Политички ум: Мрачните тајни на човечкиот мозок

22.07.2013 10:36
Политички ум: Мрачните тајни на човечкиот мозок

Да речеме дека имате јасно изградени политички убедувања. И, да речеме дека имате пријател или колега со значително поразлични, подеднакво јасни и цврсти политички убедувања. Колку пати ви се случило да ве обвини дека сте ирационални и пристрасни, дека на другите им го забележувате она што не им го забележувате на „своите“? И обратно, колку пати сте упатиле таква забелешка на нечија сметка?

Дали сме, и ако сме, зошто сме толку ирационални кога станува збор за политиката? Зошто, во крајна линија, политиката е ирационална толку често, иако би требало да биде уметност на возможното?

Добра вест е дека науката почнува да ги формулира одговорите на овие и сличните прашања. Не толку добрата вест гласи дека пристрасноста е една од човечките фундаментални карактеристики. Создадени сме така што релативно брзо и лесно ги детектираме погрешното и емоционално обоено мислење и заклучоците кај другите, но сме многу лоши детективи кога се работи за нас самите. За таквиот стил на мислење когнитивните психолози зборуваат како за „мотивирано размислување“ – мислење и аргумент кои навидум се рационални и непристрасни, но суштински не се ниту едното ниту другото.

Зошто „мотивираното размислување“ стана толку популарна истражувачка програма и како одеднаш научниците нè убедуваат дека и не сме толку рационални суштества? Па, затоа што мотивираното расмислување одлично се вклопува во сè што знаеме за еволуцијата на човечкиот мозок.

Тоа не сум јас – тоа е мојот мозок

Мозокот е орган. Како и другите органи, го обликувала еволуцијата. Со биолошки речник, тој е „адаптација“ – својство кое низ долгата историја на еволуцијата ги поткрепувало можностите за да преживееме и да се репродуцираме. Исклучително е сложен. Функционално, далеку е посложен од сè што среќаваме во природата, но и од секој артефакт кој досега сме успеале да го оставиме зад себе. Нашиот мозок не станал толку сложен преку ноќ. Всушност, поточно би било да се каже дека тој е збир од адаптации – дека е производ со многу долг кумулативен процес за чие време механизмите на природна селекција се додавале, модификувале, одземале.

Психолозите и невронаучниците зборуваат за човечкиот мозок како за „конфедерација на системи“, кои се различни според староста и намената.

Еволуцијата на мозокот течела така што секој од нас под черепот носи, грубо кажано, два системи: еволутивно постар „лимбички систем“ и значително помлад „кортекс“ (кората на големиот мозок). Тие се поврзани меѓусебно и делуваат координирано.

Постариот, субкортикален лимбички систем првенствено е вклучен во продукцијата и контролата на емоционалните, автоматски реакции. Тие реакции се базирани на бинарниот код: „или...или“. Поради тоа што избира помеѓу само овие две опции, лимбичкиот систем работи многу брзо.

Еволутивно помладиот дел од човечкиот мозок, кортексот, е надлежен за когнитивно посложените процеси: перцепцијата, говорот, апстрактното мислење, свесното и насочено делување. Тој мора да ги разгледа големиот број влезни информации и дразби, да ги обработи и дури тогаш да генерира аутпут, т.е свесно однесување. Проблемот е во тоа што не може да се справи со сите нив во исто време. Тој работи значително побавно, заради тоа што неговите капацитети се ограничени.

Звучи чудно, но тоа што поновите делови на човечкиот мозок се заслужни за најголемите достигнувања на нашиот вид, не значи дека тие секогаш се главниот играч. А зошто природата би ги уредила нештата така што на „попаметниот“ дел од мозокот ќе му ја додели апсолутната предност?

Еволутивните психолози, на пример, Арон Сел од австралискиот Универзитет Грифит, веруваат дека за тоа постојат убедливи причини. Има околности во кои не би било исплатливо да сме препуштени на когнитивно најнапредниот префронтален кортекст (дел од кортексот кој е најблизок до челната коска), кој сака да експериментира со идеите. Во ситуација кога сме соочени со животна опасност, многу е поисплатливо брзиот, црно-бел лимбички систем да генерира бура од емоции и да го придвижи автономниот нервен систем кој ни сигнализира „бегај“ или „бори се“.

Фактот дека постарите делови на мозокот работат побрзо од помладите, понекогаш има интересна последица. Однесувањето кое го генерира лимбичкиот систем може да влијае, но и да го претекне однесувањето кое го генерира „интелигентниот“ кортекс.

Иако мотивираното размислување е ново поле за истражувања, самата идеја во психологијата не е нова. Некогаш се зборувало за „примарноста на афектот“ – надмоќ на емоциите над свесното мислење. Денес се зборува за поделба на „емоционален мозок“ и „рационален мозок“. Вториот е понапреден, во смисол дека ни овозможува да правиме работи кои нè дефинираат како луѓе. Сеедно, тој не е затворен за влијание од оној првиот, „попримитивен“ мозок. И покрај тоа, емоционалниот мозок често го придвижува рационалниот, резултирајќи со мотивирано размислување: пред личноста да стане свесна дека размислува за нешто и се движи во правец кон некој заклучок, емоционалниот мозок веќе го одработил својот дел од работата и создал амбиент во кој ќе се одвива размислувањето. Тоа се случува многу почесто отколку што мислиме и најчесто во однос на нештата до кои се држиме. Фројд зборуваше за тоа како за „потсвесно“ (тоа не е исто што и „несвесно“)

Ах, тоа помнење

Ужасно сме горди на сопствената меморија, особено ако добро ни служи. Можеби би ѝ се поклонувале уште повеќе кога постојано би биле свесни за што сè служи таа и што не би можеле да направиме без неа. Благодарение на учењето и помнењето ние умееме да одиме и да се вратиме од работа; зад потегот како што е ставањето на клучот во клучалката или исклучувањето на фенот се кријат низа од когнитивни операции; нема да се изгориме затоа што сме научиле и помниме дека на батеријата од тушот постојат одвоени вентили за топла и студена вода... Сепак, изгледа дека меморијата е примарен механизам преку кој нашиот примитивен мозок успева да го измами нашиот напреден мозок. Поточно, не толку меморијата колку „потсетувањето“, односно повлекувањето информации од долгорочната меморија.

Научниците сè уште не знаат како точно изгледа меморијата, односно како нашата способност за помнење е имплементирана на ниво на мозочно ткиво. Еден од успешните модели за меморијата во когнитивната наука се нарекува „конекционистички“.

Замислете дека меморијата е збир од точки или единици, при што секоја единица претставува поединечно запомнета информација. Сега замислете дека помеѓу тие единици постојат врски; цела мрежа од врски. Сите единици не се директно поврзани, ниту сите врски се идентични сили. На пример, ако сте стоматолог, единица за поимот „корен“ ќе ја активира врската со единицата „заб“, „кариес“ итн; ако сте преведувач, истиот поим ќе ја активира врската со поимите „морфема“, „суфикс“, „падеж“ итн; ако сте агроном, активацијата ќе се шири на поимите „растение“, „земја“, „пестициди“... Тоа што е многу важно – секоја повторена активација на истата мрежа од врски помеѓу единиците, дополнително ги зајакнува тие врски. Последично, во секоја следна средба со поимот „корен“, потребно е помалку време за да се активираат поимите кои се поврзани со него.

Сега, да се вратиме на теренот на политиката. Да речеме дека група луѓе разговараат за политиката и дека некој го споменал поимот „Коштуница“. Кај личноста А, која има поволно мислење за него, ќе се активираат поимите „синчец“, „сталожена личност“, „пристоен човек“... Кај личноста Б, која има многу негативно мислење за него, ќе се активираат единиците „неспособен политичар“, „радикален конзервативец“, „мрзливец“, „популист“...

Сега, замислете дека личностите А и Б за време на разговорот биле „закачени“ на неколку апарати кои го мерат пулсот, потењето, положбата на влакната на рацете, пречникот на зениците, метаболичките процеси во мозокот. Анализата на сите тие показатели би покажала дека „позитивното мислење“, односно „негативното мислење“ од претходните реченици треба да се замени со синтагмите „позитивна емоција“, „негативна емоција“. Имено, не е спорно дека личностите А и Б имаат мислење за Коштуница какво што имаат, но не е спорно дека емоционалните реакции, кои во основа се физиолошки реакции, временски им претходат на свесните, промислени реакции. Колку повеќе пати била активирана оваа иста матрица во минатото, толку побрзо ќе се активира при споменувањето на истиот почетен поим. Истовремено, со тоа се намалува можноста новите информации, контрадикторно запомнети, да се пробијат до центарот на кортексот и да бидат земени на разгледување.

Неизбежно пристрасни

Ако мотивираното размислување е пристрасно, тогаш тоа би морало да биде ненаучено и да се појави многу рано. Американскиот психолог Пол Клачински, професор по развојна психологија на Универзитетот во Северно Колорадо, тоа го проверил на адолесцентите и прашањата кои се значајни за нив.

За примерок ги избрал студентите што слушаат хеви метал и студентите што слушаат кантри музика. Намерата му била да го истражи нивниот капацитет за рационално, разумно мислење за врската помеѓу музиката и некои облици на општествено непожелни однесувања, како што се дрогата и самоубиството.

Учениците од деветтиот и дванаесеттиот клас добиле текст со аргументи во поглед на бихејвиоралните последици од наклонетоста кон одреден музички правец; текстот намерно бил полн со предрасуди – генерализации без поткрепа. Потоа, од учениците се барало да се изјаснат за тоа колку аргументите се валидни, да ја проценат нивната сила и да опишат како според нив би можел да изгледа експериментот со кој би се тестирале наведените аргументи.

Се разбира, испитаниците покажале пристрасност во согласност со сопствениот музички вкус. Љубителите на кантри музиката сметале дека про-кантри аргументацијата во текстот е сосема солидна и заснована, додека контра-кантри аргументите ги оцениле како лабави и слаби. Истата пристрасност ја искажале и металците. Интересно, степенот на пристрасноста бил еднаков, независно од возраста. И уште поинтересно, никој не предложил експеримент со кој би се истражиле агресивноста, насилството, склоноста кон физичка пресметка со љубителите од едниот или другиот музички жанр. Како „докази“ дека едниот или другиот музички правец е социјално безопасен, наведувале пораки од текстовите на некои од кантри, односно метал балади.

Пристрасноста го чува “Self”

Во основа, пристрасноста ни овозможува да ги интерпретираме информациите во согласност со постоечките ставови. Од една страна, тоа е исплатливо. Многу би ги расфрлале когнитивните капацитети доколку би ја мереле секоја нова информација, доколку би ја гледале од сите аспекти, па дури тогаш да одлучуваме како да ја интерпретираме. Би биле премногу бавни и би ни останала многу малку когнитивна енергија за другите активности. Тоа навело некои психолози мотивираното размислување да го наречат „когниција во служба на одбраната на идентитетот“, но употребата на оваа синтагма е речиси напуштена, затоа што не е целосно точна.

Мотивите кои не воведуваат во пристрасното мислење воопшто не мора да бидат директно себични. Нашиот идентитет е одреден и со социјалните врски што ги создаваме – семејството, поширокото опкружување, професионалната припадност, спортскиот тим за кој навиваме. Групите. Во тој контекст, нападот на групата или ставот што е поврзан со дадената група може да се толкува како напад на “self”. Тука, на сцена стапува политиката. Нашите политички, идеолошки и религиозни убедувања се дел од нашиот личен идентитет. Тие нè поврзуваат со групите кои ни го зајакнуваат идентитетот и ни помагаат да се осмислиме самите себеси и затоа можат да бидат предизвикувачи за мотивираното размислување. Во состојба се да нè направат слепи за фактите, логиката и разумот. Оттука, во некои семејства не се зборува за политиката, барем не за време на оброците.

Ако се сетиме на моделот на меморијата, имплементиран во мозокот, во пристрасноста нема ништо чудно. Убедувањата, кога така се гледа на работите, се всушност физички дел од мозокот – без разлика дали се работи за поединечен неврон или група од меѓусебно поврзани неврони. Активацијата на едниот доведува до ширење на активацијата на останатите поврзани неврони. Врските помеѓу невроните кои често се активираат заедно или истовремено, со текот на времето стануваат сè посилни. Просто кажано, личностите А и Б од претходните параграфи, со текот на времето станале предиспонирани за да ги вклопуваат новите информации за Коштуница во постоечката позитивна, односно негативна рамка.

Значи, се покажува дека убедувањата може да се гледаат како делови од мозокот. Во тој случај, нападот на убедувањето буквално претставува физички напад, помалку или повеќе, на мозокот. Во овој контекст, пристрасното мислење не е ништо друго туку когнитивен механизам кој ни го дала еволуцијата за да се заштитиме.

Аргументот е растегнат, а неговите крајни консеквенци се контраинтуитивни, што не мора да значи дека се и неточни, односно дека нема да се покаже дека аргументот е точен.

Група когнитивни психолози и невронаучници од истражувачката база на Универзитетот во Пенсилванија и на Институтот “Jean Nicod” во Париз, имаат интересна хипотеза за човечкиот разум: На човекот не му е подарен разумот за да ја спознае апсолутната вистина, туку за да ја одбрани својата позиција во социјалниот контекст. Имајќи предвид дека првенствено сме општествени животни, таа е важна за опстанокот како и за некои од основните потреби.

Еве го размислувањето кое го застапува групата еволутивни психолози од Универзитетот во Санта Барбара. Во општествен контекст, нечија способност другите да го сослушаат и потоа да делуваат во согласност со тоа што го слушнале, неспорно претставува адаптивна предност. Од аспект на слушателот, таквата предност донесува способност за проценка на веродостојноста и валидноста на изговореното. Би се рекло дека на индивидуален план, разумот ни носи повеќе корист доколку нè направи убедливи реторичари, отколку добри логичари. Ние сме токму тоа.

Благодарение на мотивираното размислување, одлични сме во тоа да „собереме“ аргумент кој се вклопува во тоа што веќе го мислиме. Но, со истата способност се надарени и нашите „противници“. Како и да е, тоа резултира со „теоријата за аргументираното размислување“, според која токму групите и нивниот диверзитет ги ограничуваат можните негативни последици на бесконечното мотивирано размислување. Оттука, гледано во просек, демократските општества подобро ги задоволуваат интересите на своите граѓани од автократските. Од истата причина, одново се покажува супериорноста на научното размислување во однос на задраворазумското или религиозното; тоа е засновано на предизвиците кои доаѓаат од „спротивставените“ истражувачки табори и не ви дозволуваат да потонете во мотивираното размислување.

Значи, биологизирањето на убедувањата, па и политичките, и укажувањето дека несвесните операции во мозокот често одат пред свесните и им влијаат, никако не значи дека несвесното седи зад воланот, а свеста седи на совозачкото место. Дури и да е така, нашата општественост и предизвиците што таа ги поставува се многу силен корективен фактор. Сепак, доволно силен за да не може да се стави знак за еднаквост помеѓу „јас“ и „мојот мозок“; more than brain in a vat.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com  

ОкоБоли главаВицФото