Боксерот нокаутиран од Пахор и Самарас

19.07.2013 12:29
Боксерот нокаутиран од Пахор и Самарас

Премногу е наивно да се мисли дека Пахор дојде во Скопје на обична регионална и билатерална посета или само за да го промовира евробаскетот на кој домаќин е Словенија.

Пахор дојде како претставник на ЕУ, говореше како претставник на ЕУ и упати ултиматум во духот на актуелната настроеност кон Македонија од страна на претставниците на ЕУ. Односно, во духот на некој на кого му е преку глава од лагите и манипулациите на Груевски, од постојаното правдање дека ние сме сакале решение, а Грција бегала од него.

Второ, Пахор е претседател на Словенија, земја која ѝ наметна спор на Хрватска, но тој се реши, по што Хрватска и влезе во ЕУ. Просто кажано, ако Груевски пишува писма до Самарас, ако постојано објаснува како нашиот спор е сосема различен од словенечко-хрватскиот или од српско-косовскиот договор, тогаш ќе му пратиме еден претставник-наметнувач да ја чуе пораката и од него. Овој нокдаун за политиката на Груевски доаѓа речиси во исто време со корпата која Самарас му ја удри на нашиот премиер за лични средби помеѓу двајцата и за алтернативни форми на преговори.

Во кратки црти, тоа што го пишував по повод писмото на Груевски, дека такви маалски финти за дефокусирање на домашната јавност и за глумење конструктивност и иницијативност пред меѓународниот фактор, се покажа дека едноставно не палат и не поминуваат.

Самарас му порача и нешто друго на Груевски, односно, да биде свесен дека не е Грција таа која ја блокира Македонија, туку дека за тоа прашање европската солидарност и понатаму е бетон. Јас верувам дека на Груевски му одговараше да добие таков одговор, затоа впрочем и го напиша писмото. Во момент кога води отворена политика на дистанцирање од Европа, си доби потврда за домашното перење мозок дека и Грција и ЕУ се виновни за нашиот евроинтеграциски застој. Но, сепак не го доби тоа што повеќе го посакуваше, уште малку купено време.

Е, токму заради тоа пораката на Пахор е многу јасна: на 25 јули, на средбата на Брдо кај Крањ, дојдете со конкретен предлог, со конкретна иницијатива за тоа како планирате да продолжите со решавање на спорот. Пораката е воедно ултимативна, не заради вордингот на Пахор, туку затоа што на таа претседателска средба, покрај шефовите на држави од регионот, ќе се појави и францускиот претседател Оланд и најверојатно германската канцеларка Ангела Меркел.

Просто кажано, во Словенија ќе бидеме ставени на тапет, пред претставници на двете најмоќни европски држави. Тука ќе се пресече дали оваа власт има намера и капацитет да продолжи на патот кон Европа или пак на декемврискиот самит влезот на Македонија во ЕУ дефинитивно ќе бидеме замрзнат за најмалку 10-15 години. Трпението на Европа е истрошено, Груевски нема повеќе простор за игранки. Ме плаши само фактот што ќе го официјализира тоа што одамна го знаеме: Збогум Европо!

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото