Општество под надзор

27.07.2013 09:27
Општество под надзор

Со нешто повеќе од 1,4 милијарди жители во градовите, Кина веќе ја има најбројната градска популација на светот. Премиерот Ли Кеченг има намера со помош на новата кампања да создаде уште 400 милиони граѓани во наредните 10 години. Кинеските технократи се надеваат дека новото градско население ќе ѝ помогне на забавената кинеска економија, ќе ја поттикне домашната потрошувачка и истовремено ќе го намали нивото на кинеската зависност од глобалната трговија и инвестициите.

Многу од луѓето кои се неопходни за остварувањето на овие планови веќе живеат во градовите како Пекинг, но како мигранти без формални „дозволи за престој“ (т.е. houkou, како што се наречени во Кина) и без пристап до јавните услуги и бенефиции. Урбанизацијата ќе го опфати вклопувањето на мигрантите во трајни „заедници“ (shequ) со пристојно сместување, здравствена заштита, образование и други јавни добра.

Урбанизацијата ќе подразбира преместување на земјоделците, па дури и на номадите во новоизградените сателитски градови, како Ланзоу Ксингу, кој конечно ќе вдоми повеќе од половина милион нови жители на површина од 800 квадратни километри расчистена земја.

Се очекува дека просторното разместување од овој обем ќе создаде нови социјални проблеми и огромни предизвици за кинеските комунистички лидери, чиј главен приоритет сè уште е задржување на власта преку зачувување на социјалната стабилност и економскиот раст.

Главното средство кое партиската држава го користи за контрола на урбанизацијата е недоволно познатиот систем на социјално управување познат како вмрежување (wanggenhua).

Преку него, партиските службеници буквално ги мапираат урбаните заедници за да создадат технолошки напредна мрежа на сегментација, надзор и социјална контрола. Human Rights Watch веќе го забележа развојот на овој систем на Тибет, но неговиот дострел и амбиции се многу подлабоки.

Овој мрежен систем настана во Пекинг при една масовна козметичка обнова пред Олимписките игри во 2008 година. Низ опаѓањето на значењето на затворените, ќелиски „работни единици“ (danwei) и забрзаниот развој на комерцијалниот пазар на недвижностите, локалните и државните функциониери не можеа да држат чекор со потребите на сè поподвижното население.

Во времето на Мао Це Тунг, danwei и партиските локални комитети не само што ги обезбедуваа основните социјални услуги, туку и внимателно ги контролираа активностите на одредени лица.

Во масовните градски центри, како што е денес и Пекинг, најнискиот орган на власта е подобластниот или „уличниот“ орган, кој е задолжен за десетици илјади често безимени и привремени поединци.

На пример, во десет заедници кои се простираат на три квадратни километри во подобласта Хуиалоу живеат 70.000 жители со постојана дозвола за престој, но и безборој привремени жители, како мене.

Во 2004 година, соседната општина Донгченг започна да експериментира со новиот систем на градска управа. Користејќи ја најновата технологија на GIS мапирање, службениците ја поделија оваа општина од 25 квадратни километри на 1.652 единици (при што секоја има околу 10.000 квадратни метри), а потоа мал тим партиски службеници беше задолжен за секоја од нив.

Менаџерите на единиците ги координираат активностите на „локалните работници“ (како локалните комитети и работниците задолжени за безбедноста, градското уредување и чистотата) и креираат физичка и дигитална врска помеѓу локалните жители и државните службеници и услуги. Тие се одговорни за прибирањето информации и за решавањето на потенцијалните проблеми на самиот почеток, гарантирајќи дека „помалите проблеми ќе бидат решени во единицата, а поголемите на ниво на заедницата или на општината“.

Едноставно кажано, целта на новиот систем е обнова на локалниот надзор од маоистичкото минато и негово прилагодување кон пофлуидната атмосфера на пазарот.

Се очекува дека поделбата на Пекинг на единици ќе биде завршена до крајот на годината, додека другите градски центри ширум Кина воведуваат слични планови. Дури и се зборува за проширување на овој метод во селата, во облик на „рурален мрежен систем“.

Како што кажува и самото име, мрежните софтвери и новите компјутерски технологии се основата на овој систем. Во некои места луѓето се веќе опремени со бежични мобилни уреди и со специјални мрежни софтвери за координирање на активностите. Физичкиот надзор е дополнет со видео-камери со висока резолуција, кои работат преку милиони „дигитални очи“ кои ја следат речиси секоја активност.

Се проценува дека во Кина има помеѓу дваесет и триесет милиони надзорни камери, а безбедносните службеници (со помошта на Cisco Systems и останатите технолошки компании) се обидуваат да ги поврзат овие камери и другите надзорни апарати во еден централизиран, интероперативен и целосно автоматизиран систем на мрежен надзор. Бидејќи и интернетот и телефонската комуникација веќе се внимателно следени, во Кина нема многу места на кои би можеле да се скриете.

Мрежниот систем е сè уште во фаза на развој и се манифестира на радикално различни начини, во зависност од локацијата и од видот на заедницата со која се управува.

Двата екстрема можат да се видат и во моите заедници, во иселеничката заедница кај Централниот парк во Пекинг и во мигрантската заедница од Сајмачанг во Сикјанг.

Централниот парк не е типична пекиншка населба. За разлика од типичните „заградени населби“, секој може да влезе пеш или со автомобил во овој широк кварт со 24 облакодери со околу 19.000 станови кои се простираат на повеќе од десет хектари елитно пекиншко градежно земјиште.

Управувањето со мрежниот систем на овој комплекс ѝ е препушено на фирмата Савилс, една од водечките светски компании за станбени населби, а станарите плаќаат месечен износ за приватност, безбедност и „луксузен животен стил“.

Дисциплинираните потрошувачи од средната класа, како и самиот јас, му плаќаат на персоналот од компанијата Савилс за да нè држи подалеку од какви било „проблеми“, а тим од шестмина вработени во повеќе смени деноноќно ја опслужува нашата зграда и нејзините потреби.

Истовремено, партиската држава ги контролира странците со помош на компјутеризираната база на податоци за регистрација на странците. Според кинескиот закон, јас морам да го оставам мојот пасош во полициска станица секој пат кога ќе се вратам во Централниот парк, по престој во некоја странска држава, а ако не го направам тоа во период од 24 часа по враќањето, пропишаната казна е 500 ремниби (60 евра).

На секој чекор, и луѓе и машини се грижат за мојата безбедност и ја одржуваат партиската контрола. Одредот од приватни чувари ги контролира влезовите и спроведува редовни патроли, а персоналот во зградата лично и низ компјутеризирано бележење на влезните картички ги надгледува влегувањата во зградата.

Како дополнителен систем на заштита, во Централниот парк има речиси илјада безбедносни камери. Избројав дваесет и пет уреди при моите редовни прошетки: еден од нив е пред мојата влезна врата, вториот е во лифтот, има уште три во предворјето и уште дваесет на патот до местото каде што го пијам моето кафе, со надзорот на уште три кои ме следат додека го пијам еспресото.

За тоа време во Сикјанг, на далечниот запад, се проценува дека градското население во текот на оваа деценија ќе се зголеми за повеќе од 15%. Како и во пространите тибетски области на Кина, партиските службеници во овој нестабилен малцински регион, брзо го прифатија мрежниот менаџмент, особено по бруталната пресметка на ујгурското и ханското население во јули 2009 година, која однесе речиси 200 животи (повеќето хански).

Во регионалната престолнина Урумечи веќе живеат преку 70.000 привремени мигранти, многу од нив во соби од 10 квадрати во сè поголемата сиромашна населба Саимчанг, на југот од градот.

Со пописот од 2011 година беше установено дека 85% од речиси 5.000 жители на источен Саимчанг се ујгурски мигранти, а третина од нив потекнуваат од истата рурална општина во близина на Кашгара.

Во мрежниот систем, ова некогаш мрачно и хаотично сиромашно население, кое службениците го обвинуваат за ујгурското насилство над ханското население во 2009 година, сега е целосно мапирано, преуредено и прераспоредено низ планот кој е наречен „одвоена управа на малата заедница“.

Многубројните улици на Саимчанг сега се преуредени на тој начин што сиот сообраќај минува низ еден контролиран влез кој се чува 24 часа на ден. Мрежните службеници спроведуваат контрола и водат сметка сите станари да бидат регистрирани, а низ „хотелските“ процедури на пријавување и одјавување се следи движењето низ системите на смарт-катрички и многубројни безбедносни камери.

Во Урумечи неодамна беа инсталирани преку 40.000 камери со висока резолуција, отпорни на удари, а безбедносните органи сега се фалат со „едноставниот“ надзор во областите како Саимчанг.

Саимчанг и Централниот парк се различни светови. Меѓутоа, новиот кинески систем на мрежна контрола и во двете области го применува истиот систем на индивидуализирана, партиска контрола и надозор.

Овој амбициозен високотехнолошки систем на општествена контрола ѝ овозможува на партиската држава и понатаму да троши многу повеќе пари за надгледување на „непријателите“ во рамките на мрежите, отколку за оние преку границите.

Извор: Inside Story
Слики: Виктор Хабик

ОкоБоли главаВицФото