Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми (5)

22.07.2013 06:56
Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми (5)

Последниот мечок

Им го истражува минатото на пештерите
и ги души ѕвездите како зрели дренки
од карпа до карпа остава топлина.
Очите му се врутоци медни
на муцката кратери под магли му стојат
врз грпката му лежи колепка на ветришта.

Патува над неоткопани руди и долини
месечината му е ореол крвав
хумусот од шепи жили му извлекува
па процутува сличен на златнобела смрека
додека од забите крв малинова му капе.

Последен е. Ако. Никој веќе прв во ништо не е.

А кога стапиците со челусти ледни
од сите страни по него ќе појдат
и кога пушките и пците
ќе му станат обрач околу грлото
ќе се закопа во мракот на својата сенка
и ќе си ги гризе коските
од карпите потоа други коски да поземе
и со чамова смола раните да си ги измие
и со ѕвездени иверки ноктите да си ги продолжи
и на сводот над врлежите да му се пожали
химната ќе му е подолга
од гниењето на месото
додека под него ќе никнуваат крвариги.

Последен е. Ако. Првите биле и не се веќе последни.
И сепак:
по него закопан во своја сенка
само есента со воздишки на луња ќе се присети.


Дивина

Трагата на ловецот
ѝ ја гони трагата.
Првата пожар ја закитил
крв не го гасне,
втората со оловна стрела
житкави рани на земјата ѝ отвора.

Се провлекува низ шамак на страв
од умирачка кон раѓање бега
зад последната граница
на смртта в прегратки да ѝ се нишне.

Лулни ме убавице босолика
ноздрите со здив олади ми ги!

И ќе почека дивината,
еве го оловникот - лек со лак в рака -
ќе ѝ го одере грбникот
колку да лизне под кожа
да види што џвакале праотците.

Еднаш и тој ќе појде на нишање
за да може загарот над нечиј гроб суво да завива.


Селска библиичка

Откај накај, леб ѝ кучкин,
со врколак се ујдисала
кучката на кумот Миломир?

Легнала, крв ѝ недоцицана,
зад седмата меѓа под црквата
дои врколачиња црномешести.

На полноќ, семче им врколачко,
ќе ја исцицаат до опаш
ќе ја одерат до коска да ја излижат
со коските запчиња ќе наострат.

Исклештени - на кумот:
Добре ти дојдовме!

Тој со појас од лук
и со глогов кол под мишка:
Повелете
и мене мевце ми се пријало!

Еве ти сега гоштевање.

В зори
ни кучка, краста ѝ нејзина,
ни врколачиња, грб им козинав,
ни кум, опинок му козји.
С
è станало само Библиичка.

Во селото уште само речиси змиотрнот пука на ветар
додека гајдите се оддишуваат
под кожата на ѕверот магија.


Тапан

Со громови од утробата
им ги жега стапалките на играорците
се пропнува. Јарец живодарец е.

Му ја закопале душата во обрач
опашот главата да ја превтаса.

Везден со биволски коски го бувтаат
искри од грлото му истеруваат
од огнот зелени молни изрипуваат
невестите под превез да се.

и ноќе не го оставаат да си поспие.
Не му даваат
мртовец да е:
коска и кожа,
спепеленик со песна поткован.


Бигор

Го прегрнаа со здив на вековите
му ги усвитија жилите
со негова коска се нагрнаа.

Едни од него сон извишија
од дланки да ја напојат иднината
сита во друга иднина да навлезе,
други измесија погача
маските на сегашноста да ги назобаат
од скок да си ја минат есента
трети со череп јама отворија
низ неа да ѕирнат во вчерашнината
да видат колку биле високи.

Кога тоа го изведоа
бигор во бигор станаа
со цвет на смеа под јазикот
утре над нив да се ведне друг замесувач.

И ние во него
но и бигорот во нас живот внесувал
заедно
тој и ние
да бидеме песни скаменети.


Запис

Има времиња малку поголеми од себеси.
Во нив облаците се извртени шуми
со езера во кои спијат мрежи и невести.
И има времиња со крај во бескрајноста
во кои пците умираат тигарски
додека други се живи и гровтави.
И има времиња без време и белег
со молкнат часовник
обесен врз грбот на времето.

И ќе има времиња со корен во утредојденците
со кој ќе вивнат разбудени и бели
со крик на молчење во сувите грла
да ископаат со нокти на гневоморник
врз челото на Астропеус:
Песот умре со смрт на тигар
или Живееше живот на незрело свинче.

Некогаш можеби Астропеус
и мртов во животот зјаел
сега може ќе н
è поучи
во животот како двапати се ’рти.

Од збирката Астропеус, 1980

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел

Слики: Christer Karlstad

ОкоБоли главаВицФото