Парадоксот на Сноуден

20.07.2013 11:05
Парадоксот на Сноуден

Како да се побегне од Големиот брат и да се падне во прегратката на уште поголемиот

 

Едвард Сноуден, принципиелниот и вистинољубив борец за морал во примена на електрониката, побегна од крвавиот американски режим кој ги прислушкува своите граѓани и побара политички азил во Русија.

Додека го читате ова, во градот Киров тече судскиот процес против рускиот опозициски лидер Алексеј Навални. Покрај останатиот „доказен материјал“ со кој се товари Навални, на судењето можеше да се слушне и еден од телефонските разговори на обвинетиот. А тие разговори не само што се снимени без одлука и налог на судот, туку тоа е направено одамна пред Навални да стане лидер на опозицијата. Така нашиот ФСБ без трошка срам јавно потврди дека во Русија сите се прислушкуваат.

Во Екатеринбург е во тек уште еден процес. Таму ја судат Аксана Панова, поранешна сопственичка на најголемата информативна агенција на Урал (Ура.ру). Имено, целата работа се зготвила кога влијателната и убава новинарка Панова одбила да одговори на страсните додворувања на губернатрот на областа, Евгениј Кујвашев. Во овој процес улогата на прислушкувањето не се манифестира во толку отворена форма, но тоа не значи дека тоа е помалку значајно. Би се рекло дека тоа е дури и пресудно, бидејќи е сосема основано да се претпостави дека телефонските разговори на Панова со нејзиното момче Ројзман биле прислушкувани деноноќно. Штом преку нејзиниот телефон слушнале дека е бремена, практично утредента против неа е покрената кривична пријава. Освен тоа, бидејќи несреќната жена истражните органи за време на истрагата ја испитувале по неколку пати дневно, таа по извесно време го изгубила детето и - оваа тажна вест исто така ја соопштила по телефон. Не поминал ниту поовина час, а ѝ се јавиле и ја прашале: „Дали тоа е вистина?“

Но, тоа не е сè! Додека била подготвувана судската постапка против Панова, на другиот крај од Екатеринбург по еден сосема друг предмет е уапсен платен убиец. Во неговиот стан е пронајден листинг од телефонски разговори и друг материјал за следење на Панова и Ројзман.

И немојте да мислите дека тоа е нешто необично. Да речеме, за време на истрагата на убиството на Ана Политковска, јавноста дозна дека „линијашите“ на московската полиција работеле за сметка на платените убијци. Тие во текот на своето работно време, користејќи ги службените автомобили, ја следеле идната жртва, а потоа на убијците им давале податоци за нејзиното движење. А во една друга прилика, дури и некаков платен убиец, додека сè уште седел во автомобилот на полицајците, почнал да пука.

Од држава во која висок функционер, бидејќи девојката му „дала корпа“, го прислушкува нејзиниот телефон и телефонот на нејзините пријатели, во која материјалите од прислушкувањето им се даваат на користење на платени убијци, во која прислушкуваните разговори на лидерот на опозицијата се објавуваат на интернет, во која припадниците на полицијата за одреден хонорар ги бележат разговорите на бизнисмените, а потоа ги користат тие податоци за да им го преземат бизнисот - е, од таква држава поранешниот соработник на тајните служби Едвард Сноуден, бегајќи од страшните, ужасни и крвави Соединети американски држави, побара политички азил.

И што да се каже? Ако тој инфантилен и несмасен Сноуден навистина сакал да стане херој, подобро би му било веднаш да се врати во Америка. Таму распнувањето не би му избегало. Би ги добил своите десет години, би одлежал најмногу пет и тоа би било сè.

Но, Сноуден посака да биде распнат без крст, да стане првиот виртуелен Исус. И сега му следуваат не пет години затвор во САД, туку цел живот на гости кај ФСБ.

Не се сомневам дека Сноуден во последниот месец конечно дозна како изгледа вистинската контрола - тотална контрола. Тоа е кога живееш во дача на ФСБ и кога немаш право да кажеш каде живееш. Тоа е кога немаш никаква контрола над своето движење, ниту над своето однесување. Тоа е кога старателите ти диктираат разни глупости, а ти потоа мораш од збор до збор да ги повторуваш. Тоа е кога те тераат половина час да се дружиш со куп псевдозаштитници на човековите права, да се сликаш со нив, а потоа, доста беше народе - чао. И како што гледаме, господинот Сноуден не се брза многу да ни каже како изгледа оваа вистинска контрола. Наместо тоа, тој гласно го изговара само тоа што неговите заштитници сакаат да го чујат.

Според моето мислење, Владимир Путин на Америка (сосема несакајќи) ѝ го даде најубавиот можен подарок. Тој дефинитивно го дискредитираше Сноуден. По целиот свет покажа како се однесува инфантилниот несмасен кој копнее по ловорики на голем денунцијант, но не во услови на борба со крвожедната Америка, туку во услови кога навистина има од што да се плаши.

Извор: Новая Газета, 17.07.2013.

ОкоБоли главаВицФото