Агонијата на Кежаровски продолжува!

25.07.2013 10:50
Агонијата на Кежаровски продолжува!

Вчера напишав дека од режимот и од неговите слуги никому не му треба солидарност, дека од режим не се бара милост, затоа што режимот е безмилосен.

Не поминаа ни неколку часа, а зборовите се потврдија на најлош можен начин - незаконскиот и нехуман притвор на Кежо повторно е продолжен.

Искрено, за состојбата на Кежо во затвор, за бесправноста на одлуката да се држи во затвор, да се малтретира и омаловажува, за кршењето на неговите основни човекови права, малку што ново има да се каже. Што да направи човек, како да се помири со ова изживување на власта, освен да му понуди на Кежо морална поддршка, да сочувствува со неговата мака, со маката на неговата сопруга и мала ќерка?!

Овој народ повеќе не „трза“ на ништо, а не разбира дека тоа што му се случува на Кежаровски, всушност ни се случува на сите нас, само се тешиме дека маката не е буквално на наш грб.

Оваа власт систематски ги заплаши сите можни категории на граѓани. Да им требаше да направат пример од некој ѓубреџија, и таму ќе апсеа и ќе правеа примери. Затворија бизнисмени, политичари, новинари, лекари, во некои случаи и нивните семејства ги ставија во затвори и го фрлија клучот.

Но, оваа власт не разбира едно, дека и покрај тоа што живееме во време на мивки и без’рбетници, иако сме сирачиња од вистински борци и симболи, дека овој успан и изгубен народ, од тие нивни казнени примери, сè повеќе добива симболи на отпор кон режимот. Кежо, ти си во моментов најсилниот симбол!

Знам дека те имаат набиено до ѕид, дека не те пуштаат на свеж воздух, не ти даваат весници и информации, дека буквално те примораа на штрајк со глад. Многу други работи не знам, но имам една порака до тебе: престани со штрајкот, овие се такви садисти што ќе те врзат за болнички кревет и ќе те хранат насилно, дополнително газејќи го твоето достоинство! Не ни треба таа слика за да се „трзнеме“, ни требаш ти, за и утре да раскажеш за вистината, за твојата и нашата вистина во режимот на Груевски.

И знам дека овие зборови повеќе ни требаат нам, наводно слободните, отколку што ти требаат тебе сега. На крајот на нештата не постојат херои, постојат само обични луѓе во ненормални средини кои ќе се спротивстават, ќе пркосат, кои нема да се предадат. За мене, ти веќе си тоа! Твојот напатен лик денес е ликот на суровиот режим. Сакам да верувам, и верувам дека ќе издржиш, дека ќе пишуваш повторно, дека ќе раскажеш, ќе им ги отвориш очите на луѓето.

А, вие луѓето, вашата солидарност е потребна денес! Затоа не бидете безмилосни како режимот и излезете со поддршка за Кежо и неговото семејство. Еве, во петок во 11 часот, излезете пред затворот во Шутка, да упатиме јасна порака до властите дека повеќе не трпиме неправди и да направиме и Кежо, и сите останати неправедно затворени да нè слушнат.

Слика: Свирачиња