Телеграфски либрета

25.07.2013 12:51
Телеграфски либрета

На децата на овој град најлесен предмет ќе им е утре географијата. Имињата на земјите со многу нивни градови мошне функционално ќе се врзуваат во нивната свест со активноста на хуманоста: писмена задача – земјата и ние по една катастрофа, први стихови – градот на градот му е град. Но, денес, и на децата од другите градови, на кои веќе никој не им раскажува приказни за Гримовите или Андерсеновите печурки, суровата реалност им приготвува од овој град телеграфски приказни.
...Крик на жена по еден потрес. Обид да ги покрие четирите деца со тело. Урнување и мрак. И ништо, ништо, ништо. Во она што не е веќе сон лежи недочитана сликовница: во некоја далечна земја на цвеќе и сонце...

* * *

...Клешти на истинати дамари. Во прегратка на мртва жена раскрвавен и полуспоулавен маж. Засипнато грло од повици. Ненадеж. Молскавица на еден порано потискуван до дупките на свеста страв. Војна, бомби. Од онаа страна на стврднатиот мрак се слушаат тенкови и татнежи. Во мракот никој не знае дека тоа се тешки дигалки и први минирања. Земјата често трепери. Војна, бездруго.

* * *

...До натколеници соѕидана жена. Сирена – половина маченица половина гроб. Рацете скршени. Очите суви. Ужасот не го познава вкусот на солзите. Присилно лежење врз пукнатини. Прсната водоводна цевка. Капе. Капка по капка. Ритмички. Рамно в чело. До споулавување. По неколку дни спокој. Запишана, неотпишана, избришана. На сè уште нераспаднатото лице очите ширум ококорени. И отворени ги покрила прашина.

* * *

...Човек – млад. Скршен 'рбетник. Нож на ребро в дроб. Утре во осум средба со... сеќавање на руси коси и полни момински усни. Утре. Сега насмевка и сон и небудење. Потоа ни болка ни сеќавање.

* * *

...Гробница, во неа породилка. Детето со неврзан папок. Плач како почеток на еден живот. Молк како негов крај. И на мракот и несреќата им се нерасплеткани папоците. Откопува некој приготвени пелени. Мртвото доенче никој не ќе го крсти Живко.

* * *

...Разговор. Дијалог на очај.
Овде сум. Копајте.
Идеме. Има ли уште некој?
Не знам. Мрак е. Не можам да се движам.
Викај. Пеј. Да знаеме каде да копаме.
Добро. Бомба ли беше?
Земјотрес.

Добро. Сега ќе викам. Господи, мајката твојааа...

* * *

...Мртва поетеса. И помал брат. И татко. Откопуваме. Долго и мачно: Маски на лицето на луѓето. Омарина. Нема ветар да ја прелиста свеската со стихови. Вчера книга Сребрени игри. Утре некролог. А денес? За мртвите нема денес.

* * *

...Пес во бункер на страв. Завива. Нигде излез ни за глушец. Што ќе биде со мртвите во неговата близина?

* * *

Хотел. Куп безобличен од камења, тули, железо. Историја на една географија. Странски документи. Овде гинеле или загинале меѓу другите: Антониа (СР Германија), Пјер (Белгија), Зезали (Ирак), Соратис (Грција), Виолета (Бугарија), Хаус (Австрија), Харолд (САД), Мадлен и Мишел, сестра и брат (Франција). Мртов есперанто. Нема визи за подземи.

* * *

...Кукла со скоро пламена коса. Меѓу камења. Периката е усвитена од мисли и грижи. Што се наоѓа под неа? Крај неа детски чевел. Бел, летен. Куклата е неидентификувана.

* * *

Старец со крвава муцка под тула. Сеќавање од корен на морници: премногу зло навестува на почетокот Чумата на Ками. Бегајте глувци бродот тоне. Старецот немал инстинкт. Во Јапонија се чуваат во аквариуми рипчиња што го претчувствуваат земјотресот.

* * *

…Испрекината проекција за откопувачи и гледачи. Рака воскреснува од малтер. Бела е. Жив варовник. Прстите работат со свои сигнали. Потоа рамо. Дел на главата. Устата е полна со крв. Нема. Без збор. Прикаската на подивеаните очи е разбирлива.

* * *

Урната школа. Празни клупи. Во последната, магарешката, седат призраци. Глобус во урнатини. Паѓа сам од себе дел од покривот. Врз сè. Европа, Азија, Африка, Америка, Австралија се закопани. Овде не се виори смеа на деца. Глобусот в гроб. Крај на една географија.

* * *

...Почеток на една географија. САД, СССР, Јапонија, Франција, Шведска, Полска, Израел, Белгија, Италија, Бугарија, Грција, Унгарија, Мароко, Швајцарија, Судан и... и... и... праќаат помош. Еден нов град е нивен град. Испит на совеста на човештвото.

* * *

...Сите вени на една рака. Доброчинителка. Рака со корен на пет континенти. За поздрав – овде. Почит на мртвите и за живите битка.

* * *

...Јапонка испраќа дијамант. Кој може да го раскаже романот на поколенијата што го наследувале тоа парче камен во сите празници на црешовиот цут и сите трагедии, таму во Кобе или Осака или Токио, од некој далечен самурај до оваа ѕвездоока девојка со плашлив чекор?

* * *

...Мракот има свои ѕвездени часови. Спасителите, некои голобради војници, му кликаат на спасеното девојченце. Да живее оваа другарка.
Мајка ми, чичко?
Молк.
А татко ми?

* * *

...Бутел. Кон планината Скопска Црна Гора. Масовни гробници. Тројца од оние што закопуваат паѓаат жолти едноподруго. Трупови, трупови, трупови. Некои од доброволните гробари бегаат. Други се пријавуваат. Внатрешноста испраќа помош – младинци ќе видат што е масовна смрт. Животот тече потаму. Така е. И смртта тече потаму. И осмиот ден се вадат трупови од несмасните безоблични купишта. Клекава житкавост. Распаѓање пред голи очи. Бел вриеж. Труповите не подлегнуваат на опис. Прв нов кварт. Бројката на закопаните се ближи кон илјада. Бројот на мртвите е двоен.

* * *

Вакцини, боцки в месо. Слаб одзив. Тајни мисли дали е некаква епидемија поголема несреќа од сето ова. Можности: несреќата влече по себе аждерски опаши на глад, криминал, болештини. Се организираат логори. Некако, и не брзо. Привидност. Криминалот – малку над точка на смрзнувањето. Спречено линчување на тројца крадци. Мршојадците не се в јато. Се говори за некаква дизентерија.

* * *

...Сета земја е една огромна болница. Во првиот ден слика во дворот на скопската болница и наоколу. Крв, завои, писоци, осакатеност. Слика каква што досега не е опишана во литературата. Некој сметаше дека една третина од ранениците не ќе преживееле. А другите што ќе останат – ќе бидат ли предолга парада на патерици?

* * *

Злосторството на таинствената природа можеби може на еден дел на планетата да и’ го дозаврши кардиограмот. Кој ќе потпише дека денешниве симптоми биле последни? Многу влади, вклучувајќи во акцијата планови, средства, луѓе, ќе ги надоместуваат вложените богатства со искуство: човекот сè уште не станал господар на природата; тој само има можност да се обезбеди под одредени услови од нејзините утрешни подмолности.
Осми ден. Или деветти. Несигурен календар. Очите болат од неспиење. И потаму татни. Се шири смрѓава во некои делови на градот. Се чувствуваш како долго да си лепел марки со врвот на јазикот и мислиш дека сетилото на мирисот ти се подвлекува в душник. Мувите се отпорни за дидити. Се појавуваат пци скитачи со издолжени јазици и замаглени очи.

Нова Македонија, 06.08.1963.

ОкоБоли главаВицФото