Конески: Кажувања (7)

03.11.2009 11:39
Martinoski_11.jpg

Првите поетски книги

Мислам дека во тие работи морало да се одразува она што можеме да го наречеме дух на времето. Друго е прашањето дали ќе го определиме тоа со некаква етикета, како што е, на пример, социјалистичкиот реализам. Што се однесува до мене, сигурно, и за мене беше важна социјалната тема. Времето беше такво што по опитот на војната навистина таа тема се јавуваше како доминантна, независно од тоа дали, можеби, и се инсистирало на таа тема. Но, и самиот автор беше психолошки упатен на тоа да бара некои теми со поопшто значење. За мене лично, секако, бил важен и мојот претходен опит, бидејќи јас и неколку години пред тоа сум пишувал на македонски. Од друга страна, мислам дека е важно за мене лично што, имено во тоа време, ја напишав песната „Тешкото”. Еден таков текст стои сам за себе и тој не може да се омаловажува. Инаку, не би рекол дека тој период беше особено плоден кај мене во однос на поезијата, на лириката, иако и во „Мостот” има барем некои партии што стојат.

... Во секој случај би инсистирал на тоа дека моментот беше таков што уште за некое време требаше да се чека па повторно да се сети важноста на интимните теми.

Впечатокот од војната, од сето тоа страшно, што се доживеало, беше сè уште премногу голем. Од друга страна, се разбира, имаше и една идеолошка определба дека треба да се оди кон социјална тема, па ако сакате - кон афирмирање на поставките на социјалистичкиот реализам. И тоа, едното и другото, не можеше да не се одрази барем кај повеќето автори во тој период, особено и поради тоа што нашата литература беше кревка. Тоа беа навистина самите почетоци на нашата литература. И, требаше да помине уште време, да созрева и индивидуалниот и општествениот опит. А сепак, и во тие рамки се постигнало нешто. Затоа го истакнувам примерот со „Тешкото” и веќе тоа може да нè исполнува со извесно задоволство.

... Немаше многу време тој систем да се затврди кај нас. Затоа ние не можеме да судиме по својот опит многу за него. Сигурно дека таму каде што се затврдил и каде што подолго време тој систем се спроведувал, штетите за литературата биле големи... За наша среќа, периодот кога се инсистираше на тој систем, беше кај нас краток. Инаку, од слободата никогаш и не произлегува автоматски резултат на творечката дејност. Човекот треба да знае да ја искористи слободата и да ја осмислува. Самата по себе таа ништо не создава.

 

„Еден опит” - есеј за личната поетика

Текстот еден опит... го напишав летото 1978 година во Дојран... Јас имав во себе, се разбира, еден систем. Тој систем сум го изразувал и сум го следел. Но никако тој систем не сум сакал да го средам и да го усогласам, така да кажам - да можам прецизно да го изложам. Ми се чини, по реакцијата што можев да ја следам, дека доста интересни работи таму сум кажал. (Потоа објавени се уште дестина такви текста). Да, би можело една мала книшка да се издаде од тие мои размислувања за литературата, посебно за поезијата. Но, јасно е, тоа не е чисто научно, строго научно пристапување кон материјата. Тука не може да се бара терминолошка строгост. Кон тоа и самиот не сум се стремел. И пак се сведува сè на една лична поетика, на една ориентација што јас сам за себе сум ја создавал во областа на литературата. Во даден момент ми се чинеше дека нема да биде без интерес со тие погледи да ги запознам и другите... Не сум чувствувал потреба за создавање на некаков кохерентен систем. Сè што можеше да понудам, до тука одев, е изнесување на некои впечатоци. - Она што авторот го изнесува секогаш може да послужи како податок. Тоа е интересно пред сè како податок за натамошни теоретски изучувања на една опширна материја. Бидејќи сите тие прашања дури и не можат да бидат изучени на тесен материјал, само на она што го дава еден автор. Изучувањата се резултатни на една поширока и компаративна основа. - Јас и’ давам предност на науката само во нејзиниот домен. А никако друга предност. Меѓутоа, некои мислат дека поезијата, интуитивното познавање, може да ја замени науката. Јас во тоа не верувам. Поезијата си има свој домен, науката си има свој домен. Тоа е моето уверување. Но, тие домени не се со ѕид преградени. Тука има интеракција, заемно проникнување. Меѓутоа, сепак се знае што е област на литературата, или пошироко, на уметноста, а што е област и метод на науката.

 

За иднината на поезијата

Нашето време е воопшто време на загриженост за судбината на човештвото. Тоа е примарно. Сето друго е секундарно. Со човекот живее сè она што тој го создава и со неговиот упадок, а дури викаат и со неговата пропаст, се разбира и тоа ќе си оди, сето тоа што тој го создал. Така што можеме со исто право да говориме за опасноста во иднината и за науката... (За сè, за сета цивилизација). Па, да. Тоа е една дилема сега пред човека - кој пат да го избира, мислејќи на иднината. И, се разбира, не е лесно патот да се најде. И отаде и загриженост. А, ако некој пишува за поезијата и живее со поезијата, му се чини дека најважно е (благо смеење) дали таа дејност има перспектива. Всушност, сите човечки дејности имаат или немаат перспектива, зависно од тоа какви патишта натаму ќе избере човештвото и до какви решенија ќе стигне.
... Ова што го говорев е важно за мене - тоа е иднината на човештвото. А од инакви, некои нови медиуми на комуницирање, поезијата нема што да се плаши, бидејќи основниот медиум на комуницирање секогаш бил и секогаш ќе биде зборот. А поезијата се базира на зборот. Тоа е, значи, уметнички обработен збор. Спрема тоа, дали во даден момент има криза во однос на рецепцијата на поезијата, дали публиката во даден момент повеќе или помалку се интересира за поезијата, тоа е едно прашање интересно, зашто, тие ситуации се менуваат... Уметноста и живее по тој начин што од авторот проток оди до публиката и одглас се враќа назад. И, може да има осцилации во тој поглед во одредени епохи. Само, тие осцилации воопшто не можат да нè загрижат, што се однесува до иднината на една таква акктивност. Загриженоста произлегува од неверувањето во иднината на човештвото, од очекувањето на, така да кажам, еден краен упадок, враќање во дивината, или дури од тотално уништување на човештвото, кон кое би воделе нуклеарни војни и така натаму. Јас во својот есеј „Еден опит", на самиот крај, тоа го велам, дека поезијата е вечна придружничка на човекот и ја дели неговата судбина.

 

Пристап кон темата - пантеров скок

Допуштам дека пристапите можат да бидат различни кон темата. Не можам во моментов да Ви кажам колку такви пристапи во некоја парадигма можат да се изделат. Мислам дека е за мене точно тоа дека тргнувам од нешто конкретно. но, добро рековте, самиот податок не ја создава песната. Јас нешто во реалноста забележувам. Или самиот јас, независно од опсервациите на другите, или придржувајќи се кон опсервациите на другите. Јас тогаш, се разбира, вршам избор на некои релевантни подробности. Не е сè во дадена ситуација, како податок, од иста важност. Треба да се изберат податоците што ќе водат кон поетската порака. Јас во таа смисла сум пишувал дека во еден тип лирска песна - тоа значи дека може да има не знам колку типови, но во еден тип што јас особено го практикувам - се разликуаат две рамништа. Рамништето на описот, на подборот на подробности, конкретни, и рамништето на пораката преку поентата на песната. Сето тоа, што на еден начин како податок сме го избрале, добива едно поуниверзално значење. А тоа веќе не е опис на една конкретна ситуација, ами ја открива сферата на една уметничка порака. Ете тоа е еден тип лирска песна, што јас доста често го практикувам и затоа, веројатно, тоа и го забележале и критичарите и читателите. Јас имам за себе тука една слика што сета таа постапка ја прикажува и што сум ја нарекол за себе п а н т е р о в с к о к.

Замислете пантер во моментот кога очекува да се фрли на жртвата. Тој прибира податоци со сите свои сетила: со слухот, со мирисот, со очите. Сигурно, отфрла сè што може да му пречи, од шумови, од бои, од различни мириси кои не го водат до целта, до лоцирање на антилопата. Целата таа веќе пробрана информација тој ја вклучува во себе до оној момент кога го прави скокот. И, ја постига целта, нели. Мислам дека оваа слика Ви го прикажува методот што преѓеска го објаснував. Она што Вие го викате конкретен податок, тоа е веќе п о д б и р а њ е, со уметничка цел, на важни податоци, а не на случајни. И на крајот, преку поентата, како преку некој скок, се стигнува до целта, што во случајот е уметничката порака...

Е, тоа значи дека на нивото на опсервацијата јас веќе вршам избор на податоци. Тоа е она што пантерот го врши (се смее) фиксирајќи го ловот. Не треба да го заведува него мирис на лилјан, ами мирис на живо тело, нели. И, не треба да го заведува шумењето на лисјата, ами шушкањето на тревата по која оди животното што треба да биде уловено. И така натака, и така натака. Е, од тука трга создавањето на песната, од тој момент на фиксирање на релевантни податоци. Тоа е за мене една способност на јасно согледување, интуитивно согледување на тоа што е битно во ситуацијата. И што може да се сврзе со едно универзално зачење. Бидејќи песната сведена само на конкретен податок не е ништо. Таа треба да носи некаква порака поетска. Некаква уметничка порака. Песната се создава со првиот збор, но таа е создадена дури кога ќе добиеме една порака што ги надминува како сума тие конкретни податоци, се јавува како една автономна значенска сфера.

 

За пораката

Ументичката порака е значење на песната. Тоа значење претставува отворена сфера. Тоа може да се збогатува во чинот на комуникација, бидејќи читателот внесува пак некои свои елементи, што значењето или пораката ги збогатуваат. Може и за самиот автор дури тоа значење да биде отворено, зависно од понатамошниот негов опит, зависно од моментот на навраќањето на истиот текст. Во секој случај, исто така и за генерациите е една отворена сфера, бидејќи и секоја генерација принесува нешто ново, восприемајќи го дадениот поетски текст... Оттука, пораката пренесува нешто над кое луѓето се замислуваат и кое можеби не им е така јасно. Го насетуваат, го доживуват на некој начин, а можеби не можат со прости реченици да го искажат.

... Пораката треба да носи нешто ново, ако ја сметаме за поетска порака, ако е нешто самобитно. Не во смисла на рационалните компоненти, ами нешто што човека го тера да затрепери кога ќе комуницира со тој текст. Да речеме - па, има право авторот! - Исто така, со придржување до јасноста, не се гарантира воопшто успех. Тоа е еден од можните начини да се дојде до порака. Под уметничка порака разбирам уметнички валиден резултат. Не нешто што може во реченицата да се каже - јас кажувам тоа и тоа и тоа. Тоа не е ништо. Треба, тоа што го кажуваш да зазвучи со звук на еден уметнички текст. Ако не се дојде до тоа, и овој другиов начин не постига резултат. Значи, теоретски е јасно само едно. Дека начините можат да бидат различни, дека разликите произлегуваат, меѓу другото и од психофизичките својства на различните човечки суштества. Но, резултатот, теоретски е јасно, дека резултатот треба да доведува до поетска порака. Ако ја нема, нема поетско дело.

 

За јасноста

Не може секој со јасност да ги гледа работите. Прво, тоа не е лесно. Тоа е еден огромен напор. Па, ако сакате, тоа е и способност и несреќа. Сè да видиш, да го доведеш во центарот, во еден фокус, да стане јасно. Тоа не е така лесна работа... Инаку, во однос на комуникативноста, баш поради тоа што луѓето се разликуваат, мора да има разлики. Јас мислам, како што устројството на видот има разлики меѓу суштествата, така има и во други сфери разлики. И од нив произлегува, сигурно, тоа што некој, независно дали е поет или научник, работите ги излага јасно, друг поматно, друг уште поматно. Значи, мора да има една скала тука. Не можеме ние да имаме само едно видување како можно и препорачливо. Мора да има скала. Меѓутоа, таа скала пак, треба да има една своја граница. А границата е поставена таму до каде што оди можноста за комуницирање меѓу луѓето. Штом престанува можноста за комуницирање, тогаш немаме ни уметнички чин, бидејќи нема можност за трансмисија. Она што уметникот го доживува, не може да му биде соопштено на читателот. И според тоа, барем по мое мислење, херметичката поезија во вистинска смисла, не поезијата што се дешифрира потешко, ами таа што не може никој да ја дешифрира, нема код за нејзиното дешифрирање - таа поезија не е поезија. Да не се сфатиме погрешно. Често пати како херметичка поезија се подразбира од некои и поезија со која самите тие не можат да комуницираат. Тоа не може да биде пресудно. Може да има поезија што тешко се восприема... Но таа има клуч што води до нејзиното разбирање. Таа сепак комуницира. И може, како што реков, во една цела скала да се дојде до она што можеме да го наречеме комуникативна поезија. Едниот степен не го исклучува другиот степен. Меѓутоа, штом ќе се премине границата која од сферата на комуникација води во сферата на чисти шумови, во сферата во која не се пренесуваат никакви пораки, никакви значења, тогаш престанува и можноста нешто да се сфати како уметнички текст, или како научен текст, сеедно, или како публицистички текст, како есеистички текст. Што значи есеистички текст, ако јас не го разбирам она што авторот го кажал?... Но, често пати и предметот е таков што тој не можеда биде изложен така, што на поширок круг да му биде тоа излагање достапно. Ова го кажувам само да се разбере дека јасноста и простотата не е простотилак, ами дека треба голем напор за да се дојде до тој резултат. И дека е тоа комплицирана јасност во смисла на постигањето, на нејзиното постигање, дека треба цел ред мисловни операции да доведат до една таква проѕирност.

 

За уметничкиот резултат

Јас никогаш не сум размислувал за тоа дека треба на некој начин да се сообразувам со некое ниво на публиката. Јас сум почнал да пишувам на македонски во едно време и сум ги создавал тие свои текстови така како што ми се чинело дека треба да бидат создавани. Ако се тие приемливи и денеска, а некои се, очевидно, значи јас сум успеал. Ако не се приемливи, тоа е друго прашање. Се разбира, не е случајно од каде стартувам јас.

... Меѓутоа, тоа може да биде моја шанса, а не минус. И тоа го истакнуваат некои припадници на стари литератури. Читајте ги предговорите на нашите антологии, да речеме на француски. Што пишуваат за нашите антологии? Има такво мислење дека се среќни Грците, среќни се балканските народи и други некои народи, што можат да тргаат од едно ниво на поголема непосредност, наивност. Кој е среќен, кој е несреќен - тоа е друго прашање. Тоа е прашање за социолошки студии. А социолошките студии не се спроведуваат со некакво интуитивно заклучување. Јас сум тргнал од некаде и важно е дали сум дал извесни резултати. И други си тргаат од извесни стартови, тука граници не би поставил. Ако даваат резултати, сè е во ред. Ако не даваат резултати, тогаш - и тоа е една обична појава, бидејќи не може сè што се пишува да биде резултатно. На пример, мене постојано ми е пред очите една паралела маѓу нашето сликарство и нашата поезија. Јас чувствувам во своите први текстови некоја свежина на бојата, каква што ја има на платната на Лазар Личеноски. Тоа е мое, вака, лично чувствување. Тоа би произлегувало, така да кажам, од истата позиција на нашиот старт. Па после, и нашиот книжевен израз и нашиот сликарски израз си имаат свој развиток. Сè оди во различни правци. Тука има важност и контактот со други традиции и сето тоа е нормално, нели. И тука, на теоретска основа, на ништо не треба да му се става забрана. Но, и ниеден метод не треба да се наградува со едно автоматско признавање на резултатите. Резултатите подлежат на провера. Само резултатот покажува дали нешто спаѓа во литературата или не. Тоа е моето мислење. Јас, веројатно, и самиот во текот на времето сум менувал нешто во начинот на своето пишување.

Уште еднаш сакам да подвлечам дека тргам не од некоја проценка оти мојот народ стои на вакво ниво, па јас ќе пишувам вака, а би можел да пишувам многу поинаку, ами тргам од едно спонтано чувство дека ова ми се нуди во врска со моето доживување интимно, ова ми се нуди како израз и тоа го користам. Се надевам дека сум постигнал резултат. Отаде секогаш сум поаѓал. И, се разбира, ниеден од нас не треба да биде замислуван само во рамките на својата средина. Ние сме, сепак, начитани луѓе...

Слики: Никола Мартиноски

Другите делови од „Кажувањата“ можете да ги прочитате на следниве линкови:

Конески: Кажувања (1)

Конески: Кажувања (2)

Конески: Кажувања (3)

Конески: Кажувања (4)

Конески: Кажувања (5)

Конески: Кажувања (6)

Слични содржини

Книжевност

ОкоБоли главаВицФото