Џезот и анимираниот филм (10)

23.07.2013 09:46
Џезот и анимираниот филм (10)

Од раните денови на џезот, па сé до 70-те години на минатиот век, стиловите се менувале секоја деценија, речиси како да следеле некое правило. Меѓутоа, ова не е карактеристично за последните четири децении. На прв поглед може да се помисли дека ова тврдење е неточно бидејќи, сакајќи да ги надмине границите, „електро џезот“ од 1970-те години успеал да укине тие граници, па се појавиле мноштво правци. Но овие правци не се одликуваат со пресвртничката, реформаторската моќ на претходните (може да се расправа за музичките слободи, но макар и помислата за значајната општествена улога на новата музика е излишна). Новите подвидови и многубројните cross-over варијанти, како и да се наречени (smooth jazz, acid jazz, neo swing, nu jazz...), кои можат да го носат заедничкиот термин параџез, сведочат за сеопфатниот еклектицизам, од кој како нус-појави произлегоа општата комерцијализација и сé поголемата поп публика, почнувајќи од 2000-те.

Додека размислуваме за присуството на џезот во анимираниот филм во текот на овие децении и го анализираме односот на овие две уметности и нивните меѓусебни влијанија, се наметнува прашањето: какви се позициите на џезот во рамките на естетските пристапи на современите автори? Процесот на освојување на слободата отсекогаш функционирал како сублимат на идејата на џезот: да се преиспитаат каноните и иманентните причинско-последични врски, да се прераспределат односите на моќта помеѓу општествените учесници во даден момент, да се пренесе пораката. Без разлика дали ќе се одлучат во своите филмови да ја користат музиката на старите мајстори како Армстронг, или анимирани музичари ќе ја свират музиката на новите изведувачи, во основата на секоја од приказните се наоѓа рефлексијата за слобода. Рефлексијата за авторска имагинација, за перманентно движење и истражување и за последично преобликување на поредокот во внатрешниот, сопствен простор. „Џезот е доживеана уметност“, вели М. Дона, „а животот е неповторливо индивидуален“. Денес се чини дека функцијата на џезот како прогресивен културен феномен е речиси безначајна, но може да се каже дека современите режисери и аниматори (да се надеваме и публиката) сé уште очекуваат многу од оваа музика. Примерите што следуваат би можеле да послужат како доказ за ова.

Пристапувајќи кон визуелизација на композицијата „Giant Steps“ од Џон Колтрејн, изрелската авторка Мишел Леви била поттикната од мислата на Гете за архитектурата како „кристализирана музика“. Леви сметала дека комплексните хармониски структури на Колтрејн ќе претставуваат голем предизвик за неа, но сфатила дека не мора да бара епохално нов начин кој би ѝ овозможил соодветно да ги прикаже: мелодиската матрица се повторува два пати, па така и линеарната структура на зградата во нејзината анимација Giant Steps (2011) ќе биде востановена дури кога конструкцијата ќе се „воспостави“ два пати. Но што се случува со емоциите, како да ги разбереме чувствата на Колтрејн? Мишел Леви нуди еден можен одговор: да се слуша, внимателно да се слуша, фраза по фраза, и притоа на фразите да им се доделуваат оние правци кои најмногу би им одговарале во рамки на просторот на визуелниот свет кој настанува. (Би било интересно кога би можеле да го чуеме коментарот на Колтрејн за овој пристап, на човекот кој велел дека при изведување композиции понекогаш чувствува потреба да тргне во два различни правца – истовремено.)

Француските автори Ромен Сего и Кристел Пужуаз во своето дигитално дело Tim Tom (2002) со комбинација на анимациски техники, на начин кој потсетува на поетиката на Ејвери, ја оживуваат интеракцијата на јунаците со филмското опкружување, вклучувајќи ги и „материјалните“ елементи како „филмските ленти“. Дејството базирано врз постојаната низа обиди на двата лика Тим и Том конечно да се сретнат, за сето време е одредено од ритамот на музиката на големиот џез гитарист Џанго Ренарт.

На почетокот на анимираната приказна Storyville (2005) на француските автори Патрик Крафт, Флоријан Муније и Марион Нове-Жосеран е прикажан главниот јунак Арти, џез трубач, чиј инструмент „умира“ во неговите раце. Во останатиот дел од филмот тој се обидува да ја врати својата сакана труба од царството на мртвите. Визуелната атмосфера на овој филм, која од колористички аспект е крајно поедноставена, односно сведена на односите меѓу црните, белите и сивите површини, всушност го достигнува впечатокот на оностраното, а звучната физиономија е воспоставена со помош на музиката на Луис Армстронг.

Ако уште од насловот на претходниот филм можеше да се насети неговата врска со џезот (наречен според името на познатиот кварт на „црвените фенери“ во Њу Орлеанс, од раниот период на музиката за која досега зборувавме), од необичниот наслов на филмот JumpTrumpRumpBump (2006) тешко може да се претпостави постоењето на оваа врска. Хеу Вонг Јеонг и Џастин Марфи ја раскажуваат приказната за девојче кое живее со своите родители, но нејзиниот вистински живот е во нејзината куќичка на дрво.Во една пригода полицајка ќе им покаже слика на потерница за побегнати криминалци предводени од еден крокодил (со капче слично на она кое го носеше ексцентричниот фронтмен на експерименталниот џез состав Сан Ра). Една ноќ крокодилот ќе дојде по девојчето и ќе го одведе во шума, каде што тоа ќе му се придружи на животинскиот оркестар кој, се разбира, свири џез (композиторот на музиката е Ален Џонстон).

Нико Уте и Бастијан Бем од Германија, пак, осмислиле noir приказна, која следи мистериозен бегалец; нејзиниот наслов е Sciafobia (2008). Скијафобија е страв од сенки, а Уте и Бем вешто си поигруваат со динамичните кјаро-скуро матрици проследени со џез композицијата „Run“ на бендот „Soul Position“ и со „Contraband“ на биг-бендот на Густав Бром.

Џејмс Тенсил создаде уште еден омаж посветен на „колевката на џезот“, Њу Орлеанс. Анимираното дело, односно музичкото видео „St. James Infirmary“, го доби својот наслов според истоимената композиција (чија необична историја заслужува посебен текст), која во новата верзија е изведена од страна на составот „Preservation Hall Hot 4“ во ремикс изданието на познатиот ди џеј и продуцент од Филаделфија, Кинг Брит. Старата приказна се одвива на познатите локации во Њу Орлеанс (Preservation Hall, Jackson Square, забавниот парк на плажата Pontchartrain), а атмосферата на филмот наликува на стилот на класиците на Флајшер од серијалот за Бети Буп.

Приказната на долгометражниот анимиран филм Chico & Rita (2010) на режисерското трио од Шпанија, составено од Тоно Ерандо, Хавиер Марискал и Фернандо Труеба, започнува на Куба, во Хавана, на крајот на 40-те, кога ќе се сретнат пијанистот Чико и убавата пејачка Рита. Тие ќе разделат поради неколку недоразбирања, иако нивните патишта повторно ќе се вкрстат во Њујорк, во времето кога таму свиреле легендите Чарли Паркер, Дизи Гилепси, Чано Позо, Тито Пуенте, Лестер Јанг... Музиката за филмот ја напишал кубанскиот пијанист Бебо Валдес, а еден од интересните моменти во сценариото е моментот кога во Хавана во времето на Кастро, во потрага по заборавените музичари од златната епоха на џезот пристигнува и Вим Вендерс, што е секако наменето како оддавање признание на овој синеаст и на идејата за неговиот филм Buena Vista Social Club.

Значи, ако револуцијата навистина ќе биде анимирана, како што тврди Нина Пејли, дали во нејзе и понатаму ќе има место за џезот? Да се надеваме дека ќе биде така.

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел
Кон шестиот дел
Кон седмиот дел
Кон осмиот дел
Кон деветтиот дел

Извор: Градац 183-184

ОкоБоли главаВицФото