Четворицата медиумски јавачи на апокалипсата (режимот)

30.07.2013 09:53
Четворицата медиумски јавачи на апокалипсата (режимот)

Главните прорежимски медиумски мегафони се собраа на едно место, институционално настапија на јавната расправа во Собранието по повод предлог законот за медиумите.

Излегоа во парови, Мирка и Миленко, Латас и Ивона, два среќни пара, наполнети ко бродови од режимот, да го бранат неодбранливото.

Но, дрскоста е толку голема што тие не само што го бранат и го фалат режимот, туку преоѓаат и во контранапад. Проблемот бил кај независните медиуми, кај нивното финансирање од странство, кај соросоидите, кај монополските новинарски здруженија, итн. итн.

Во свој препознатлив стил ја искористија говорницата за да зборуваат за времето кога СДСМ бил на власт и како тогаш незаконски се третирале новинарите. Според нив, сега, (барем) законски се цензурираат и сe затвораат медиуми и новинари?!

Нормално, откако Латас нè информираше дека медиумската сцена на режимот буквално цвета и слободата на новинарството никогаш не била поголема, Мирка ни додаде дека оние малку вистински слободни новинари и медиуми немале професионални и човечки квалитети. Па, затоа и нив треба да ги затвори режимот.

Но, поентата ми е друга, бидејќи немам намера да ги коментирам лудите тези и манипулации на режимот и на неговите корифеи. Ниту, пак, да објаснувам до каде отиде режимот во уништување на медиумската слобода. Тоа сите го знаат. Она што е навистина лудо е како режимот сака да се легитимира и да се правда себеси и своите фашистички закони со најисплуканите, најделегитимираните луѓе во медиумската сфера и воопшто во Македонија.

Режимот си се правда со режимските послушници! Ете, на тоа ниво се паднати, толку е гнил и неодбранлив овој режим на Груевски, што е доведен во ситуација да го бранат луѓе кои се токму најотворено дел од истиот.

Јас еднаш поодамна, оваа структура, заедно со бројни други поистурени и помалку истурени медиумски играчи, ги нареков „структурата Делта“. Еден вид на извршна медиумско-режимска власт, која е стожерот на перењето мозоци, перењето пари и сатанизација на политичките противници во оваа држава. И гледате, за некои игранки, режимот не ги користи тивките играчи од Делта структурата, како што се Дневник и Утрински и нивните уредници, тие им требаат за глумење лудило и за објективност. Затоа маваат со режимските медиумски тешкаши кои потоа ќе бидат преземени, појачани, надополнети од традиционалните и од новите медиуми на режимот.

Нам може ова да ни е чудно, да нè шокира или нервира, ама кога режимот игра олку отворено, кога не се крие и не се срами што е режим, тоа е крајот на приказната, тогаш ви е јасно во каква каша сме.

Слика: Свирачиња