1009 hPa
94 %
16 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 08:59
Векот што изминува ја измени на подобро положбата на ментално болните, заостанатите или, просто, на ментално поинаквите.
Промените се мали, но секако се подобри од не така дамнешното минато. Ако ништо друго, лудилото денес е концепт којшто се истражува во културата и којшто веќе не припаѓа под исклучивиот авторитет на класичната медицина, односно психијатријата. Со оглед на тоа што лудилото беше особено моќно средство на репресија против жените, време е да се види билансот на женскиот однос со лудилото и да се сочува можната полза од тој однос за жените.
Добар пример е трисомијата: поради грешка во хромозомите, болеста го погодува ембрионот и детето се раѓа со многубројни проблеми, особено на срцето. Повеќето жртви немаат шанси за подолг живот, а исто така повеќето не достигнуваат повисок степен на развој од осумгодишно дете. Но, новиот поглед на менталните болести и душевната заостанатост и модерното поврзување на интелектуалните и емотивните способности, можат барем во развиените западни општества, да осигурат пријатен и со љубов исполнет живот, под заштита на пожртвуваните и толерантни луѓе, најдобро во рамките на семејството, каков и да е обликот на тоа семејство. Наполната исклученост од општеството, дури и во вакви безнадежни случаи, се покажува како најлоша мерка. Популарната култура, особено филмовите во кои се појавуваат трисомичните „ѕвезди”, Форест Гамп со Том Хенкс или Дождовниот човек со Дастин Хофман, придонесоа за промена на ставот без идеализација, која порано служеше за заштита на малограѓанската нелагодност пред ненормалните и атипичните.
Изучувањето на друг облик на душевен неред, кој ги ужаснува родителите, автизмот, доведе до проширување на поимот на различноста и можеби на начинот на лечење, односно социјална адаптација. И да не заборавиме притоа дека за многу радикални психотерапевти и други истражувачи на човечката душа автизмот е исклучително богато подрачје на поинакво организирање на интелектот и често креативно неприфаќање на светот каков што ни се претставува. Не е незамисливо токму од проучувањата на овој тип инаквост во иднина да се откријат нови начини на комуницирање, учење, сознавање и прикажување на светот. Веќе денес се смета дека главната карактеристика на автизмот е неспособноста за сфаќање дека постои умот на другиот. Филозофските импликации од тоа се неизмерни, но треба да се сочекаат уште посигурни невролошки истражувања во тој домен.
Историјата на лудило, која од Фуко ја гледаме со други очи, имала, покрај длабоки репресивности, и некои „резервати” за жени, особено во преткапиталистичкото време. Во многу стари култури, лудилото е поврзано со светоста, или барем за одредена заситеност во општеството. Дури и за библискиот мотив „девица на лудите” и „девица на мудрите” се најде совпаѓање со традиционалните верувања и место во иконографијата на готските цркви. Во учената европска традиција, од античките медицински автори, почнувајќи од Хипократ и неговата школа, женското лудило е поврзано со функционирањето на женското тело: „талкачката матка”, последица на нерегулираната сексуална активност, предизвикува болест што подоцна ја нарекле хистерија. За Хипократ, „нерегулирано” значело недоволно често; за подоцнежните толкувачи, конотациите се поместувале кон христијанското воздржување, кон поимот „нечисто” и „грешно”, или едноставно кон степенот на машката контрола на женската сексуалност. Подоцна, развојот на анатомијата покажал дека античките лекари, во овој случај, не знаеле за што говорат.
Но, без оглед на напредокот на науката, „хистеричната” фантазма останала. Хистеријата особено во 19 век станала едно од најсилните оружја за контрола на жените во граѓанското семејство, потпомогнато со рационални објаснувања на медицинската струка. И иако уште во истиот век лекарите го прошириле поимот и на мажите и така всушност ја поништиле половата карактеризација, „хистеричната” состојба сè уште е термин што се употребува. Од него не се одрекле ниту Фројд ниту Лакан во овој век. До неодамна жената можела да биде прогласена за душевно болна, лишена од сите граѓански права и исклучена од општеството ако покажувала склоност кон невообичаено однесување: читање, пишување, одбивање на бракот, патување, осаменост... Не беше ли само пред неколку години откриена со децении замачкуваната вистина за насилна стерилизација на душевно болните (или прогласените за такви) и расно или морално неподобните – или сите заедно, да не ситничариме - жени во Шведска во триесеттите години од овој век? И за работите да бидат уште полоши, совпаѓањето во времето, стилот и јазикот на објаснување, сосе антропометриските мерења, укажуваат на само една паралела – нацистичка Германија.
Во колку-толку нормални околности во современото време, етикетата на „лудило” сè уште почесто им се лепи на жените отколку на мажите со невообичаено општествено однесување. Механизмите за доминација над жените тешко се напуштаат, а овој што го вклучува „лудилото” бил особено успешен. Но, репресивното поврзување на телото и душата, кои веројатно кај жената се „поблиски” отколку кај мажот, го отвора и подрачјето на женската стратегија против репресијата. Исклучиво женскиот авторитет над лечењето на жените, породувањето и сите други тајни на женското тело траел од средниот век па сè до откривањето на микробите и потребата за асептична околина: Луј Пастер, напреден ум наклонет на жените, не ни насетувал дека неговите откритија ќе значат конечно укинување на женскиот авторитет во областа на гинекологијата и воспоставување на тиранијата на машкиот авторитет во оваа област. На жените им преостана борбата за професионализација, за пристап до медицината, односно школите, накратко огромен заобиколен пат за да добијат повторно пристап – барем до нелојалната конкуренција во престижната и вносна област на гинекологијата. Колку време било потребно за тоа, говори историјата на женската еманципација во овој век: достапноста до универзитетите, достапноста до работата, достапноста до местата каде што се создава авторитетот, сето тоа почнало да се остварува некаде околу Првата светска војна. Во времето меѓу двете светски војни, кога образованието станало многу пошироко и кога нараснала популарноста на прирачниците за мајки, сè уште било сосема нормално советите на мајките да им ги даваат исклучиво стручњаци-мажи. Тоа што ни денес никој паметен не смета дека треба да им се укине правото на знаење, всушност, е последица на квалитетот на толеранцијата што жените ја внесуваат во општеството, кога и самите ќе добијат поширок пристап и подрачје на дејствување.
Парадоксално, историјата на женското лудило во втората половина на овој век е приказна за успехот: не само што постапката кон „лудите” се ублажува и хуманизира во многу краишта на планетата и во многу институции, туку се поставуваат и клучни прашања за човековите права на „лудите”, дури и кога дијагнозите оставаат многу малку простор за надеж. Правото на слободно движење, општествено функционирање, емотивна врска, сексуалност, гласање, медиумско прикажување во позитивно светло, образование – сето тоа денес повеќе е програма отколку само прашање. Границите на новата инаквост и старото лудило темелно се променија. Останува да го погледнеме наведениот и сосема сумирачки список на права, па да заклучиме дека станува збор за список на основни женски права и да ја сфатиме длабочината на врската меѓу репресијата кон лудилото и репресијата кон жените.
Изгледа „лудо”, но било можно: доминантната мисла за човечкиот род секако повеќе од два милениума се заснова врз подразбираното уверување дека жените се помалку луѓе! Во таканаречените примитивни општества, приказните за настанокот на луѓето и за поделбата на половите барем допуштаат жените да бидат „друг” сој на луѓе, друга раса, племе или вид. Колку грубо и да звучат тие приказни, во нив другиот пол не се потценува – напротив му се припишуваат поинакви моќи, понекогаш застрашувачки. Во модерната историја на Западот, неверојатен интелектуален и аналитички потенцијал бил вложен во прифаќањето на жените како дел од човечкиот род, но помалку вреден дел. Кога ќе се запрашаме за политичката употребливост на едниот и другиот систем, првиот им нуди поголеми можности на жените. Во секој случај, местото на лудилото и местото на жените во него се дополнуваат и не се исклучуваат меѓусебно. Моќта на маргиналните и исклучените е почитувана. Омекнувањето на тврдиот јазол на западната рационалност во врска со половите, кој успешно ги издржал дури и нападите на рационалноста во врска со еднаквоста, можело да се случи дури кога резултатите од борбата за женските права, парадоксално, ги сретнале новите технолошки и медицински можности за промена и конструкција на полот и истовремено длабоките искуства на неевропските култури.
Останува со иста љубопитност и толеранција да ги дочекаме новите дефиниции на полот и половоста, во што без зрно лудило тешко дека ќе можеме да успееме – лудило во нејзиното културно-историско значење, како постојана желба да се прескокнуваат границите на познатото, без особено силна причина, освен причината за уживање.
Слики: Jim Dine
Од Светлана Слапшак можете да ги прочитате и овие текстови: