1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Три слики за тоа како не треба и како мора
Прелудиум: Скопје–Брисел–Скопје via Илинденска
Еднаш, не толку одамна, двајца мускетари и една мускетарка, престорени во принципиелни граѓани на оваа држава, отидоа во Брисел. Се претставуваат и како новинари. Знаејќи ги просечните примања во новинарството (знам дека вадењето просек е неблагодарна работа, по она: некој јаде месо, некој јаде зелка, во просек сите јадат сарма), се чудам од каде можат да си дозволат со нивните писанија еднаш неделно, или нивните емисии со истоветна фреквенција, авионска карта и престој во некој хотел во главниот град на Унијата?! Освен ако не им е авансирано. Од Илинденска. Без број. За да бидат лоби и алиби за недржавничките чекори со образложението: еве што сака народот и „поштената интелигенција“ во нашата држава, а вие барате да гледаме во иднината и да повлечеме потези со кои никој не се согласува кај нас. Или така некој си ги отплати долговите, а некој авансираше (соодветно на годините на мускетарскава дружина и кој колку сработил досега)?!
Главната приказна: Отпорот како левичарска парадигма
На еден #Отпор на Рекорд реков: „Молчењето денеска е соучесништво во колективното злосторство врз мислата, кое се спроведува“. Седум месеци потоа, ситуацијата не е сменета, а отпорот прекина. Барем за момент некој помисли така, зашто се отстапи од првичната форма. Ако продолжува она злосторство врз мислата, културолошкиот геноцид на властодршците, ако тоа се спроведува на најнехуманиот начин, тогаш пораката е јасна: треба да се испречиме на тој пат. Левицата да се врати дома, на улица, во и преку СДСМ. Да го мобилизира народот. Да се врати на корените и да го извади на улица. Не да се фемка, да очекува дека некоја амбасада ќе ја сруши оваа диктатура. Тоа не е доволно македонски, во крајна линија.
На СДСМ му се случија два конгреса едно по друго. За конгресите на ВМРО-ДПМНЕ не знаеме дали постојат, дали се случуваат, дали се гласа, дали се предлага, дали се изгласува. Добро, знаеме за еден од „Панорама“. Поради „нарушувања на јавниот ред и мир“. И, толку. Ниту идеолошки дискусии, ниту кадровски. Но, затоа, сета јавност го впери погледот кон сдсмовското внатрепартиско изјаснување. И, тоа е добро. Добро е, зашто така се потсилуваат демократските процеси во партијата, а резултатот може да биде подобра Македонија. Силна опозиција, потенцијална идна власт, мора да биде транспарентна. За жал, опозицијата е потранспарентна од власта, ама тоа е за друга опсервација.
На СДСМ не му треба лидер. Или подобро, не му треба САМО лидер. На СДСМ му треба гласност во идеолошката позиционираност. Во услови на либерален економизам, мора да се фати чекорот со современите социјалдемократски тенденции. СДСМ мора да допре до работникот, до средната класа, независно од етничката припадност. Треба да се афирмира граѓанскиот концепт, да се покаже потенцијалот за сплотување и за борба против дискриминацијата. Да се реафирмираат и да им се даде гласност на заложбите за социјална правда, солидарност, другарска почит и поддршка.
Како вистински социјалдемократи, да кажат силно и отворено: ние сме за автономија во културата, ние сме про правото на жената да може да одлучува за своето тело во однос на абортусот, за правата на сите маргинализирани групи, вклучително и ЛГБТ заедницата. Без калкулантство. Како вистинска левица – на страната на граѓаните, социјална и либерална. Ние се бориме за власт не заради власт. Таа не ни е цел, туку средство за да ја оствариме целта: спроведување на автентичните политики за подобар и подостоинствен живот на сите граѓани. Доследни сме на тоа и не ги менуваме политиките на дневна основа, по трубата на владиниот пи-ар.
Во времето кога големите наративи веќе немаат плодна почна во светското културно милје, се наметнува логичниот заклучок дека треба да се обезбеди поливалентен и проблемски пристап во секоја сфера. Тоа би значело дека економијата како императив не смее да се ослободи од идеолошко-културолошката предлошка, која треба да биде modus vivendi и да ѝ даде јасен правец во обликувањето и дејствувањето меѓу луѓето. Како што зборуваше акад. М. Ѓурчинов по повод дваесетгодишнината од македонската самостојност, парафразирано и приспособено за конкретниов случај, нам ни е потребен културен модел врз кој ќе почива целокупното дејствување. Не само програма со милион ситни проекти, туку генерален концепт, правец што ќе наложи вакво или онакво дејствување. Тоа ѝ треба на Македонија, тоа може да го понуди левицата, по дефиниција, тоа му треба на СДСМ, како продолжение на досегашната профилација.
Ако не се изоди тој пат, осудени сме на пропаст. Или на паѓање на државата заедно со оваа власт. Левицата е во криза. Во Европа полека се буди и си ја враќа автентичноста. Македонската левица последниве години е под удар на режимските камшици, па затоа за момент во јавноста изгледа како да го изгубила компасот. Перцепција наметната од Центарот за лаги и манипулации. Таа даде силен знак дека се враќа дома, во СДСМ, со #Отпор-от, но како свеќа пред да изгасне, се распламти за да ни даде лажна надеж. Политичките околности, диктирани од моралниот пад, културната аналфабетност, нискиот степен на развој на демократската и општествената свест во Македонија налагаат ситуација во која само така може да се освои власта и да се спаси државата. Секое друго освојување на власта ќе биде ПАСОК-сценарио, зашто ќе биде предоцна – празната каса и уште чекор до амбисот наречен „банкрот“ ќе бидат извесност.
Наместо заклучок: Ослободете го Кежаровски!
Злоупотребувајќи ја мерката притвор, неколкупати ни беше испратена јасна порака: Ако не сте со нас, може и да лежите, дури и ако не сте виновни. Слободата на медиумите е преценета категорија, особено ако лесно се корумпираат (види го Прелудиумот). Она малку што остана да бранува, треба да биде заплашено. Па, затоа – Кежаровски ќе лежи. Опозицијата нема избор. Треба да излезе пред судот, како што го правеше тоа за Бучковски и за Заев, и да покаже дека не ѝ е сеедно не само за своите туку и за сите што се неправедно зад решетки. Затоа, време е за #Отпор. За демократијата, за слободата, за левичарските вредности се работи. За државата се работи!
Слики: Свирачиња