Спасување на затрупаните (3)

29.07.2013 11:47
Спасување на затрупаните (3)

Улица „Гоце Делчев". Четврти ден по катастрофата. Пред урнатините има сè помалку луѓе кои чeкаат војниците, рударите и пожарникарите да им извадат некoј близок. На тротоарот седи само Б.К. зараснат во брада. Цигарата веќе му догорува, а друга вади од кутија. Седи и чека од урнатините војниците да му го извлечат и четвртото дете за да го испрати до гробишта, таму каде што во текот на претходните три дена ги испрати трите деца и својата жена. Седи и пишува писмо: „Им се заблагодарувам на другарите од В.П. 5348 за пoжртвуваноста и самопрегорната работа за време на земјотресот во Скопје. Го молам раководството на единицата да ги пронајде 200.000 динари и рамноправно да им ги подели на сите борци кои не ги штедеа животите за да ми го спасат семејството“.

Улица „Карл Маркс“, 27 јули. Од четирикатната зграда извлекоа жив младич и тоа токму во оној момент кога стаса маршал Тито. Маршалот застана и беше длабоко трогнат кога виде дека младичот што го носеа му мавта со рака во знак на поздрав. Маршалот се приближи до урнатините од каде што се креваа облаци од прав. „Луѓе, кислород уфрлете внатре, можеби има и живи, вака ќе се задушат од правот“, — се обрна претседателот до спасувачките екипи.

Улица „Ленински Комсомол“, 26 јули, 6,55 часот. Трча босоного и уплашено 10-годишно девојче. Ги прескокнува урнатините и вика: „Другари војници, тука има затрупано семејство! Помагајте!“ Девет војници со копачи, бонсеци и лопати се упатија кон куќата. Се провлекуваат низ паднатите греди во демолираната спална. Двајца мртви. Смртта ги погодила, како и многу други, в кревет. Во соседната соба, уште еден, детски труп. Тоа беше третата жртва од истото семејство.

Железничка станица. Зградата преполовена. Стрелките на железничкиот часовник застанале на 5,17 часот. Војници, граѓани, ученици и сите оние што се нашле на тоа место копаа за да им помогнат на затрупаните кои бараа вода и спас. Двајца милиционери влегуваат под армираниот бетон и извлекуваат тројца тешко повредени патници.

Аголот на улица „Наум Наумовски“ и „Осма ударна бригада“, отспротива на познатата „Арапска куќа“, 26 јули, 7 часот. Војници се распоредиле по групи. Една група влегува во демолираната спална. Маж и жена — мртви. До нив едногодишно девојче. Будно. He плаче. Кога ги виде војниците, ги подаде своите рачички кон нив. Еден војник го подигна, а тоа со сета сила го гушна, инстинктивно чувствувајќи дека тука му е спасот. Кога го изнесе, војникот ѝ го подаде на една санитетска екипа. Но, девојчето не го пушташе. Го оттргнаа и тоа тогаш се расплака.

Улица „Водњанска“. Беше петокатница, а долу самопослуга. Сите девет семејства мртви. Таа вечер ја прославуваа годишнината од вселувањето во зградата.

Улица „Народен фронт“. Низ отвор од 20 сантиметри влечејќи се на мев, еден зад друг влегоа двајца војници и во темнината напипаа жива рака што грчевито ги стегна. Во тој момент се слушна татнеж. Низ отворот чуја повик: „Земјотрес! Излегувајте!“ Двајцата храбри војници останаа како приковани. Влечејќи го затрупаниот човек, сантиметар по сантиметар го извлекоа надвор.

Семејство од Егејска Македонија. Ноќта меѓу 25 и 26 јули имаа веселба. Тој ден дошле и двата сина од странство. По 16 години за првпат целото семејство било заедно. Но, и за последен пат. Извадија живо само едно девојче: „Мајка ми, чичко?“ Молк. „А татко ми?“ Молк. „Сестрите, чичко?“ Молк. „А браќата?“ Пак молк.

Друго тричлено семејство. Спасителите извлекоа маж и неговата жена. Таа го побара својот единец. Оние што ја извлекле не знаеле што да ѝ одговорат. Шестгодишниот Д. веќе не беше меѓу живите. И мајката неколку дена постојано стои крај својот згаснат дом и тапо, безизразно гледа во празнината, токму на она место каде што пред катастрофата стоеше нејзиниот дом. Додека булдожерите го прочистуваа местото каде што загина нејзиниот син, таа почна да трча кон луѓето кои бараа лешеви и ги молеше да пронајдат барем некоја играчка за спомен од затрупаниот син.

По многу години чекање, едно семејство доби стан од својата установа. На 25 јули се вселија. Во новоградба. Луѓето беа среќни. Ноќта меѓу 25 и 26 јули веселба. Роднините и пријателите им дојдоа да им го честитаат новиот стан. Во 4 часот, на 26 јули ги испратија последните гости. Во 5,17 часот од ова семејство немаше жив ниту еден.

Една жена ѝ расправа на друга: „Ете, жива сум. Ама сме настрадале. Три деца ми загинаа. Од три, пет и девет години... Уште едно ми остана. Ама не сум само јас мајка што изгубила деца. Колку се? Насекаде мртви! Само од нашата зграда колку извадија...“ Очите ѝ се суви. Три деца мртви, а таа наоѓа сили во тоа што вели дека не е само таа мајка што изгубила деца.

Од левата страна на Вардар, во стариот дел на Скопје имаше исто така многу изурнати куќи до темел. Бидејќи тоа беа мали приземни згради, не се презедоа организирани мерки за расчистување. Тука спасувањето беше преоставено на комшиите, на граѓаните и доброволците, кои само од Сули-ан извадија 17 мртви. Отпрвин се веруваше дека во овој дел на градот нема многу мртви, но наскоро се потврди дека и таму бројот на жртвите не е мал.

На петтиот ден од земјотресот француската стручна група „Агадирци“ со специјални апарати за прислушкување установи дека под урнатините нема веќе преживеани. По оваа констатација не се работеше веќе толку внимателно, туку главно со механизација, a се вадеа само трупови. Сите трупови поминуваа низ службата за идентификација која ги прегледуваше, бараше кај нив особени белези, предмети, документи и друго. Секој труп беше сликан, се земаа отисоци од прстите, делови од облеката и предмети најдени во неговата близина. За секого се отвораше посебен картон и се вршеше личен опис. Се применуваа и судско-медицински методи. Поради тоа не изгледа чудно што некои членови од оваа служба халуцинираат. Сонуваат како им паѓа врз глава брдо од трупови, на соне ги бројат смачканите трупови и сл. Од службата за идентификација труповите одеа во мртовечницата каде што четворица службеници со административна педантност ја регистрираа колоната на смртта.

Бутел. Масовна гробница. Тројца од оние што закопуваат паѓаат жолти. Некои од доброволните гробари бегаат. Други се пријавуваат. И за закопот треба помош. Од внатрешноста се испраќаат две младински бригади. Младинците ќе видат што е тоа масовна смрт. Дојдоа од Автопатот, но и тие не се доволно. Донесуваат булдожери. Се копаат ровови долги по 30 метра и тука се сложуваат ковчезите, еден зад друг. Над гробот обична штица на која со молив е напишано името и презимето на закопаниот, доколку е идентификуван. На многу штици е напишано: „Непознато дете“, „Непознат маж од околу 30 години“ и сл. Потрагична слика не може да се замисли. Многу настрадани се закопуваат без никаква придружба, бидејќи нив немало кој да ги испрати — целото семејство загинало. Камиони полни со трупови доаѓаат. Во еден ров, едно по друго шест гроба. Сите имаат исти презимиња. Семејна гробница. Бутел е единствен и најоригинален споменик во светот. Споменик на загинатите скопјани — парчиња бетон од урнатите згради, формирани во вид на саркофаг.
Екипите за спасување успеаја да извлечат од урнатините 2.458 лица. Во земјотресот вкупно се ранети 3.383 лица. Како тешки раненици во здравните станици се задржани 883 лица, a 2.500 пo укажаната помош се пуштени. Од 883 тешко ранети, во болниците умреа 33 лица. Во земјотресот вкупно загинаа 1.070 лица. Овде се пресметани само оние што поминаа низ службата за идентификација и кои умреа во болниците. Сосема мал број не помина низ службата за идентификација. Тоа беа главно трупови откопани од левата страна на Вардар, чии семејства сами си ги закопаа блиските. Речиси половината од вкупните жртви се од општина „Идадија“ — 479 жители. Bo градот ќе имаше многу повеќе жртви да не беа луѓето на годишни одмори, а учениците и студентите да беа во своите училници. Бројот на жртвите ќе беше зголемен ако припадниците на ЈНА не притекнеа во помош. На Пленумот на ЦК на СКМ одржан на 10 август во Титов Велес, во својот реферат другарот Крсте Црвенковски се заблагодари за оваа помош и рече дека сестраното ангажирање на ЈНА чии единици дење и ноќе работеа на спасувањето на луѓето од под урнатините, на нивното расчистување и обезбедување, сметајќи ја тука и исхраната на населението, претставува неоценлива помош.

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Фотографии: Томислав Петернек

ОкоБоли главаВицФото