Политичкото определување и менталниот склоп: Љубопитните либерали vs совесните конзервативци

26.07.2013 10:46
Политичкото определување и менталниот склоп: Љубопитните либерали vs совесните конзервативци

Меѓу колегите е позната како „зборливата Јеца“. На нејзината работна маса владее креативен хаос во кој само таа умее да се снајде. Се опушта со џез, фанки ритам и чита сè што ќе и падне в раце, иако секогаш ѝ се враќа на антологијата на феминистичката поезија.

На истиот спрат, се наоѓа канцеларијата на „доверливиот Милош“. Никој не се сеќава дека тој некогаш задоцнил на работа или дека барал одложување на рокот за завршување на некоја работа. Предметите на неговата работна маса се подредени под конец. Милош слуша исклучително „проверено добра музика“, чита класици и така се облекува. Всушност, би можел да биде „класичниот Милош“.

Какво е политичкото определување на Јеца и Милош?

Психолозите Дејна Карни и Џон Џост, во својата студија „Тајниот живот на либералите и конзервативците“, откриваат дека за нечии политички преференци можат да се изведат прилично веродостојни заклучоци, врз основа на само навидум тривијалните информации. Да речеме, во својот животен простор либералите внесуваат повеќе бои, додека конзервативците преферираат бледо кафени и неутрални, пастелни нијанси; од друга страна, конзервативците го одржуваат својот животен простор поуреден и почист. Исто така, врз основа на полиците со книги кај либералите тешко можете веродостојно да утврдите која е нивната професија или примарен интерес; со други зборови, ги интересираат повеќе различни области, додека конзервативците тежнеат кон „специјализација“. Слично на тоа, музичкиот вкус на либералите е еклектичен и ја рефлектира склоноста кон алтернативните музички правци, додека конзервативците повеќе слушаат „проверено добра музика“.

Се разбира, разликите не се само површински. На помалку секојдневно ниво, конзервативците, често се порелигиозни од либералите, а овие другите се почесто вклучени во еколошките и антинуклеарните движења; либералите почесто ги избираат професиите од областите на хуманистичките науки, додека конзервативците ги привлекува економијата и администрацијата.

Од каде се овие разлики и како тоа дури и „тривијалностите“ можат да откријат нечие политичко определување?

Психолозите дури од неодамна настојуваат да одговорат на ова прашање. Имено, фокусот на истражувањата во областа на психологијата на политиката е поместен од прашањата како луѓето се определуваат политички кон прашањето што го детерминира нивното политичко определување. Одговорот што се создава не донесува мали изненадувања.

Цртите на личноста на либералите и конзервативците

Сакаме да веруваме дека нашите политички убедувања се резултат на рационално размислување: Свесни за важните општествени проблеми, разгледуваме решенија кои се нудат на пазарот на политичките идеи, ги мериме аргументите во корист на понудените опции, тежината на доказите зад тие аргументации и – се определуваме за она, на кое тие докази најмногу му одат во прилог. Меѓутоа, вистината е малку покомплицирана: Нашите политички преференци и определувања ги обликуваат и факторите за чие влијание не сме свесни во целост, како што се степенот на образованието и професијата на која ѝ припаѓаме, но и варијаблите за кои никогаш и не размислуваме како за релевантни во овој контекст, како што се цртите на личноста.

Поаѓајќи од моделот на личноста „Големите пет“, Карни и соработниците заклучиле дека две од петте основни димензии на личноста, „отвореноста“ (интелектуалната љубопитност; истражувачкиот дух) и совесноста (стремежот кон редот и стабилноста), претставуваат веродостојни показатели, но и предвидувачи на политичкото определување. На примерок од околу 20 000 испитаници истражувачите утврдиле висока позитивна корелација помеѓу отвореноста и либералните политички сфаќања, односно совесноста и конзервативизмот (тест на личноста; тест за политичкото определување). Од преостанатите три димензии на личноста – „екстровертноста“, „невротицизмот“ (емоционалната сталоженост, односно нејзиното отсуство) и „кооперативноста“ (услужливоста) – единствено екстровертноста, мерена со бихејвиорални показатели, како што се гледање на соговорникот во очи, насмевнувањето, тактилноста во комуникацијата, покажува поголема позитивна корелација со либерализмот.

Резултатите до кои дошле Карни и колегите не се новост. Еден од коавторите на студијата, Џон Џост, една година претходно водел тим од психолози кој дошол до поробусни наоди за поврзаноста на политичката ориентација со цртите на личноста.

На примерок од 500 000 Американци (застапеноста на жителите од поединечните сојузни држави одговара на реалноста) истражувачите заклучиле дека политичката мапа на САД, исцртана врз основа на резултатите од претседателските избори, безмалку во целост се поклопува со резултатите од тестовите на личноста на жителите на федералните единици. Агрегатно набљудувано, жителите на „сините држави“ (држави во кои либералната Демократска партија има повеќе гласачи отколку конзервативната Републиканска партија) покажуваат диспропорционално висок резултат на димензијата „отвореност“. Обратно, жителите на „црвените држави“ (сојузните држави во кои републиканците имаат подобар изборен резултат од демократите) покажуваат диспропорционално висок резултат на димензијата „совесност“.

Либералите и конзервативците се препознатливи веќе во детството

Карни и Џост со заедничката студија се обиделе да заобиколат некои од недостатоците на претходните психолошки истражувања, во кои е веќе документирано дека разликата на линијата либерали-конзервативци повлекува разлика на линијата отвореност-совесност. Имено, стандардните тестови на личноста бараат од субјектот да го искаже степенот на (не)сложување со низа тврдења. Нивниот избор не е случаен, но таквото тестирање ја носи следната опасност: Одговорот на субјектот може да биде рефлексија на усвоениот наратив, т.е свесното настојување да се претстави на одреден начин. За нештата да бидат покомпликувани, предвидувањата за тоа какви однесувања ќе бидат карактеристични за одреден вид на личност, главно не се однесуваат на бихејвиоралните обрасци кои се манифестираат во приватната сфера или интерперсоналната интеракција. Ниту едното ниту другото не им е лесно достапно на истражувачите.

Како и да е, Карни и Џост успеале да дизајнираат неколку студии кои им овозможиле по пат на симулација на реалноста и набљудување во реално опкружување да ја проверат вистинитоста на предвидувањата кои произлегуваат од теоретската рамка на Големите пет. Оттаму се „тривијалностите“ од почетокот на текстот. Имено, личностите со висок резултат на димензијата „отвореност“ навистина покажуваат интелектуална љубопитност: разновидната литература што ја читаат, поеклектичниот уметнички вкус, почестите патувања на нестандардни дестинации. Исто така, личностите со висок резултат на димензијата „совесност“ навистина покажуваат склоност кон редот и конвенционалното – од начинот на кој го уредуваат приватниот и работниот простор до музиката што ја слушаат и литературата што ја читаат.

Иако личноста се развива до зрелиот период, студиите со близнаците, близнаците раздвоени по раѓањето, посвоените деца, покажуваат дека дури повеќе од половина особини на темпераментот не се производ на обликувањето од страна на околината. Тогаш, тоа би значело дека во однесувањето и интерперсоналниот стил на детето можат да се детектираат показатели на отвореноста/совесноста и врз основа на тоа, со веројатност поголема од случајноста, да се предвиди неговото политичко определување кога тоа ќе порасне.

Значи, дали можат да се препознаат либералите и конзервативците на детска возраст?

Кога во 1969 година Џек Блок и Џин Блок, брачна двојка психолози од Универзитетот Калифорнија во Беркли, почнале да се занимаваат со истражување на детскиот карактер, веројатно не претпоставиле дека резултатите од нивната студија ќе станат основа за едно од најцитираните истражувања во областа на психологијата на политиката.

Воспитувачите во јаслите во Беркли и Сан Франциско со години собирале детални описи на однесувања, стилови на игра и интерперсонални интеракции на стотина деца кои влегле во нивниот примерок. Дваесет години подоцна, ги прилагодиле собраните описи на моделот „пет фактори на личноста“, настојувајќи да проверат дали димензиите на „отвореност“ или „совесност“ навистина предвидуваат политички инклинации. Се покажало дека хипотезата е втемелена.

Споредувањето на детските личности со политичката ориентација во постадолесценцијата (во повторената студија, децата од првобитниот примерок во просек имале по 23 години) покажало дека возрасните либерали, според описите на воспитувачите, во детството биле самостојни, љубопитни, влегувале во блиски односи со врсниците..., а тие претставуваат обрасци на однесување поврзани со отвореноста и кооперативноста – црти на личноста кои либералите ги изразуваат почесто и поинтензивно, отколку конзервативците. Паралелно, 23 годишните конзервативци како деца биле подистанцирани, склони да се гледаат себеси како жртва, поригидни во однесувањето, што одговара на однесувањата кои се карактеристични за луѓето со низок резултат на димензијата „отвореност“ и висок резултат на димензијата „совесност“ на тестовите за личноста.

Когнитивните стилови на либералите и конзервативците

Иако постојат, разликите во цртите на личноста не се доволни, ниту доволно големи за со нив да се објасни повременото влијание дека либералите и конзервативците доаѓаат од различни планети. Ставовите кои се карактеристични за конзервативците – дека еволуцијата е измислица, дека жените имаат биолошки механизам кој спречува да забременат заради силување, дека абортусот предизвикува рак на дојката – либералите ги оставаат без текст. Обратно, конзервативците тешко можат да разберат како некој може да мисли дека фетусот не е личност, дека човекот е само едно од животните, дека на хомосексуалците треба да им се дозволи да стапуваат во брак и да посвојуваат деца. Накратко, јазот помеѓу либералите и конзервативците е најдлабок на планот на ставовите за цела низа на општествени прашања, кои повеќе или помалку допираат во вредносниот (морален) систем на едните или другите.

Со современата психологија на моралот доминира таканаречениот морален интуиционизам, теорија која изворно ја формулирал социјалниот психолог од Универзитетот во Вирџинија, Џонатан Хејт. Според неа, наспроти популарното мислење, со нашите судови за тоа што е добро или лошо, исправно или неисправно, морално или неморално – повеќе управува интуицијата (таканаречените морални емоции), отколку мозокот (рацио). Со други зборови, кога ќе се најдеме пред општествено или морално чувствително прашање, интуицијата, која се активира побрзо од разумот, примарно влијае на тоа како ќе ги евалуираме фактите и аргументите.

На приматот на интуицијата или мотивираното (пристрасно) расудување не се имуни ниту либералите ниту конзервативците. Имајќи ги предвид разликите во цртите на личноста – релативно трајните и стабилни обрасци на однесување и мислење – се поставува прашањето дали се разликуваат и на овој план.

Психолошките истражувања покажуваат дека „отвореноста“ како димензија на личноста, изразена низ интелектуалната љубопитност и истражувачкиот дух, подразбира засилена потреба за когнитивна стимулација (скала на когнитивната стимулација; тест за когнитивната стимулација), што самото по себе значи манипулирање со новите факти и нивно вклопување во веќе постоечките знаења и убедувања. Од друга страна, нискиот резултат на димензијата „отвореност“, а високиот на „совесноста“, се чита и како стремеж кон брзо разрешување на амбиваленцијата и донесувањето одлуки, стоејќи во корелација со настојувањето да се постигне когнитивна заокруженост (кохерентност).

Врз основа на вака сложените резултати од когнитивните тестови и тестовите на личноста може да се изведе предвидување дека конзервативците се поуверени дека фактичката состојба на нештата одговара со нивниот општ поглед на светот. Второ, би требало да бидат понаклонети кон занемарувањето или селективното избирање на фактите кои ги поддржуваат нивните ставови.

Конзервативците се алергични на реалноста?

Кон крајот на минатото лето, токму во времето кога Америка ја потресе скандалот во врска со изјавата на републиканецот (конзервативец) Тод Ејкин – дека жената има вродена, биолошка заштита од зачнување заради силување – психолозите Британи Лиу и Питер Дито во списанието „Social Psychological and Personality Science“ објавија труд кој сугерира дека овие предвидувања се точни. На примерок од 1 500 испитаници се обиделе да ги истражат когнитивните механизми со кои либералите и конзервативците се служат во ситуациите на напнатост помеѓу личниот вредносен став и фактичкиот став.

Лиу и Дито во својата студија како стимуланси ги земале четирите политички чувствителни прашања, од кои две (смртната казна и тортурата над обвинетите за тероризам) се морално неприфатливи за либералите, а две (промовирање на употребата на кондоми во наставата за сексуално образование и научните истражувања со употреба на матични клетки) се морално неприфатливи за конзервативците. Кај таквите теми, просторот за когнитивна напнатост се отвора на следниот начин: Ако личноста го смета за морално неприфатливо пропагирањето за употреба на кондомите, тогаш таквиот став мора да се помири со фактот дека употребата на презервативи е заштита од несакана бременост и сексуално преносливи инфекции.

Учесниците во студијата на Лиу и Дито најпрвин одговарале на конкретно прашање: на пример, „Сметате ли дека е неморално да се пропагира употребата на кондомите на детска/тинејџерска возраст?“ Потоа им биле поставувани фактички прашања за поединечните аспекти на даденото прашање: „Сметате ли дека кондомот заштитува од несакана бременост?“ или „Верувате ли дека презервативот претставува добра заштита од ХИВ инфекција?“

Серија на експерименти кои ги извеле овие двајца истражувачи покажале дека и либералите и конзервативците ги акцентираат фактите кои им одат во прилог на нивните вредносни судови: „Статистиката укажува на тоа дека смртната казна не ја намалува стапката на криминалитетот.“; „Подеднакво ефикасна заштита од сексуално преносливи инфекции може да се постигне со апстиненција.“ Стремежот кон постигнување на когнитивна кохеренција стои во заклучоците на студијата, тој е во позитивна корелација со јачината на нечиј политички став, но и со запознаеноста со темата. Меѓутоа, како трет фактор се појавува конзервативизмот. Имено, освен што се генерално понаклонети кон „прилагодување“ на фактите кон своите убедувања, барем во дадениот примерок, конзервативците го прават тоа поинтензивно и почесто, не само за прашањата кои самите тие ги отфрлаат врз основа на моралот, туку и во поглед на темите за кои либералите се изјаснуваат како морално неприфатливи.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото