви.
В коски лут ветар. В месо куп црви.

Мртовци в песок. Чкрипот на ребра.
Од солен Солун до кисел Дебар.

На бели гранки суртуци висат
Од солен Солун до Дебар кисел.

И пијам. Пијам. Под синџир волен.
За Дебар кисел. За Солун солен.

И пијам. Пијан станувам дембел.
Лежам и чекам јатаган в чкембе.

Лежам и чекам. Чума ме зоба.
На дланки череп со отров зелен.
Пијам и ревам в ниедна доба -
јас Итар Пејо... бог... надбог... скелет.


Загатливи балкански прашалници

Од рани и гниеж и денот е сивост.
В ум чакалски трупот дали значи живот?

Пресечени глави под нив крв се шири.
В клун орелски смртта каков има мирис?


Бродолом

Напни модри едра
на грлото свое -
доаѓа плима
ќе раснеш,
јарбол си в кичма.
После ќе плисне ветар -
ќе те скине,
ќе ги растури в море
твоите парчиња ситни.
Ќе ѕвечат ленгерите болно.
Потем ќе никнат
неколку бели жени.
Ќе те лепат
парче по парче
парче по парче.
Една ќе состави рака
парче по парче
друга ќе состави нога
парче по парче
трета ќе состави глава
парче по парче.
Ќе гори нивното млеко.
Само долу
на дно море,
Гроздане, бандо една,
тамбуро сува,
муцко во пена врела,
слушаш: на дно море
ќе остане сплеткана в треви
твојата смеа,
на дно море, ти велам.


Песји шуми

Таа само на бал е
со маска на череп.
Прастара од вечна младост
со раце на кои селидби
испишале свои жизнописи
пребројува песји шуми
во кои си го оставил
својот век неизрек.

Ќе се најде збор
ќе се втисне на чело,
ќе се најде втор
ќе се обеси на шија,
ќе се најде трет
ќе се нурне под јазик.

Така од стебло до стебло
се онемува под молни.

Додека некои со јазик
длабеа во камен колепка
ти и јас со Смртта
во круг се вртевме.

Можеш ли да не се зачудиш:
во песјите шуми
сенка ни ја меле пченицата.

Како сега да не залаеш?

Кон првиот дел

Од збирките: Астропеус, 1979 (Свиња), Евангелие по Итар Пејо, 1966 (Наздравица, Загатливи балкански прашалници), Леб и камен, 1957 (Бродолом), Песји шуми, 1988 (Песји шуми)

Слики: ADRIAN GHENIE

ОкоБоли главаВицФото