1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
Малкумина се оние кои ја живееле филозофијата на новиот општествен поредок заснована врз слободата која не ги ограничува човечките закони и кои во практика ја оживеале теоријата за начинот на кој сите облици на власта се темелат врз насилството, докажувајќи дека токму затоа и се погрешни, штетни и непотребни. Помеѓу нив секако се издвојува Ема Голдман.
Таа го сфаќала својот радикализам многу сериозно – не само што ги ширела своите убедувања, туку и ги практикувала. Енергијата која ја вложувала во анархизмот, кој тогаш бил сосема непопуларна идеја, нејзината извонредна искреност, храброст и способност, дури и денес наидуваат на сè поголемо разбирање и восхит.
Бунтовничка во најраната младост
Ема Голдман (1869-1940), американска политичка активистка, позната како една од првите претставнички на анархо-комунизмот и феминизмот e родена во царска Русија, во семејство со еврејско потекло. Како и сите конзервативни семејства од тоа време, родителите на Ема биле сосема убедени дека нивната ќерка ќе се омажи и ќе основа семејство, дека ќе биде добра и религиозна жена. Како и повеќето родители, тие не насетувале каков чуден, страстен дух ќе ја обземе душата на нивното дете.
Уште во времето на нејзината најрана младост, во срцето на Ема Голдман било посеано семето на бунтот и на неумоливата омраза кон потчинувањето. Како многу мала била сведок на „убавините на државата“: видела како христијанските чиновници го малтретираат нејзиниот татко и двојно го прогонуваат, затоа што бил ситен службеник, но и омразен Евреин. Таа ги познавала маките на сиромашните селани и била сведок на постојаната поткупливост на службениците, кога богатите се спасувале од неволјите на сметка на сироимашните. Злоупотребуваните слугинки често наоѓале засолниште во домот на семејството Голдман, а малото девојче крадело ситни пари од фиоките на своите родители кои потоа тајно им ги давало на несреќните жени.
Со тек на време во семејството Голдман дошло до судир на генерациите. Родителите не можеле да разберат како нивната ќерка можела да се интерсира за новите идеи кои тие самите ги сметале за утописки, што водело кон секојдневни расправии. Кога имала тринаесет години, Ема со своето семејство се преселила во еврејското гето на Санкт Петерсбург, каде што атмосферата била наелектризирана од идејата за револуција. Како посветена читателка, Голдман ги впивала содржините од забранетите романи и од политичките трактати, а своите идоли ги пронашла во младите жени кои ѝ биле сосема предадени на револуцијата. Сакала да учествува во создавањето на новиот свет на еднаквост, правда и семеен склад.
Америка, „ветената земја на потчинетите“
Во 1886 година, Голдман емигрирала во САД исполнета со радосна надеж за големата, слободна земја, но следувало големо разочарување кога започнала да се запознава со условите за живот. Наскоро добила работа во текстилната фабрика „Garson Co“. Во тоа време немало погонски машини во фабриките, па кројачките морале да ги придвижуваат тркалата со своите нозе, што претставувало исцрпувачка работа, а секојдневното мачење поминувало во целосна тишина. Девојките не биле малтретирани само од економска перспектива: ако некоја од нив се осмелела да го одбие додворувањето од своите надредени, набрзо би се нашла на улица. Но никогаш не недостасувале доброволни жртви: понудата ја надминувала побарувачката. Сето тоа најпосле довело до нејзиното приклучување во анархистичкото движење. Таа започнала да се запознава со книжевноста на социјализмот и анархизмот, ги посетувала јавните собири и се запознала со работниците кои имале социјалистички и анархистички идеи.
Во 1886 година, еден шокантен политички настан ѝ го променил животот. Сакајќи да му се спротивстават на бруталното задушување на штрајкот во компанијата на Мекормик Харвестер, работниците и радикалните активисти одржале масовен митинг на плоштадот Хајмаркет во Чикаго. Експлодирала бомба, која усмртила седум полицајци и повредила многу демонстранти. За инцидентот биле обвинети осум анархисти, седум од нив биле осудени на смрт со бесење и еден на петнаесет години затвор. Иако доказите за време на судењето не биле конклузивни, четворица од обвинетите биле погубени, а останатите биле помилувани по неколку години. Кога дознала за судењето и ги чула ставовите на анархистите, Голдман веднаш ја препознала сличноста помеѓу нивните идеи и идеите на руските популисти. Започнала да чита сè што можела да пронајде за анархизмот.
Првото апсење и „Mother Earth“
Во меѓувреме, анархистите развиле ревносна пропаганда помеѓу невработените и штрајкувачите. Биле одржани големи демонстрации на текстилните штрајкувачи и невработените на Јунион Сквер во Њујорк. Ема Голдман била една од повиканите говорници и одржала страстен говор кој му претходел на нејзиното прво апсење. Во октомври 1893 година се одржало нејзиното судење во казнениот суд во Њујорк и таа била обвинета за поттикнување бунт. Била прогласена за виновна и осудена на една година затворска казна која ја поминала на островот Блеквел. Од основањето на Републиката, таа била првата жена која била затворена како политичка затвореничка. По ослободувањето од затворот, се стекнала со углед во радикалните редови заради својата преданост, идеализмот и искреноста. Истовремено работела и како медицинска сестра, нешто што го научила во затворот.
Врз основа на својот сè поцврст став дека „најнасилниот општествен елемент е незнаењето“, Голдман го основала политичкото и книжевно списание „Mother Earth“ (1906-1917). Списанието не било само форум за анархистичките идеи и новостите за меѓународните движења, туку и место за објавување на поетските и театарските критики. Тоа ги запознавало своите преплатници со делата на драматурзите како Ибзен, Стринберг и Шо, но и со политичките илустратори и уметниците како Ман Реј. Како што се зголемувал меѓународниот углед на Ема Голдман, така и во Европа постепено се ширело влијанието на списанието и неговата читателска публика. Значајниот напредок на анархистичките идеи во Америка може најдобро да се процени според завидниот успех на трите долги предавачки турнеи, при што секоја од нив опфаќала ново подрачје. Најголемиот успех на неуморните напори на Голдман бил неверојатниот пораст на продажбата на анархистичката книжевност, чиј пропаганден ефект бил непроценлив.
Борба за сексуално и економско ослободување на жените
Ема Голдман ќе остане запамтена и по својот пионерски придонес во ослободувањето на жените. Таа била една од првите жени кои се залагале за контрацепцијата како за основен елемент во рамки на поголемата битка за сексуално и економско ослободување. Таа верувала дека законот кој им оневозможува на жените пристап до контрацепцијата е симптом на генералната општетствена и економска неправда, како и посебен облик на потчинување на жените. Таа продолжила да инсистира на својот став дека битката за женската контрола над сопственото тело е само дел од пошироката борба против социјалните, економските и политичките нееднаквости. Не се согласувала со другите феминистки од нејзиното време. Таа го критикувала женското движење на суфражетките, укажувајќи дека правото на глас нема на вистински начин да одговори на прашањето за ослободувањето на жените од работничката класа, ниту пак ќе обезбеди подобар облик на власт. Посебно е интересно нејзиното предавање за „Љубовта и бракот“ во кое таа го анализира ослободувачкиот потенцијал на слободната љубов наспроти крутите аспекти на брачниот живот.
„Барам независност за жената, за нејзиното право самата да се издржува, да живее за себе, да го сака тоа што самата ќе го избере. Барам слобода за двата пола, слобода во дејствувањето, слобода во љубовта и слобода во мајчинството.
Нејзиното неуморно нагласување на значењето на правото на слободата на говор во демократското општество најпосле го поплочило патот кон примената на правата наведени во Првиот амандман. Рушејќи ги огромните пречки на патот кон слободата на говорот, Голдман страдала поради придржувањето до своите принципи. Поголемиот дел од својот живот таа го поминала под надзор, безброј пати била апсена и затворана, а своите последни 18 месеци во Америка ги поминала во затвор поради најразлични обвиненија. Сопствените зборови на Ема покажуваат колку многу е актуелна нејзината борба и денес: „Мнозинството секогаш ја предава својата судбина во рацете на другите. Неспособно да преземе одговорност, тоа ги следи своите водачи, дури и во пропаста. Без амбиција и иницијатива, масата не мрази ништо толку многу како иновациите.“
Извор: voxfeminae.net