Јас никаде не припаѓам

05.11.2009 11:28
Елфриде Јелинек

Им завидувам на другите луѓе поради нивната нормалност – изјави еднаш Елфриде Јелинек, многу пред да стане нобеловка. Ви пренесуваме најинтересни делови од нејзиното интервју за неделникот Zeit.

Во романот Пијанистка, главниот лик го опишувате како „безобличен труп“, „истуткана вреќа“, „болно прецвикана, врзана за идеалите како виц-фигура, заглупавена и занесена, која живее само со духот“. Дали тоа сте вие?

Да, тоа сум јас, опседната со омраза кон себе си, омраза која кај мене е силно изразена.

Ужасната слика која ја измисливте за да ја опишете таа омраза е самоповредувањето.

Тоа не го измислив.

Жената во книгата ја сече својата вагина со нож.

Тоа навистина го имам направено.

Како е можно, покрај толкавата омраза кон себе си, да се стане толку креативен?

Јас можам да бидам креативна само на основа на негативните емоции. Книгата Пијанистка не е вперена само против мене, туку и против мајка ми, иако таа за мене никогаш не претставувала мајчинска инстанца. Мајка ми е симбол за машкото спроведување на редот, амбициите, кариеризмот, парите. Менаџерка, зафатена со грижите за капиталот. Татко ми почина 1972 г. во лудница. Значи, мене сигурно ме уништи мајка ми.

Што значи тоа?

Така сум одгледана, да не можам да му се радувам на ништо. Требаше да станам уметничка, но ни уметноста не смееше да ми претставува радост.

Некаде прочитавме дека ги презирате дури и сопстените книги.

Да, сосем сигурно, тоа е ненормално.

Каде живее мајка ви?

Овде, во куќава, над мене. Бог е горе. Така и доликува.

Зошто не си заминавте?

Очигледно не бев способна за тоа. Долго не си признавав дека ја мразам мајка ми. Некои новинари ме прашуваа: „Зошто не ја убиете мајка ви, таа е злосторник?“.

Нема потреба од такво нешто, но можете да се обидете да го опишете тоа.

Не сум во состојба да го сторам тоа додека е жива. Убиството на мајката во матријархатот е најсилно табу. Јас имам еден крајно пореметен однос кон смртта. Од една страна, тоа е ослободувачка мисла, а од друга, ужасната мисла дека ќе останам без моторот кој ме држи во погон ми дава енергија. Им завидувам на другите луѓе поради нивната нормалност. Затоа ненормално ги гледам филмовите со Дорис Деј која секогаш има неколку деца, маж и еден среден, градски живот.

И вие имате сопруг?

Да, но тоа не е нормален брак. Јас живеам во Виена, а сопругот во Минхен. Го посетувам еднаш месечно. Тој, како и јас, е екстремен индивидуалист, речиси аутистичен. Покрај тоа, ние немаме деца. Тоа отсекогаш сум го избегнувала. Не сакав некое невино суштество да страда поради моите неврози.

Вие сте феминистка. Освен на вашата мајка, сето зло на овој свет им го припишувате и на мажите?

Не секогаш, но тоа е правилото. Негирате ли дека до денес најголемиот дел од моќта е во рацете на мажите?

Не, но дали жените кога би ја имале моќта би се однесувале поинаку?

Постојат примери. Дури ни една Маргарет Тачер не можете да ја споредите со Хитлер. До денес се нема појавено женски Хитлер. Се разбира, жените ги одгледале Хитлерите и Ајхмановците. Мене ми е позната демонската моќ на мајката. Но тие не го создале тој систем. Жените попрво уништуваат од позадината, од сенка, без употреба на директно насилство. Познавам жени кои развиле тивка но застрашувачка агресивност поради свеста за сопствената немоќ. Мислам дека тие би биле во состојба скришно да ставаат отров во лимонадите од супермаркетите или на некој друг начин да убиваат луѓе, а да останат неоткриени.

Дали вие сте способна за такво нешто?

Еднаш изјавив дека можеби би станала убиец ако не ја канализирав својата агресивност преку пишувањето. Но тоа, се разбира, е глупост. Како дете, имав садистички фантазии во врска со малите животни кои ги замислував дека ги врзувам и ги измачувам, откинувајќи им делови од телото, бавно, со часови. Но тоа беше сосем апстрактно. Отсекогаш сум ги сакала животните. Најмалата бубамара ми е апсолутно света.

Дали се чувствувате виновна?

Не се поставувам како некој без вина. Мојата најголема вина е тоа што не учествував во животот. Живеам од втора рака. Сè уште сум само набљудувач.

Добро, но со тоа си наштетувате себе си.

Се чувствувам виновна и кон сопствениот татко.

Зошто?

Поради болеста, тој од еден неверојатно паметен човек стана целосен идиот. Ќерката тоа не може да му го прости на таткото. Се настрвив кон него, иако беше сосем немоќен, го напаѓав физички. Тоа сигурно ја забрза неговата смрт. Оваа вина веќе дваесет години го одредува мојот живот.

Наместо тоа, напишавте книга за прилично егзотичните сексуални чинови на еден пропаднат брак во кој мажот со жената, најчесто наведната преку кадата, има анални односи, ја тепа и моча врз неа.

Мислите дека тоа е егзотично? Тоа го имате во секој порно филм од трета класа.

На новинарката Сигрид Лефлер и’ рековте дека жалите што не сте лезбејка.

Да, тоа го доживувам како пријатно. Со задоволство во сексот би го барала познатото и блиското, а не секогаш спротивното.

Една фотографка на Stern ве сликаше гола, врзана за креветот.

Страшно! Кога некоја жена ми го наредува тоа, јас се покорувам. Да беше маж би му се спротивставила.

Познато е дека се движите меѓу проститутки.

Не, тоа е претерување. Повремено одам во кафулиња во кои се собираат тие бидејќи ме смирува кога сосем сама отпловувам во еден поинаков свет. Но и таму останувам како набљудувач. Другите жени што ги познавам таму одат за да најдат мажи што ќе ги тепаат. Јас тоа не го правам, зашто живеам аскетски. Всушност, никаде не припаѓам.

Тогаш, уметноста е вистинското место за вас.

Тоа не ми помага многу. Секогаш одново доживувам дека една успешна уметничка за мажите станува чудовиште. Уметноста ми ги одзема сетилата. Станувам неутрум, среден род. Затоа барам места каде никој не ме познава. Таму луѓето ги гледаат нозете, градите кои ги немам. Таму сум брутално проценета на основа на телесната пазарна вредност.

Еден маж, дури и со лош изглед, може да ги освојува жените бидејќи напишал неколку книги и е познат интелектуалец. За жените тоа не важи. Тоа е неправедно. Болни, импотентни мажи на 70-80 години, добиваат млади жени ако можат својата потенција да ја заменат со економската или интелектуалната моќ. Тоа им успеа на Пикасо, Артман...

И жените повремено имаат млади партнери. На пример, Џоан Колинс, Лиз Тејлор...

Да, но тие имаат направено лифтинг. Тоа и јас ќе го направам кога ќе забележам дека започнал процесот на распаѓање.

Како реагирате кога некој маж ќе ви каже дека сте вредни за љубов?

Се радувам, секако. Но во суштина знам дека тоа не е точно.

Можете ли да објасните зошто станавте комунистка?

Верувам дека човекот е лош. Тоа е моето евангелие. И сметам дека човекот мора да биде зауздан бидејќи во спротивно ќе се однесува како животно. Не верувам во добрината на луѓето.

Верувате ли дека е можен праведен свет?

Не. Сепак, не се откажувам од борбата.

Зарем не се борите пишувајќи книги?

Да, но тоа не ми е доволно. Со пишувањето си доделувам сопственичко право кое, на пример, го нема работникот на подвижната лента. Мојата политичка работа е еден вид вежба во покајувањето. Тоа можеби има врска со моето католичко детство. Јас од католицизмот преминав во комунизмот. Во мене потребата за самоказнување е силна. За да се одбранам од опасноста да се издигнам над останатите, се солидаризирам токму со оние со кои всушност не сакам да имам ништо. Малите луѓе не ми се пријатели, и сигурно не се ни мои читатели. Сепак, не се откажувам од тоа да ги направам предмет на мојата литература.

Извор: Die Zeit

ОкоБоли главаВицФото