Нам ни треба комисија што ќе нè прегледа

27.07.2013 07:37
Нам ни треба комисија што ќе нè прегледа

Прво треба да се формира комисија која ќе утврди зошто се распадна комисијата за настаните од 24 декември. Па комисија која треба да види колкаво количество омега сто глупозини можат да се исцедат од мозочните мозолчиња на идиотите од комисијата за утврдување на куровите на сиот нормален свет. А потоа и комисија која ќе истражи зошто премиерот не го отвори новиот аквапарк со весело спуштање по шарените тобогани: дали човекот се исплаши дека народот ќе види колку му е усран газот или затоа што обезбедувањето го предупредило дека би морал да се спушта по два тобогана истовремено (поради шатковидната структура на стапалата) по што сите Македонци би сакале за исти пари да користат два тобогана?! Или затоа што чул дека Сеништето од минатото (Антизоро) ќе го испразни базенот додека тој лета на народот да му подари уште еден успех!

Дали би можеле да формираме уште некоја комисија? Сигурно! Да речеме, можеме да формираме комисија која ќе го утврдува нивото на венеричните болести кај бродскиот персонал и, нормално, кај посетителите на скопските галии, или комисија за сенародна прослава на годишнината од венчањето на нашиот премиер. Или, на пример, комисија која точно ќе ја утврди фреквенцијата на феноменот што во народот е познат под кодното име „кур се тресе“ или „кур се тресе во ладна вода“! Можеби треба да размислиме да формираме комисија која ќе ги координира работите на сиве овие комисии со посебен поглед кон комисијата која треба да ја утврди одговорноста на комисијата на Европската унија.

Опседнатоста со разноразни комисии е мала манифестација на страста на Македонецот кон празната форма, народски кажано, кон ветерот и маглата и дел од општата културна и ментална матрица која на секој мераклија му овозможува да го заебава нашиот човек колку сака, само ако му покаже сликички на каква и да е измислица која е поубава од неговата усрана стварност. Што воопшто не е тешко. Тоа е истата платформа врз која сто пати му ги лапаа девизите и му продадоа сто илјади станови по сто пати, на која го убедија дека комунистите ја упропастиле Македонија и дека на комитите им фалат само уште два-три аквапарка и десетина фонтани за да ја воскреснат, тоа е матрицата која на Македонецот му овозможува да се чувствува супериорно додека прди на „Мадам Бетерфлај“ ако режијата е на некоја „комуњарска“ величина.

Мислам, што да ви кажам, се согласувам со идиотите кои тврдат дека без комисиски преглед ние не можеме да мрднеме од место, а не пак да одиме во Европа.

Колку е попразна формата, таа има поголема привлечна моќ за Македонецот. Понекогаш формата е тука само за да ја илустрира празнината на националната реализација, а понекогаш го возвишува парадоксот до највисоки висини така што самата форма во животот испорачува сосема спротивни содржини: убава национална спортска арена без спорт, јавен сервис за партиска телевизија, здравствени реформи за унапредување на смртта и страдањата, споменици без минато, бродови без море, фестивали без култура и уметност, музеи без збирки, мостови што не водат никаде (Златко Теодосиевски), правосудство без правда, институции без моќ, образование без знаење, црква без вера, академија без наука, факултети без ум, триумфална капија без победи, куполи без врска со бога, политички парадери без линкови со општата супстанца, тротоари без граѓани, партии без поглед на целината, крстови без стравопочит, фудбалска академија без фудбал, македонизам за смрт на македонската идеја, пропаганда за убиство на конзументот, нација за самоизмачување, држава за растурање...

Многу тешки последици ќе настапеле за Македонија ако СДСМ немало да се врати во комисијата за правање на будали од целиот народ и од целокупната нормалност. Ќе сме добиеле негативен извештај од Брисел. Вели човекот што одби да се спушти по шарените тобогани и со својата машкост да ја пресече лентата од новиот објект на македонските подвизи.

Ако се сеќавам добро, нам мајката ни ја расплакаа не негативните туку позитивните извештаи на Европската комисија. Тие позитивности или можностите да се интерпретираат како позитивности го зацементираа најодвратниот режим, еколошката катастрофа поголема од инцидентот со танкерот „Ексон Валдез“ во најголемиот залив на Алјаска. Можеби треба да пробаме со еден негативен извештај. И со тешките последици. Нема да верувате колку многу ги посакувам тешките последици за кои предупредува Груевски.

На Заев му порачав да се консултира со Самарас пред да му одговори нешто на најголемиот негативец во историјата на Македонија и во овој дел од Европа. Ништо, реков тогаш, под нивото што ќе го држи боксерот на подот. Ако Европа инсистира на дијалог со режимот на чипираните идиоти, треба да ѝ се каже - не. Нека дијалогизира Брисел. Брисел ја респектира моќта на ВМРО, но ВМРО не ја респектира моќта на Унијата и прави русвај од нејзините стандарди. ЕУ треба да излезе од таа шизофрена позиција во која тековната стабилност ѝ ја подредува на среднорочната и долгорочна ужасна нестабилност. И да нè ослободи малку од цинизмот со кој бара да воспоставиме позитивен дијалог со нестварно негативни типови, политики и организации!

И тамам човек ќе помисли дека зраците на разумот почнале да ја пробиваат скаменетата сива маса на „мајката на светот“, еве ти нови заебанции:

„На Груевски мора да му стане јасно дека токму ваквиот однос кон клучните прашања за државата и начинот на комуникација со политичките противници ѝ нанесуваат непроценлива штета на Република Македонија", се вели во последното соопштение на СДСМ.

Не, ваквиот однос на СДСМ им нанесува огромна штета на сите - се вели во соопштението на мојот кабинет!

Зошто и како на Груевски би требало нешто да му стане јасно?!

Како може да изгледа освестувањето на некој кој штетите ги прави систематски и како овоплотување на својата мисија и на себеси?! Сте се запрашале ли да не случајно нему совршено му е јасно се и дека, можеби, вие сте тие на кои работите треба да им станат јасни!?

Без тие прашања и одговори, социјалдемократскиот императив е лигава парола на политичката инерција и на одвратната мрза да се мисли!

Сè додека опозицијата не се ослободи од „конструктивистичката“ фрустрација и од опортунистичката проекција и не го дефинира конфликтот како борба за ослободување од внатрешната окупација на чипираните идиоти, ќе плива во мртвото море на вемерето!

Груевски не само што не е ваш партнер, драги мои, тој не е ничиј партнер, тој е самоостварено општо ништо, абартиран москвич без бензин, тело кое престанало да зрачи каква и да е енергија, мртво пувало, смрдлива гола вода.

Тој не е неопасен, но неговата сила во оваа фаза на самораспаѓањето произлегува повеќе од сè уште живата илузија дека можеби може да биде легитимиран како фактор на некаков дијалог, отколку од инструментите на државната присила со која располага.

Народски речено, многу е важно никој да не го ебе ни под разно!

Темата за консензусот е идиотска. Не консензус, туку битка за победа на разумот, на нормалноста, на модерноста!

Каков дијалог, со кого дијалог? Нема дијалог со лудаци. Тоа е како да барате директорот на Дојче банк да оствари позитивен дијалог со франкфуртските апаши. Уште повеќе, тоа е како кога некој би барал џелатот и човекот на кого му ја сечат главата со тапа пила да формираат позитивна политичка агенда.

Морав да фрлам мала касетна бомбичка во опозициското селце од смрдливи вообичаености. Спремен сум да излезам пред Трибуналот за мирновременски злосторства во Македонија и Руанда што еден ден ќе го формираме!

Извор: Глобус
Слики: Свирачиња