Noroom generation

23.07.2013 13:40
Noroom generation

Повторно е буден. Тие очи како сончогледи на роса ја бараат светлината, легнат во креветот со едната рака на голите гради. Станува, седнува на масата и чита. Па нели е поет, секој поет сака да ја пречитува својата поезија. Чистота, јасност, тоа го сакаше во неговата поезија. Сè беше јасно како тој убав пролетен ден. Можеше да го почувствува јоргованот десетина метри подолу од прозорецот. Големиот град ечи. Сè уште е војна. Непријателските трупи се насекаде. И неговата душа (она што преостана од неа) се зарази со непријателската крв. Сè уште можеше да ја почувствува крвта на Ариецот. Колку ли беше пријатно тоа чувство на мешање на туѓа крв со твојата плунка во устата. Крв на некој кој ти е драг, а сепак крв на некој кој те гази.

Кој има храброст да ги признае мазохистичките потреби од чизмата на џелатот врз своето лице? Кој има храброст да го почувствува непријателот длабоко во себе (прилично буквално, нели)? Кој сака да биди љубен? Кажи нешто од тоа и мртов си, на овој или на оној начин. Тој ја сака неговата чизма в лице, тој го сака неговиот кур во него, тој го сака него како човек, не како непријател. Тој го сака него како личност, не како љубовник. Ние не навлегуваме во фактот дали тој е педер или мазохист. Можеби е и двете. Навлегуваме во полето на љубовта. Ќе речете „[то е љубов“? Дефинирај ја љубовта! Ова за тебе е љубов?! А има ли некој кој успеал да го направи тоа? Нема да наведувам очајни примери и да објаснувам нешто што никој целосно не успеал да го објасни. Едноставно, ќе продолжам со приказната.

Тој бара некој кој ќе го сака, ете заеби, таков е животот, го најде на другата страна, од ист пол, од друга земја и прв непријател на неговата татковина и виновник за војната. Тој одбра да јаде белгиски чоколади и да се ебе со ариски војник наместо да срка чорба и да ги мириса посраните партизански гаќи. Но, дозволете да се вратиме на мигот кога ја почувствува од нигде никаде крвта на Ариецот. Веќе беше прекршило полноќ. Не можеше да спие. Се проѕевна, се облече и седна уморно на постелата, зјапајќи во една точка. Но, гледајќи така некои розови точки почнаа да отсјајуваат насекаде. Дури му се причини дека го слуша гласот на мајка му. По кратко време излезе.

Градот иако туѓ, не му беше непознат. Ја знаеше секоја улица, талкајќи така, секогаш кога му треба утеха. Не беше човек кој сака да живее сам, да талка по улиците како волк самотник. Беше приморан од луѓето, од војната, од проклетиот град. Слушајќи ги сопствените чекори по смрзнатата калдрма, заслушна смеење на жена која се приближуваше кон него. Одеднаш се појави пред него прилично необлечена за времето надвор. Престана да се смее. Нејзиниот полутажен лик ја издаваше. Ја наведна главата и продолжи. Не беше разочарана од животот ниту усрамена од својата професија. Смеата што излегуваше од нејзината уста беше резултат на алкохолот, не на разумот. Таа жена имаше многу што да каже, без сомнение, да одговори на претходно поставените прашања што останаа неодговорени. Но кој би прашувал една обична курва, би рекле вистинските мажи. Затоа продолжи по патот. А тој по неа кон тивката кафеана. Кога се доближи се поколеба да влезе. Но, само погледна кога се отвори вратата и излезе една госпоѓа. И само што го упати погледот кон двете маси на кои седеа непријателски војници, вратата се доотвори. Тогаш ги виде тие ариски светло сини очи.

Ако го погледне светот од птичја перспектива во космосот ќе ги види баш тие очи, така сини, посини и од најсиното небо лете. Како во себе да го собрале сето бреме на овој полуден свет, сите души се завиткале во солзите на овој обичен човек, кој сега бидејќи носи непријателска униформа и потекло треба да се мрази, да се убие. Па зар тој човек не е како и сите други кои се нашле на погрешно место, се родиле во погрешно време, или избрале погрешна страна? Зошто би да го мразел овој човек? Сигурно не поради ариските сини очи, кои можеби се единственото нешто, заедно со униформата, што го издаваат неговото потекло. Во време на војна овие двајца мажи разменија насмевки.

Воздухот таа вечер стана потопол, поредок, месечината ги осветли улиците. А нивните чекори одѕвонуваа во ист ритам, едни зад други. Понекогаш Земјата ќе се свртеше за 180 степени само за да се увери дека Месечината сè уште кружи околу неа, и сето тоа синило ќе засјае од фактот што не е сама во празниот космос. Во еден миг нивните усни се сретнаа. Јазици пламен згаснаа и копја се скршија во просторот исполнет со топол воздух и плунка. Десетици земји се ослободија, стотици смрзнати улици се одмрзнаа и замирисаа на јоргован, илјадници Евреи оживеаја, двајца страсно потонаа во морето на страста. Љубов, страст, желба, љубопитност? Зарем е важно? На кого му е галје? И не би требало да му е галје, сепак тој мал простор исполнет со топол воздух и плунка е нивни и ничиј друг. Непријателските прсти можат да одат онаму каде другите се плашат да допрат, очигледно непријателот има повеќе храброст кога тргнал во освојување на светот. Непријателскиот кур може да оди на места каде нивниот би одел само во најдобрите фантазии. Ете ти, машко голо тело испреплетено со друго машко тело во соба во македонски град, на италијанска постелнина со германски маж.

Екстаза!

Две голи машки тела. Заедно прегрнати во време кога светот врие од незадоволство. Тука сите задоволства се беа распослале меѓу две усни, две машки тела, два кура. Телесната течност ги желира нивните сплотени тела.

Екстаза!

Утрото осамнува. Како да е пролет. Може да се помириса и јоргованот и слободата. Колку е чуден умот и каде сè не ќе те однесе тоа утро 1943-та. Лежи сам во креветот и сè уште може да го почувствува неговиот мирис. Како да му дише во вратот и му зборува нешто на јазик што тој не го разбира. Јазиците се само материјална реализација на мислите, а нив како и мислите ги има многу.

Слики: Раул Виљалба

Слични содржини

Квир / Книжевност
Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Книжевност
Квир / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото