Магија

22.07.2013 14:16
Магија

(Упатства)

За да се маѓоса една шума доволно е да се опкружи, околу-наоколу, со нишка испредена од волна на овца-калеша која дотогаш сè уште не се јагнила.

За да се маѓоса една куќа потребно е во секој агол од нејзиниот таван да се скрие по еден лешник наполнет со жива и потоа запечатен со катран во кој е ставено по едно зрно морска сол.

За да се маѓоса едно бардаче нема друг начин освен да се наполни со вода од девет извори, во неа да се пуштат девет пијавици, и да се остави така да стои под ведро небо девет ноќи а потоа пијавиците да се изгорат а водата да се истури во една леја со босилек.

За да се маѓоса еден прстен треба само да се обвитка со перче од коса на некое црвенокосо девојче и врз него да се накапе малку роса насобрана помеѓу латиците на една црвена мајска ружа расцутена во ноќ со полна Месечина.

За да се маѓоса еден чешел треба секој негов забец да се намачка со малку зајачка маст и да се допре со вжештена игла а потоа со него да се исчешла опаш на жива лисица.

За да се маѓоса една девојка треба да ѝ се прати кратко љубовно писмо кое пред тоа лежело четирисет денови во гроб на самоубиец кој кренал рака на себе поради невозвратена љубов.

За да се маѓоса еден компјутер треба да биде направен еден ист таков компјутер од кал, да се пушти да се исуши на сонце, да се истроши со толчник во аван, правта од аванот да се истури врз вистинскиот компјутер, поставен за таа пригода пред огледало, и да се кликне: „Enter“.

Расказот е преземен од книгата „Седмата страна на коцката“, Магор, 2010. 

Слика: Матијас Санта Марија

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото