Прекрасниот нов свет на надзорот

01.08.2013 10:20
Прекрасниот нов свет на надзорот

Сега е извесно, навистина живееме во свет на надзор. Ова сознание му го должиме на поранешниот соработник на американските тајни служби, Едвард Сноуден, кој преку британски Гардијан објави цела низа опасни документи и чие интервју беше проследено низ целиот свет. Според овие документи, англосаксонските тајни служби ја надгледуваат речиси целата наша комуникација, а пред сè интернетот.

Не нè изненадува самиот надзор, туку неговите чудовишни пропорции. Американската воена тајна служба, односно Државната безбедносна служба (National Security Agency – NSA) ги шпионира комуникациските служби, социјалните мрежи како и „cloud“ податоците ширум светот. Освен тоа, нејзината шпионска програма Призма прибира податоци од Мајкрософт, Јаху, Гугл и Фејсбук за нивните корисници. Секој месец NSA прегледува повеќе од половина милијарда телефонски разговори, смс пораки и мејлови на германски граѓани.

Дури и британската тајна служба, односно Владиниот штаб за комуникации (Government Communications Headquarters – GCHQ) прислушкува во висок стил. Наместо да бара податоци за интернет корисниците како NSA, таа веќе со години има директен пристап до повеќе од 200 меѓународни и интерконтинентални оптички кабли во рамки на шпионската програма Темпора, а меѓу нив се наоѓа и ТАТ-14 во Атлантскиот океан, низ кој поминува голем дел од германската прекуокеанска комуникација. Британците ги споделуваат собраните податоци со Американците – според процените, се работи со 21.000 терабајти дневно. 300 агенти на GCHQ и 200 агенти на NSA заеднички ги проверуваат добиените информации.

Меѓутоа, сите факти за ексцесите на тајните служби сè уште не се излезени на виделина, иако одамна е јасно дека границите помеѓу дејствата на наводно законски ограничените тајни служби во „борбата против тероризмот“ и надзорните методи на тоталитарните држави едвај се разликуваат. Токму неодамна разоткриената сеопфатна шпионажа ги изложува граѓаните на целосна контрола од страна на тајните служби, ги еродира нивните права и ја поткопува довербата во демократски правната држава.

Тајните служби се надвор од контрола

Причината поради која воопшто и можеше да дојде до сето ова се состои во зголемувањето на моќта на тајните служби заради недоволна правосудна и законска контрола. Тоа важи за САД и Британија, но и за Германија.

Со годишен буџет од 10 милијарди долари и преку 10.000 соработници, NSA е најмоќната од вкупно 10-те американски тајни служби. Непосредно по откритието на Сноуден, NSA застана во одбрана на своите акции: „Мерките на надзор се судски одобрени во согласност со Законот за контраразузнувачки дејства (Foreign Intelligence Surveillance Act – Fisa), а и покрај тоа, надгледувани се само не-Американците“.

Навистина, овој законски востановен суд кој го контролира спроведувањето на Fisa (Fisc) мора да издаде одобрение за прислушкување. Меѓутоа, овој суд е само суд во сенка. Во периодот од 1979 до 2012 година, овој суд отфрлил само 11 од вкупно 34.000 поднесени жалби за прислушкување, а неговите заседанија и одлуките кои се носат на нив се подложни на законската обврска за чување на тајната.

Токму поради оваа причина шпионирањето на милиони американски граѓани беше толку долго успешно криено од очите на јавноста. Уште во 2006 година Fisc за прв пат му нареди на Веризон, најголемиот американски оператор на мобилна телефонија, да ги достави податоците за сите свои корисници до NSA, и тоа во однос со кого, кога и колку долго тие комуницирале за време на последните три месеци. Дајан Фејнштан, претседателката на конгресниот одбор за тајните служби во меѓувреме призна дека судот ја продолжувал оваа одлука на секои три месеци во наредните седум години.

А уште во март оваа година, Џејмс Клапер, директорот на NSA, мирно го одговори прашањето на комитетот за тајни служби при американскиот сенат во однос на тоа дали NSA прибира податоци за американските граѓани, велејќи:„Можеби ненамерно“. Денес знаеме дека тоа беше лага. По откритијата на Сноуден, Клапер дрско се бранеше со тоа што рече дека тогаш го дал „најмалку неточниот одговор“. Неговата реакција ја илустрира беспомошноста на парламентарните одбори кога станува збор за дејствата на тајните служби. Па и никој не ги спречува нивните понатамошни акции: следната есен NSA ќе отвори нов центар за прибирање податоци во Јута, и тоа најголем на светот, чии капацитети, барем теоретски, се доволни за резервирање на еден терабајт меморија за секој човек на планетата.

Британскиот пандан на Fisa – Законот за регулирање на истражните надлежности (Regulation of Investigatory Powers Act – Ripa), им овозможува на вработените во GCHQ да ги чуваат собраните комуникациски материјали до три дена, а метаподатоците и до 30 дена, како и да ги класифицираат според критериумите: организиран криминал, безбедност, тероризам и економска благосостојба. За сето ова не е потребно судско одобрување: при одобрувањето на сите мерки на надзор за период од шест месеци неопходно е само општо полномошно од британското министерство за надворешни работи.

Германската Призма

Германската тајна служба (Bundesnachrichtendienst – BND), која ѝ одговара директно на канцеларката, наводно не знаела ништо за шпионските напади, што е прилично неуверливо. Веќе подолго време германската тајна служба соработува со Британците и Американците, завидувајќи им на софистицираноста на нивните шпионски програми.

И BND располага со една шпионска програма малку несмасно наречена „Стратешко расветлување на комуникациите“. Условите под кои BND може да ја повреди приватноста на писмата, поштата и другите комуникации која е загарантирана со устав се наоѓаат во членот 10 од основниот закон, според кој службата може да проверува до 20% од прекуграничната комуникација. Во овој момент се работи само за 5% и тоа од технички причини, поради недоволно капацитети.

Германската тајна служба прибира податоци и директно од интернетот. Податоците кои поминуваат низ централниот германски интернет јазол „DE-CIX“ во Франкфурт се пренасочуваат кон BND. Веројатно никогаш нема да дознаеме како сето тоа точно се одвива и дали германската служба ги проследува информациите до NSA, бидејќи се работи за строго доверлива тајна.

Комисијата G-10, која „одлучува за опсегот и неопходноста на мерките за ограничување“ заседава во тајност и е сочинета од четири членови именувани во Бундестагот, од кои само еден е член на парламентот. И законската контрола на тајните служби се случува под превезот на тајната: надлежниот парламентарен контролен одбор се состои од 11 членови на Бундестагот, при што сојузната влада одлучува кои информации ќе му бидат достапни на овој одбор. И седниците на одборот се одржуваат зад затворени врати, а сите членови се принудени строго да ја чуваат тајната, дури и пред другите колеги пратеници. Накратко: само 12 од 620 членови на Бундестагот добиваат детални информации за работата на тајните служби.

Со новиот закон кој стапи на сила на 1 јули, BND има уште поголем дополнителен пристап кон приватните податоци. Законот дозволува анализа на работата, прибирање на личните податоци и IP-адресите оставени кај интернет-провајдерите, за што не е потребна претходна судска дозвола доколку постои сомневање во противправноста на нечие делување. Бидејќи повеќе од 4.000 германски граѓани сметаат дека ваквото прибирање податоци е противуставен упад во нивната слобода, за уставноста на овој закон ќе мора да одлучува германскиот уставен суд во Карлсруе.

Ерозија на основните права

Претпоставката дека интернет-просторот нема правила беше потврдена на овој начин, иако не онака како што се надевавме. Со години властите се обидуваа да нè убедат дека за интернетот е потребна поголема регулација и надзор, за да се спречат потенцијалните криминални активности. За сето тоа време, без наше знаење, тие градеа систем на надзор кој не ги почитува правилата на правната држава и кој ги прекршува нашите основни демократски права.

Токму во тоа е и суштинската разлика помеѓу полициската работа и работата на тајните служби – полициските истраги мора да бидат поттикнати од разумен сомнеж. Дури тогаш е дозволено ограничувањето на комуникацијата. Кога се работи за шпионските програми на тајните служби се случува спротивното: секој интернет-корисник е потенцијално надгледуван поради препознавање на обрасците и фаќање на можните виновници, при што не постои претпоставката за невиност. Леон Панета, поранешниот директор на CIA, накратко ја сумираше ситуацијата: „За да ја најдеме иглата во пластот сено, најпрво ни е потребен пластот.“

На овој начин сите граѓани се прогласени за осомничени од страна на државата, па дури и за државни непријатели. За Призма и за Темпора знаеме само зашто за нив бевме информирани од еден „свиркач“, кој го презеде на себе големиот личен ризик. Наместо да заземе став за овие тешки обвиненија, Барак Обама нема попаметна работа, па немилосрдно го гони „државниот предавник“. Меѓутоа случајот на Сноуден не е изолиран. Врз основа на Законот за шпионажа (Espionage Act) од 1917 година, сегашната администрација на САД покрена двојно повеќе процеси за откривање на државните тајни отколку сите други американски влади заедно.

Поединецот е беспомошен пред тоталитарните барања на тајните служби. Доколку некој е загрижен поради тоа што Епл, Гугл или Фејсбук имаат пристап до неговите податоци, тој може да ги затвори своите кориснички сметки кај овие компании, но кога државните институции делуваат во тајност и константно ги прекршуваат основните права, никој не може да им помогне на граѓаните.

Граѓаните можат да се откажат од светиот статус на приватната сфера, водејќи се од мислата: „Кој нема што да крие, нема од што да се плаши.“ Но таквиот став значи дека се откажуваме од ограничувањето кое е суштинско за демократијата – заштитата на приватниот живот од несразмерната контрола на државата. Кога тајните служби го нарушуваат овој приватен простор, со самото тоа тие ги загрозуваат и темелите на демократското општество.

Дури и редовното шифрирање на приватните комуникации само привремено го решава проблемот, бидеќи NSA ги чува шифрираните податци сè додека не ги одгатне. Овој облик на дигитална самоодбрана можеби е и разумен потег, но на крајот, во борбата помеѓу поединечните корисници кои се обидуваат да ја искористат технологијата во своја полза и тајните служби, првите неизбежно губат поради техничките капацитети на другата страна.

Затоа само политичкото решение нуди излез од оваа вонредна ситуација. Токму од германската влада треба да очекуваме енергично и одлучно делување. Довербата во власта веќе е длабоко разнишана по серијата убиства на германски граѓани од турско потекло, извршени од страна на неонацистичките ќелии, во врска со кои беа утврдени многубројни пропусти на германските тајни служби.

Овој пат загубата на довербата би можела да биде уште подрастична, бидејќи „војната против тероризмот“ им служи како изговор за приграбување уште поголема моќ и надлежности на владите и тајните служби. Државата која системски ги шпионира сопствените граѓани (и граѓаните на другите држави) повеќе не е слободна правна држава. За да ја воспостават рамнотежата помеѓу слободата и безбедноста, владите мораат да го сопрат шпионирањето на граѓаните и да ги изложат тајните служби на построга демократска контрола.

Се чини дека ова го сфати и Барак Обама, доколку можеме да му веруваме на зборот. При крајот на мај, само неколку дена пред откритието на Сноуден, американскиот претседател најави сеопфатна анализа на американската безбедносна политика: „И бесконечната светска војна против тероризмот мора еднаш да се заврши“. Навистина е време зборовите на „најмоќниот човек на планетата“ конечно да бидат проследени од дела, со цел да се сопрат тајните служби пред да биде предоцна.

Извор: Blätter
Слики: Николај Лам

ОкоБоли главаВицФото