Шопинг мол

18.07.2013 09:12
Шопинг мол

Виртуелен живот во забарикадирана бетонска коцка


Наспроти триумфалните порти, барокните фасади, најавените и одржаните фестивали, театарските и филмските премиери, спомениците..., се чини дека културен, па и културолошки настан на сезоната е отворањето на новиот Скопје сити мол. И, се разбира, оваа констатација не ја влечеме од бизарната распродажба на евтина тоалетна хартија (иако и за тоа може да се дебатира), ниту од евидентниот факт дека во некои идни, далечни, времиња, некои тогашни археолози нема да го препознаваат нашето време по барокните споменици, туку по храмовите на нашето доба, маркерите на потрошувачкото општество во кое живееме – шопинг моловите.

Не дека Скопје нема трговски простор. Напротив, го има и премногу. Речиси секое маало има не еден, туку повеќе главно неискористени трговски центри. Што е тоа тогаш она што жителите на македонската метропола ги тера непрекинато и масовно да ги посетуваат и досегашните два шопинг мола („Рамстор“ и „Веро“), а таа навика, повеќе е од јасно, ќе ја префрлат и на новиот шопинг мол? Одговорот е парадоксален, иако е едноставен. Тоа е инстинктивното препознавање на сопствената положба наспроти себе и наспроти светот.

Имено, основната разлика меѓу класичните трговски центри и шопинг моловите е токму во нивната архитектонска поставеност. Трговскиот центар по дефиниција е отворен, транспарентен, видлив и препознатлив, со приоди од сите страни. Во него лесно се влегува и излегува, а многу често служи и само како транзит, како простор низ кој луѓето поминуваат за да стигнат од точката А до точката Б. И тоа без задржување. Наспроти него, шопинг молот е затворен. Опкружен со цврсти ѕидови. Нема излози и надворешниот свет не смее да види што се случува внатре. Надворешниот свет не влијае и не смее да влијае врз она што се случува внатре. Дури најчесто не се дозволува ни пробивање на природната светлина. Значи, светлоста е вештачка и секогаш на исто ниво, така што се создава илузија на „силно светнал ден“. Едноставно, се брише анималната поделба на ден и ноќ. Дури се пазари – нема одмор.

Се разбира, ако сакате да ѕирнете што се случува во тој свет, тогаш треба да влезете. Но, откога ќе се влезе, веќе тешко се излегува. Шопинг молот, значи, е симулација на реалното егзистирање, своевиден виртуелен свет што е самодоволен и самозадоволен во сопствените граници, односно во своите четири ѕида. Со своите книжарници, кино-сали, кафеани, па и игрални за вашите деца, тој ги задоволува минималните културни и социјални потреби на човекот, а со својот асортиман на трговска стока го задоволува сето останато. Ако беше предвидено и место за преспивање, тогаш може лесно да се замисли дека еден просечен човек (или потрошувач, како што милуваат да кажат трговците) може да го помине целиот живот во таа чудна бетонска коцка, без да има никаква потреба да дознае како живее надворешниот свет.

Во таа смисла, шопинг молот е прилично фамилијарен со македонскиот просечен граѓанин. Како да е граден по примерот на македонската држава. Македонскиот резидент мошне добро знае како изгледа да се живее виртуелен живот; да се живее во наводно отворен простор, од кој тешко се излегува и кој не трпи влијание од надворешниот свет, ниту има амбиции да влијае врз надворешниот свет; каде што, ако имате минимални културни и социјални потреби, место за преспивање и, се разбира, соодветен шопинг мол, можете да го поминете целиот живот без да забележите (и, уште повеќе, без да ве интересира) што се случува таму некаде надвор.

Парадоксот е токму во сличностите, а не во разликите. Зошто некој би одел некаде да ја гледа симулацијата на сопствениот живот? Затоа што шопинг молот не продава слики и претстави, ниту продава потреби, туку продава – желби. Тој е, нели, виртуелна стварност во барикадиран свет. Шопинг молот ви праќа порака дека и во затворен систем има надеж; дека е убаво да знаете дека сите ваши потреби може да се задоволат во тие неколку илјади квадратни метри; дека, иако просторот е релативно мал, ви треба многу време да го прошетате и дека, кога повторно ќе дојдете, ќе видите нешто ново.

Историски гледано, шопинг молот е само продолжување на прастарата трговска филозофија на меркантилистичката продуктивност: „да се продаде најмалку корисната работа за најмногу пари“. Во случајот на овие шопинг центри, оваа максима е малку видоизменета и би можела да гласи: „на најмал можен простор да се потрошат најмногу пари“. Идејата во суштина е произведување на потребите кај потрошувачите – ако ви требало едно пакување тоалетна хартија, вие ќе купите десет; ако не ви треба ниту една паштета, вие ќе купите пет. Во таа смисла, како претходница на шопинг моловите се спомнуваат разно-разни пазари од античко доба, но вистински предок на овие потрошувачки монструми е обилно посетената од македонските туристи (секогаш кога имале можност) истанбулската Капали чаршија, која, ако им се верува на историчарите, уште во XV век, на купувачите, во покриен простор, им нудела разни, главно непотребни џиџи-миџиња. Енциклопедиите и интернет-страниците посветени на оваа тема ви нудат увид и во Гостинскиот дворец во Санкт Петерсбург, кој на 53.000 квадратни метри, ги отвори своите стотици продавници уште во 1785 година.

Сепак, за она што денес го познаваме како шопинг мол најзаслужен е натурализираниот американски архитект Виктор Дејвид Грин, кој во 1956 година го проектирал центрот Саутдејл во Едина, предградие на Минеаполис. Фактите велат дека уште во времето кога се викал Виктор Давид Гринбаум и студирал на Академијата за убави уметности во родната Австрија, од каде што бега по Аншлусот, Грин размислувал за затворен трговски центар, кој во суштина би требало да биде вистински мини-град, заедно со станбени блокови, клиника, училишта, парк, езеро..., при што шопинг молот би требало да биде центарот на урбаната целина. Но, инвеститорите, такви кави што се, остануваат заинтересирани само за оној дел од архитектонските идеи што ќе влијае врз психологијата на потрошувачите. Конечно, самиот Грин има изјавено дека сака да создаде таков ентериер каде што „купувачите ќе бидат маѓепсани со опкружувањето, па непрекинато ќе бидат поттикнувани да купуваат“. Бадијала изјавите на Грин во подоцнежните години дека Саутдејл е „копиле“ на неговите идеи, веќе „интровертните“ центри, стануваат тренд на потрошувачкото општество.

Иако Скопје не може да се пофали со голем број шопинг молови, поточно, освен новиот Скопје сити мол, во вистинска смисла на зборот постојат уште само два: „Рамстор“ и „Веро“, фактот дека најголемите инвестиции во Македонија, всушност, се инвестициите во овој тип трговски центри, како и најавените следни потфати од овој тип, јасно говори дека кај нас ваквиот начин на продажба не е погоден од никаков вид финансиска криза. Конечно, во нашата земја речиси сите стопански гранки, на овој или оној начин, се соочија речиси со сопственото пропаѓање. Освен шопинг моловите, се разбира.

Втората компонента што шопинг моловите ги прави толку интересни за овдешниот конзумент, секако е пријателската атмосфера што тие ја создаваат. Перформансите, свирките, клупите... сето тоа на посетителот му говори дека дека се наоѓа во пријателско, безмалку домашно опкружување, односно му дава чувство на припадност, или, уште повеќе, на заедништво со останатите посетители, нешто што толку недостасува во надворешниот микро и макро свет. Во таква ситуација лесно се одомаќинувате, па дури и закажувате средби со пријатели во овие шопинг молови. Конечно, психолозите велат дека шопинг-моловите се посебен свет, каде што преку купување се обидувате да се вклопите во идеалите што ви ги наметнуваат маркетиншките пораки. Затоа е и толку тешко да им се пружи отпор. Тие го претставуваат нашиот пат до совршенството. А ако има и евтина тоалетна хартија, тоа му доаѓа како бонус.

Затоа, ајде да се најдеме во Скопје сити мол!

Извор: Граѓански
Слики: Марјан Кристофер Захаров

ОкоБоли главаВицФото