Спасување на затрупаните (1)

26.07.2013 13:36
Спасување на затрупаните (1)

Спасувањето на затрупаните започна веднаш по уривањето на зградите. Први што им укажаа помош на затрупанита беа комшиите. Иако и самите шокирани од земјотресот, најдени на улица по долна, ноќна облека, започнаа да укажуваат прва помош. Храбро влегуваа во урнатините и правеа обиди да ги спасуваат своите комшии, блиски, роднини, пријатели, познати, а често и тие комшии со кои не ретко се караа било поради децата, било поради несредени станбени услови или од какви било други причини. Tea беше спонтана помош, со голи раце против бетон, камен и железо. Потоа се појавија првите крампови, железни шипки и друг алат донесен од комшилакот. Заедно со граѓаните први во спасувањето беа и милиционерите кои во тој момент се најдоа на должност во својот реон. Бев очевидец, кога во една разурната куќа еден голем бетонски блок беше така паднал, што под него се гледаше живо цело семејство, но немаа место од каде да излезат. Неколку граѓани и еден милиционер кои дотрчаа бгз никаков алат, ги подметнаа своите плеќи и ја подигнаа бетонската плоча за околу 20 сантиметри и под неа подметнаа камења и други бетонски блокови и така направија излез од каде што излезе семејството.

Меѓутоа, за разлика од граѓаните кои спонтано укажуваа помош, први што организирано интервенираа беа луѓето од Армијата, од Секретаријатот за внатрешни работи, луѓето од противпожарната служба, a подоцна им се приклучија рударските и други екипи дојдени од сите краишта на Југославија.

Штом ѕидовите престанаа да пукаат и таваните да паѓаат, луѓето од СВР веднаш дојдоа пред зградите на РСВР и СВР, односно пред нивните урнатини. Единаесет само не дојдоа и тие веќе никогаш нема да се јават на должност а други десетина се тешко повредени. Во урнатините најдоа смрт и 40 членови од нивните семејства. На сите службеници кои 15—20 минути по катастрофата беа пред зградите на секретаријатите им се доделија задачи и во 5,45 часот се појде во акција. Околу 90°/о службеници кои беа на годишен одмор се вратија во Скопје до 12 часот истиот ден. Вечерта или другиот ден пристигнаа и тие што беа подалеку. Другиот ден пристигнаа помошни екипи од СВР на Врање, Лесковац, Ниш, Приштина и други места. Луѓето од СВР прво мислеа на спасувањето на граѓаните, а не на своите разорени домови и онесреќени семејства. Многу лица дотрчаа искрвавени, но не чекаа да ги преврзат. Појдоа во акција и дури утредента се појавија со преврзани глави, гради, нозе и раце. Некои паѓале во несвест од исцрпеност, но не дозволувале да ги однесат од работните места. Никој не помислувал на одмор, на сон. Кога пред зградата на РСВР се доделуваа првите задолженија не се знаеше кој дел од градот најмногу настрадал и во која разурната куќа има преживеани. Сепак, службениците на СВР се најдоа на најтешките места, таму каде што помошта беше најпотребна. Спасуваа ранети, откопуваа преживеани, расчистуваа урнатини, вадеа мртви и ги идентификуваа.

Сообраќајната милиција вложи големи напори да го нормализира сообраќајот во градот. На екипите кои доаѓаа во помош, за да стигнат до местата каде што беа потребни, требаше да им се обезбеди премин низ урнатините на затрупаните улици. Веќе првиот ден многу улици беа проодни за возилата што доаѓаа. На странците кои за време на катастрофата се најдоа во Скопје органите на СВР им укажаа сестрана помош. Наместо загубените и уништените пасоши им се дадоа нови патни исправи и им се обезбеди превоз. Многу деца и мајки, многу граѓани што ја преживееја морничавата средба со смртта под урнатините се спасија благодарејќи на самопожртвуваноста на луѓето во сини униформи, или на неуниформираните припадници на СВР.

Покрај нив и луѓето од противпожарната служба беа уште во првите часови таму каде што беа најнеопходни. Тие не само што ги гасеа пожарите кои се јавија во градот, туку спасуваа и животи. Нивните возила и опрема први се најдоа на најзагрозените места. Уште првиот ден на скопските противпожарникари им дојдоа во помош повеќе екипи од околните градови, а вториот ден во градот имаше 106 возила и 1000 луѓе од противпожарната служба на многу градови од земјата.

Непосредно по катастрофата сите припадници на Армијата, а посебно на СКОПСКИОТ гарнизон коишто и самите го преживееја катастрофалниот потрес, прибрано, смело и најорганизирано им притекнаа во помош на жителите на градот. Најнапред тоа беа офицери кои самоиницијативно, од своите комшии, познати или минувачи собираа и формираа свои „спасувачки баталјони" и им се ставаа на чело. Само 30 минути пo катастрофата војниците од касарните со своите старешини ја почнаа организираната борба за спасување на затрупаните. Само првиот ден, младите луѓе со војничка униформа од сите краишта на нашата земја спасија 322 животи. Во таа акција дојде повторно до израз солидарноста и братството на нашите народи. Војниците покажаа самопрегор, пожртвуваност, снаодливост и лично јунаштво. Некои од нив ѝ се беа противставиле и на разузданата водна стихија која во ноември 1962 година го опустоши грацот на Вардар. „Вие сте среќен народ, имате прекрасна армија" — рече еден американски новинар што по повод катастрофата дојде во Скопје да го известува својот весник. Тој не можеше да поверува дека припадниците на Армијата само по половина час од несреќата беа над урнатините. Секој пример на спасување беше своевиден подвиг и никогаш никој не ќе може да ги запише сите имиња на оние војници кои својот живот го излагаа на опасност за животот на другите. Сатисфакцијата за таа анонимност можеби ќе се најде во оние трогателни средби на спасителите и спасените или во едно долго пријателство и заемно паметење. Многу луѓе се братимеа со своите спасители. (...)

Во првите моменти околу 4.600 војници од Скопскиот гарнизон работеа на спасување, а потоа им се приклучија и војници од Кумановскиот и Тетовскиот гарнизон. Армијата работеше на 32 најтешки објекти: на плоштадот „Слобода", кај хотелите „Македонија" и „Скопје", во „Карпош" и др. Сигурно никoj на овој свет не сфаќа поарно што значи човек да биде затрупан под земја како рударите. Рударите имаат свои стари обичаи. Еден од нив е: никојпат да не се прекинува спасувањето, ако за тоа уште има надеж. Затоа уште првиот ден дојдоа на помош рударски екипи и минери речиси од сите поважни центри во Југославија: 36 рудари и 50 минери од борскиот рудник, рудари од Костолац рудари од „Рембас" кај Ресавица, специјална група со тешка механизација и опрема за спасување од Бановиќи, рудари од Трепча, Радуша, Злетово и други.

Во спасувањето се вклучија екипи оц многу градови, Куманово, Тетово, Титов Велес, Врање, Приштина, Лесковац и други. Реки возила со трудбеници од сите краишта доаѓаа во градот и се ставаа во служба на штабовите за борба против елеменгарните непогоди. Од Белград, од Загреб, од Автопатот и од Крагуевац пристигнаа неколку композиции со градежни машини: булдожери, кипери, багери, дигалки, камиони, специјални работилници, швајс-апарати, дупчалки и слично.

На 27 јули во Скопје допатуваа и две студентски бригади од Автопатот „Мирче Ацев" и „Мите Богоески". Тие не ја завршија третата декада од својата смена, туку веднаш се упатија во настраданиот град. Составот од преку 200 бригадири се упати кон својата лоцирана населба погоре од „Карпош II". „Со три автобуси тргнавме за Скопје. Нема никогаш да ја заборавам разделбата со бригадирите. Сите бригади се построија и ни изразија сочувство. Во овој момент ги немаше традиционалните песни и поздрави, туку разделба со прегратки солзи, нема — без глас. По патеките бригадите ја прекинаа работата за да ни изразат сочувство" — расправаше еден од бригадирите.

Првите радио вести и телевизиски слики облетеа околу земјата носејќи ја низ етерот страшната вистина за Скопје. Светот дозна за тешката катастрофа. Веќе истиот ден крвта на непознатиот странски граѓанин од некоја непозната земја го спаси животот на некој непознат скопјанец. Од Франција дојде специјална екипа на „агадирци" — како што ги наречуваа во Скопје — со специјален апарат за прислушкување кој ги откриваше затрупаните и таму каде што се мислеше дека ги нема. Апаратот реагираше на најмал шум, дури и само на чукањето на срцето.

На 27 јули излезе наредба од Републичкиот секретаријат за внатрешни работи на СРМ во која се задолжуваа сите машки лица од 18—55 години на подрачјето на град Скопје, Тетово, Куманово и Титов Велес да учествуваат во расчистувањето на урнатините и спасувањето на загрозените лица. Сопствениците и корисниците на сите превозни и технички средства таквите да ги стават на располагање на Градскиот штаб за отстранување на општата опасност во Скопје.

Многубројни екипи под бреговите на урнатините ги бараа преостанатите човечки здивови. Можеби во каменот и бетонот уште некое срце не престанало да чука? Од под урнатините се слушаа писоци и повици за помош, СОС до секој жив на овој свет. Работните бригади деноноќно работеа дури и под светлината на автомобилските фарови да го спасат она што се уште може, да се спаси. Во некои згради екипите најдуваа пригмечени мајки што ги држеа во прегратките своите деца. Од многу куќи се вадеа комплетни мртви семејства. Првиот ден едно лице сретна еден свој пријател и го праша како се? Одмавна со рака. Ништо не прозбори. He можеше да зборува. По неколку минути одвај проговори: „Сите мои се мртви. Шестмина. Мајка ми, татко ми, брат ми, снаата и две внучиња...

На оние кои се јавуваа под урнатините се правеа напори да им се обезбеди воздух до целосното спасување. Пред урнатините, каде што работеа екипите од Штип, Тетово, Ниш и други градови пристигаа цистерни со вода за пиење.

Во првите 10 дена од земјотресот го обиколував градот прибележувајќи го сето она што мислев дека ќе ми затреба за овој труд. Имав случаи да видам како на преживеаните им е направен отвор, но тие вкочени не излегуваа, „како да им се пресекле нозете", а потоа кога ќе ги извадеа, бегаа како луди заборавајќи дури и да им се заблагодарат на своите спасители. Имав можност да видам и обратен случај. Од хотелот „Македонија" извлекоа една дваесетгодишна девојка. Веќe облечена. Излезе со насмевка, ја стресе правта од себе, го бакна првиот војник и смеејќи се кокетно, како ништо да не било, тргна кон Плоштадот каде што седна во една кола со странска регистрација. Се прашував: дали е оваа девојка толку храбра или пак уште не е свесна за да може да сфати од каква опасност се спасила?

Фотографии: Tomislav Peternek

ОкоБоли главаВицФото