Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми (7)

27.07.2013 09:08
Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми (7)

Зборот маѓепсник

Никнува кај што не го сееш.

Нараснат како леб
се спровира низ иглено дупче.
Се истанчи ли,
и небото му е тесно.

Ќе сомеле камен -
погача замесува.
Ќе се спулави -
нож в грло забуцува.

Кренеш ли и ти нож
утре не ќе најдеш мевлем
јазикот да си го излекуваш.

Затоа -
почит кон зборот маѓепсник.

И само да не би
во алчност да го повечераме.

Темницата ќе ни стане претешка.


Проклетство

Има и такви -
ковачи под јазик
сорови им коваат.

Нè распарчуваат,
со крвави раце го собираме
она што сме биле.

Ќе почекаме.
Еднаш ќе се разбудат
и нашите ковачи.


Секој има свој Јуда

Се симна од олтар
многувековниот Јуда
и појде во кафуле
со гроздова крв
крвта да си ја обнови.

Урокливи џагуриња
атеисти без партиски книшки
ревеа по него:
Јудино воскресение
смешно привидение!

Стискајќи в дланка сребреници
Јуда благо се насмевна:
Почекајте копиленца
и вие ќе имате свој Јуда!

 

(Бессоници, 5)

Тоа се тие поротници,
грозд од зачадени глави.

Очите си ги покриле
со сол од три мориња.
Полесно им е да не те гледаат.

Ушите си ги затнале
со бронза од закопни ѕвона.
Полесно им е да не те слушаат.

Пуштиле нокти.
Ќе ти ја откорнат од гради
птицата на утрешната песна.

Ќе ја легнат птицата на оган.
Со птицата и срцето.
Со срцето и песните.
Со песните и животот.

Ќе си повечераат.
Сити,
ќе донесат пресуда.

Каква -
да не ви кажувам.

Четиристишие

Стисни му грло на петелот,
не е секој ден за песна.

Друго е што на некои
петлите и заклани им пеат.


Истражувања

Од одроните на сегашнината,
од нејзиниот крвоток
се исправија потомците.

Најдоа мртва глава.
Се спровреа низ глобовите.
Мислите на татковците
од жолт мрак ќе ги ископаат.

Во празнината под темето
видоа колку им било тесно
на грижите за иднината.

Клекнаа да се помолат -
една друга иднина
да има своја иднина.

Ние сме Македонија,
рекоа.


Воскресение на понижените

Ене ни ја судбината.
До небо се исклештила.

Ни ги откорнала срцата.
Се закитила со нив
небаре клопотарци се.

Си ја тера кобилата
преку бездни и превалци.

Со наши жили ја зауздала.
Со наши плешки ја оседлала.
Со наши крици ја гони.

Нè осакатила.
Нè оковала со трње.
На кол нè наденала.

Доста е.
Премногу и за каменот.

Се исправаме воскреснати
ние - легијата на понижените.

Време е, проклетнице, да те подбереме,
зауздана да те потераме
по наши патишта
далеку од оние
земјата што ја разделија
на плантажи во кои
семе на омраза фрлаат.

Време е да застанеме на нозе.
Огновите ни се будат.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел
Кон шестиот дел

Од збирката Измислена тврдина, 2002 (постхумно)
Слики: Siobhan McClure

ОкоБоли главаВицФото