Спасување на затрупаните (2)

27.07.2013 11:46
Спасување на затрупаните (2)

За време на земјотресот во хотелот „Македонија” се наоѓаа околу 200 луѓе. Четвртината од нив беа странци. На 25 јули во Скопје допатуваа 152 странски државјани од кои 50 беа сместени во хотелот „Македонија”, 50 во „Инвалидскиот дом”, 50 во камп-куќички и двајца во „Карпош II”. Настрадаа само дел од оние што беа сместени во хотелот „Македонија” и во „Карпош II“. Од странските државјани најмногу беа Французи. Посебна група од Републичкиот штаб беше задолжена за организацијата на спасувањето на странските гости.

Пред хотелот „Македонија“ се наоѓаа двајца воени лекари чија задача беше да дежураат и да укажат прва помош на евентуално извадените живи, а распаднатите трупови да ги полеат со хлор, и да го дезинфекцираат местото и поблиската околина од каде што е изваден трупот. Војниците од единиците на полковникот М.У., заштитени со гас-маски и со изолациони нараквици, ги расчистуваа урнатините и се пробиваа кон собите на хотелот. Но собите ги најдоа празни. По сè изгледа дека гостите ги напуштиле собите и се стрчале да излезат. Меѓутоа, во ходниците биле затрупани и таму загинале најголем број. Тие што пропаднале во барот, кој беше сместен во подрумот, останале живи и беа спасени. Меѓу другите таму беше спасен и брачниот пар Жакмер од Белгија. Екипата рудари од Костолац, и екипата од Планинскиот сојуз на Србија, испотени и испрашени, веќе три дена работеле на урнатините. Одненадеж од подрумот чуле слаби гласови. Под раководството на еден инженер, екипите веднаш на тротоарот ископале дупка во правец на подрумот. По 4 часа неколку лица од екипите влегле во подрумот-бар. Тука бил полн мрак. Се служеле со батериски ламби. Под слабата светлина се наѕирале скршени бетонски носачи, пропаднати подови, од сите страни железо, бетон, штици и скршени маси и столови. Членот од екипата кој одел напред, возбуден наеднаш рекол: „Најдовме човечка нога, пригмечена но топла. Изгледа дека човекот е жив, но телото не се гледа“. „Дали сте живи?“ — прашал еден од спасителите. „Ние сме овде“ се чул женски глас на француски јазик. „Ние сме Белгијанци“. Било тоа изненадување: се јавил женски глас, а ногата била машка. „Сами ли сте?“ прашал еден од спасителите на француски. „Не, со мене е мажот ми“ — одговорила жената. „Дали е и тој жив? „Да“ — одговорила. „Што беше ова, вулкан, земјотрес или атомска бомба?“ — запрашал овој пат машкиот глас. Лекарот од екипата му одговорил дека бил земјотрес. Co дигалка му ја ослободиле ногата која била многу повредена, но тој не офкал. По еден час работа во подрумот младата Сизи Жакмер, речиси неповредена беше изнесена. Таа одвај можеше да му се насмевне на насобраниот напод и падна во бессознание. При вадењето на Жан Жакмер издробените делови на зградата го пополнија тунелот што го ископаа рударите. Затоа борбата за неговото спасување продолжи уште неколку часа. „Благодарам — им рече на спасителите кога го извлекоа надвор — знаев дека ќе дојдете. Под урнатините останав педесет часа“. Рече дека е биолог и дека дошол во нашата земја да ги проучува музејските вредности. Кога го изнесоа на светлина, радосно им мавна на собраните луѓе, а потоа го однесоа во болница.

Еве уште едно раскажување како било спасено од истиот хотел едно лице од селото Соколарци, Кочанско: „Земјотресот ме затече на спиење во собата 329, на трети кат. При првиот удар видов како врз мене паѓа таванот. Ги ставив рацете на лицето и тоа многу ми помогна. Вториот потрес беше посилен. Тогаш врз креветот падна ѕидот што гледаше кон Плоштадот. Бев затрупан, но не пригмечен. Од носот ми течеше крв. Во таква состојба се наоѓав сè додека спасувачката екипа не ме извади од урнатините. Иако бев во незавидна положба, сепак бев сосема присебен. Дури на спасувачите им соопштив од која страна да пристапат кон отстранување на ѕидот за да не ме повредат. Во собата веднаш до мене, имаше странско семејство. Ми се чини дека беше четиричлено. Некое време слушав тапи удари в ѕид. Бараа помош. Но, наскоро ударите престанаа”. Еден војник кој работеше на урнатините од хотелот „Македонија“ расправаше: „Еден ден пред катастрофата пристигна мајка ми во посета. Бев цел ден со неа и вечерта побаравме соба за ноќевање на мајка ми во хотелот „Македонија“. Но, сè било полно. Потоа го молевме портирот од хотелот „Скопје“, но залудно. И таму беше пополнето. Одвај мајка ми ја сместив во хотелот „Турист“, a јас заминав в касарна. Утрото рано извлекував мртви, ранети и живи од хо- телот „Македонија“. Бев како во треска. Во овој хотел извлекував мртви, а мислев на мојата мајка. По некое време дознав дека и хотелот „Скопје“ е разурнат. Me опфати тага. Почнав да плачам. Си замислував како други војници ја откопуваат мојата мајка. Дури подоцна дознав дека „Турист“ не се урнал. Тогаш, сиот во солзи, со поголем елан, се нафрлив врз паднатите ѕидови. Плачев и работев“.

Од хотелот „Македонија“ екипите спасија само 42 лица. Меѓу нив имаше Французи, Швајцарци, Американци, Белгијанци, Данци, Германци, Грци и Ирачани.

Во другиот разурнат хотел „Скопје“ работеа четири десетини. Беше десет часот, 27 јули. Тешка симфонија од пискотници, удари на лопати и казми, брмчење на мотори од камиони и дигалки, довикување на војници. Жолт прав се лепеше по испотените вој- нички блузи. Една бабичка му пријде на офицерот. Носеше цел грст лимони и му рече: „Подели им ги на војниците, на дечињава“. Околу 30 војници со тешка мака подигнаа еден бетонски блок. Набрзо молк. Под него од еден куп на малтер и тули се покажа рака на загинат човек. Само едно неописливо лелекање ја наруши тишината. Тоа беше гласот на жената П.Н.: „Мажот ми, леле, мажот ми“. Одвај успеавме да разбереме, секој збор чиниш се губеше во нејзиното грло, задавена од порој солзи. Две-три момчиња во војнички униформи претпазливо почнаа да ги растргнуваат тулите. Воздухот стана неснослив. Ни белите марами од газа што на војниците им беа дадени, ниту гас-маските не можеа да го сопрат непријатниот мирис. Набргу и целото тело беше извлечено од урнатините. Потемнето, модро и некако неприродно големо — надуено. Телото беше голо. Рацете му беа на местото каде што некогаш била главата. Ја повикаа жената од паркчето што лелекаше. He можеше да оди. Ја подигнаа на раце и ја донесоа до лешот. He сакаше да погледа. Co сила ѝ ги оттргнаа рацете од очите. Достатно беше само еден миг и жената писна... „Не, тоа не е мажот ми“... Одново лелекање... „Ако не биде изваден и денес, којзнае дали нешто ќе остане од него“. Ја одвлекоа. Лешот беше натоварен на камион што возеше на гро-бишта. Воздухот и натаму беше неснослив. Веројатно меѓу луѓето што ги затубија животите под урнатините на овој хотел сè уште се наоѓа неоткопан мажот ѝ на П.Н.

Плоштадот „Слобода“, целиот е урнатини. Тоа е најпотресната слика на Скопје. Пристигнуваат првите камиони со војска. Еден војник се затрчува и се нафрла врз урнатините. Неговиот брат е таму некаде длабоко во урнатините. Копа со своите раце, фрла тули, создава некаков отвор, се провира внатре. Тула по тула. Ќе го најде ли својот брат? Од урнатините допираат гласови, молба за помош. Земјата и натаму се потресува, но никој не помислува да се повлече од купиштата. Потоа од некаков тесен тунел се појавува војникот. Зад себе го влече својот брат со искршени нозе. Жив... Војникот е целиот облеан со крв, а облеката тукуречи партали. Потоа војникот со иста пожртвуваност продолжи да спасува други.

Една мајка — името не е важно — со едниот син некако излегла од урнатините на плоштадот „Слобода“. Другиот, тригодишен син и татко му се внатре. „Помош“ — вика жената во комбинезон. Приоѓа еден граѓанин. Непознат. Се завлекува во дупката. Над него одозгора стравично стојат надвиснатите блокови од некогашната зграда. Педа по педа се пробива внатре. Воспоставува врска со затрупаните. Живи се. Малиот, тригодишен е, се слуша како невино вели: „Чичко, не пуштај ми прашина“. Тој е во своето искривено креветче, одделен од својот татко. Половина час потоа тој е надвор. И вели: „Таму е тато“. Граѓанинот пак се спушта низ „јаже” што го прават војниците од нивните врзани каиши. По еден час излегува спасителот со онесреќениот татко. Жив е. Има доста рани по телото, но жив е. Ова семејство дури тогаш се сети дека внатре е и свекрвата. Нов напор. На крајот едно семејство е спасено.

Веднаш по земјотресот артилерискиот мајор П.Б. отрча во својата единица, присобра околу 200 војници и со нив на плоштадот „Слобода“ почна да расчистува урнатини. Првиот ден војниците под негова команда извлекоа 52 живи граѓани. Војниците спроти земјотресот имаа вежба. Но, сепак тие 24 часа без одмор и без храна ги спасуваа онесреќените. Само од овој блок извадија 60 мртви.

Група војници — Босанци од Тетовскиот гарнизон — работат на 11, 12 и 13 зграда во „Карпош II“. Тоа беа првите часови кога механизацијата уште не беше пристигнала. Војниците беа предупредени да се чуваат од нови потреси. Но, предупредувањата останаа попусто. Нивната единствена мисла беше да се спасат што повеќе човечки животи. „Ако ова се случеше во нашиот роден крај, секој Југословен ќе го направеше истото што сега го правиме ние“, — одговорија тие.

„Карпош II“, зграда 11. Мртви 34. Зградата имаше 3 влеза, 150 стана. Луѓето во оваа зграда страдаа во приземјето, првиот и вториот кат. Другите три ката не се поштедени, меѓутоа, жителите од горните катови се живи. Бројот на ранетите е голем. Зградата имаше 5 ката, а сега има 3. Два ката пропаднаа в земја. За напорите околу спасувањето во оваа зграда раскажуваше разводникот М.О.: „Од подрумот доаѓаше детско плачење. Старешините ме предупредија да не одам долу, бидејќи и самиот можам да загинам. Ги молев и ми дозволија. Се провлеков низ еден отвор. Одев низ некои ходници. Потоа пак низ отвор надолу. Беше темно, а околу мене насекаде урнатини. Го осветлував патот со батериска ламба. Некаде од длабочина се јави детето, му реков да не се плаши, дека сум војник и дека нè има многу. Се влечев во правец на гласот. Пред мене — ѕид;. Детето беше од другата страна. Ѕидот напукнат. Пукнатината ја проширував и се провлекував. Детето тогаш пак се јави: „Еве ме, тука сум, чичко војник“. А тоа „тука сум“ беше толку близу, што до него патував уште 6 часа. Детето не можсше ни да се помрдне. My велев да ми ја подаде раката, а тоа ми одговори дека не може. Продолжив да работам. Почна да паѓа голема прашина. Детето ми вели: „Оф, ти ме удави, чичко војник”. My ја ослободив раката и ме гушна. Потоа и другата. Ме гушна со двете раце. Јас се повлекувам назад и него го влечам. На излезот го прифатија моите другари. Од болница дојде кај мене, во посета, заедно со стрико му. Ми ја дадоа за спомен неговата слика.“

Во соседство, зграда 12. Војници извлекуваат мртво осумгодишно девојче, го завиткуваат во чаршав и го ставаат на камион. „Heмој уште да поаѓаш“ — му викаат на шоферот. „Сега ќе ја извадиме и баба ѝ на Виолета“. Една сосетка го покри лицето и рече: „Ах, Виолета и баба ѝ“. Потоа сосетката ја раскажуваше посебната трагедија на Виолета. Mајка ѝ умре при породувањето, потоа и татко ѝ во сообраќајна несреќа. Остана сама со баба ѝ од која никојпат не се раздвојуваше. „Поради тоа беше омилена и сожалувана од нас комшиите“ — го заврши раскажувањето сосетката.

„Карпош II“, зграда 13. Најнесреќната зграда во градот. Од оваа зграда е извлечен само еден неповреден. Извлекоа 195 мртви и 102 ранети. Војници и рудари од Пробиштип копаат. Тажна руда... мртви... мртви...

Под еден блок пригмечен човек со бела коса, гушнат со девојче. Татко и ќерка. Гушнати како во клешти. Ковчегот е мал, не ги збира. Две жени од урнатините носат шифоњер. „Земете го, мој е. Сохранете ги. Тука ќе ги збере“ — им вели на рударите. Други пак војници длабоко во урнатините се цели 5 часа. Командирот им наредува да се повлечат, а тие и понатака со дупчалка го пробиваа ѕидот за да поминат од другата страна од каде што се слушаа лелеци. Тоа им беше првата наредба која тие не ја извршија. Кога го пробија ѕидот, еден војник викна во темнината: „Бабо, кај си, јави се“. „Не сум јас баба, јас сум млада“ — навредено одговори младата жена. Кога ја извлекоа, се онесвести. Во истата зграда други двајца војници дојдоа до едно момче кое беше пригмечено меѓу две бетонски плочи. Кога ги виде, им рече: „Не оставајте ме, браќа, дајте ми го револверот да се отепам”. Но, тие не го слушаа, по седум часа го извлекоа. Ранет, но жив.

Аголот на улиците „Булевар ЈНА“ и „Гуро Ѓаковиќ“. Урнатини во должина од 100 метри. Co екипата раководи мајорот Ј.Б. Ј.Б., кој со својата чета не се истава 52 часа. Од оваа зграда извадија 80 мртви. Тука откопуваше војникот Л.K. од Пула, кој во полна темнина влезе во урнатините. Над него се одронувал малтер и стаклена волна од изолацијата што му го нагризуваше од пот навлаженото тело. По 12-часовно откопување наишол на една старица со својата 17-годишна внука, гимназистка. Срцето посилно му зачукало. Верувал дека спасил две суштества. Радоста му траеше само еден ден. Утредента отиде во болница да ја посети бабата и гимназистката. Бабата го дочека со плачење и со зборовите: „Сабајлево умре внука ми“. „Срцево ме заболе. Ми се чинеше дека умрела мојата сестра. А беше толку млада. Цел живот пред неа. И убава...“ — заврши војникот.

Куќата на улица „Орце Николов“ што се наоѓаше над аптеката „Илинден“, која во катастрофата речиси беше срамнета со земјата, цели 30 часа по несреќата даваше само една констатација: сè што имало внатре е мртво. Оттука беа извадени 56 мртви. Никој не се надеваше дека некоја душа може уште да живее во овој крш. Меѓутоа, за големо изненадување, пo 3 часа излегоа живи три деца. Најстариот И.Д. имаше 20 години. За него весниците и порано пишувале. Тој беше еден од оние луѓе кои во поплавата покажаа вонредно залагање. Им помогна на повеќе од 20 граѓани. И овој пат остана присебен. Веднаш по затрупувањето воспоставил врска со татко му кој бил во другата соба и кој му јавил за смртта на неговата мајка. Двата негови брата биле во неговата соба. Почнал да копа, да се пробива, педа по педа, постојано одржувајќи врска со браќата кои иделе по него. Отпрвин копал со раце, а потоа нашол некое железо и го забрзал копањето. По 30 часа непрестајно копање, здогледал светлина. Почнал да вика и луѓето однадвор веднаш му пришле. Застанал на нозе како ништо да не му се случило. По него излегле и неговите два брата. Родителите им ги откопаа мртви.

На овие урнатини работат и двајца браќа, и двајцата поручници. Едниот со служба во Скопје, а другиот во Крушевац. Веднаш по земјотресот поручникот од Скопје со својата единица дојде во помош во улица „Орце Николов“. Неговиот брат, штом ја чул веста за трагедијата, дојде во Скопје за да види што станува со неговиот брат. Го најде работејќи на урнатините. По поздравот и тој се придружил кон единицата на неговиот брат. Тула по тула, камен по камен и се покажува отвор. Викаат: „Има ли некој жив?“ „Чичко, чичко, тука сум“ — се слуша од длабочината. „Како ти е, душо?“. „Гладна сум“. Браќата ѝ се приближуваа. Меѓу нив има полно штици и греди. Ги стружат со рачна пила и отвораат мала дупка. Низ дупката на девојчето му ја даваат ламбата да ја држи, да им свети, а тие го прошируваат отворот. Потоа девојчето ја подаде прво левата, па десната рака, малку се извитка на страна и полека излезе. Браќата го креваат девојчето угоре. Живо и здраво. Околу 1.000 луѓе кои беа насобрани ги поздравија браќата поручници со аплауз и благодарност.

(продолжува)

Кон првиот дел

Фотографии: Томислав Петернек

ОкоБоли главаВицФото