Европа треба да го заштити Едвард Сноуден

19.07.2013 08:58
Европа треба да го заштити Едвард Сноуден

На 12 октомври 2012 Европа ја доби Нобеловата награда за мир поради придонес за „унапредување на мирот и помирувањето, демократијата и човековите права во Европа.“ Сега ЕУ треба да покаже дека е достојна за оваа награда и дека има волја да ја одбрани слободата на информациите, без оглед на стравот од политички притисок од страна на нејзиниот таканаречен најблизок сојузник - САД.

Сега кога Едвард Сноуден, младиот Американец кој го разоткри глобалниот систем за надзор познат како Призма, побара азил од 20 земји, државите од ЕУ би требало да му посакаат добредојде.

Иако САД остануваат светски лидер во приврзаноста кон идеалот на слобода на говорот, американскиот став кон „свиркачите“ фрли дамка на првиот амандман од американскиот устав.

Во 2004 година, специјалниот пратеник на ОН за слобода на говорот и неговите колеги од Организацијата на американските држави (OAS) и Организацијата за европска безбедност и соработка (OEBS) објавија заеднички повик до владите да ги заштитат „свиркачите“ од сите „законски, административни или работни санкции доколку постапувале со добра намера“. „Свиркачите“ се дефинирани како „поединци кои разоткриваат доверливи или тајни информации иако имаат законска или друга обврска да ги чуваат“.

Неодамна, поточно во 2010, парламентарното собрание на Советот на Европа одлучи дека „дефиницијата за заштитено разоткривање ќе ги вклучува и сите предупредувања дадени со добра намера, кои се однесуваат на различни видови незаконски акти“. Резолуцијата 1729 заклучува дека законите на државите членки „се должни да ги заштитат свиркачите како од државниот, така и од приватниот сектор, вклучувајќи ги и вработените во војската и посебните служби“.

Едни бараат да се гони Сноуден затоа што е предавник, додека други се обидуваат да го обвијат прашањето со правни нејаснотии. Но која сериозна личност може да порекне дека Сноуден е „свиркач“?

Откритието на овој стручњак за дигитална комуникација му овозможи на меѓународниот печат, вклучувајќи ги и Вашингтон Пост, Гардијан и Шпигел, да ја запознае јавноста со системот за надзор со кој се следат десетици милиони граѓани, вклучувајќи и Европејци.

Соочени со апарат кој го загрозува нивниот суверенитет и нивните принципи, земјите од ЕУ му должат на Сноуден благодарност за неговото откритие, кое очигледно е од општ интерес.

Овој млад човек ќе остане напуштен во транзитната зона на московскиот аеродром само ако државите од ЕУ ги напуштат своите принципи кои се голем дел од причините за постоење на оваа заедница. Дипломатските протестни ноти ќе останат празна приказна ако Сноуден се изолира и биде оставен на цедило.

Освен неопходноста за пружање на правна заштита на „свиркачите“, заштитата на приватноста е неспорно работа од општ интерес, посебно кога станува збор за слободата на информациите. Франк Ла Руе, специјалниот пратеник на ОН за слобода на изразувањето, во извештајот од јуни минатата година забележува дека „арбитарни и незаконити повреди на правата на приватност... ја загрозуваат заштитата на правото на слобода на мислењето и изразувањето“.

Доверливоста на пишаната или усната комуникација е неизоставен елемент во гарантирањето на уживањето на слободата на информирање. Но сега кога новинските извори се загрозени, како што се случи во случајот на Associated Press; кога САД го злоупотребуваат Актот за шпионажа, закон од 1917 година на кој до сега во борбата против „свиркачите“ државата се повика девет пати, од кои администрацијата на Обама дури шест пати; кога владата се обидува да го замолчи Викиликс така што наметнува финансиска блокада на таа организација и ги подложува нејзините членови на незгодни пребарувања кога се наоѓаат во САД, а на основачот на сајтот и неговите колеги им се заканува со кривично гонење; тогаш во Америка е загрозено и нешто повеќе од демократијата.

И навистина, моделот на демократија за чие зачувување се одговорни наследниците на Томас Џеферсон и Бенџамин Френклин е лишен од својата суштина.

По кое право САД се изземени од начелото на чија примена инсистираат кога станува збор за другите држави?

Во јануари 2010, државната секретарка на САД, Хилари Клинтон, одржа историски говор во кој ја дефинираше слободата на изразување како камен темелник на американската дипломатија. Истиот став го нагласи во уште еден говор од февруари 2011, во кој рече дека „кога станува збор за интернетот, ние стоиме на страната на отвореноста“.

Елоквентни зборови. Можеби ги охрабрија дисидентите во Техеран, Пекинг, Хавана, Асмари, Ашхабад, Москва и многу други престолнини. Но колку е разочарувачко сознанието дека американските облакодери на надзорот ја достигнаа висината на големиот кинески технолошки ѕид.

Пораката на Белата куќа и Стејт Департментот за демократијата и заштитата на човековите права ја изгуби веродостојноста. Една од назнаките за порастот на загриженоста е и фактот кој го соопшти Амазон - продажбата на Орвеловата 1984 порасна за 6.000%.

Сега, додека големиот брат нè гледа од вашингтонските предградија, клучните институции на американската демократија мораат да ја одиграат својата улога на противтежа на извршната власт и нејзините злоупотреби. Системот на кочница и проверка е нешто повеќе од слоган на страствените читатели на Токвил и Монтескје.

Американските лидери би требало да сфатат дека очигледната противречност помеѓу нивната возвишена ода на демократијата и официјалните државни потези нанесува штета на сликата за нивната земја во светот.

Членовите на конгресот мораат да ја запрат плимата на безбедносни одредби Патриот акта така што ќе ги признаат легитимните права на луѓето кои огласуваат аларм за тревога. Законот за заштита на „свиркачите“ мора да биде изменет за да се обезбеди ефикасна заштита за „свиркачите“ кои постапуваат во општ интерес - интерес сосема различен од непосредната национална загриженост, како што ја нарекуваат разузнувачките служби.

Извор: Le Monde

ОкоБоли главаВицФото