Хигиената во подем: сè повеќе Македонци со шампон во езеро

01.08.2013 12:07
Хигиената во подем: сè повеќе Македонци со шампон во езеро

Охрид, 1 август 2013

Македонските туристи кои решија летниот одмор да го поминат во нашата земја се најзаслужни за подобрувањето на хигиената на национално ниво, а најмногу од сите се истакнуваат оние кои се одмораат на брегот на Охридското Езеро.

Туристичките работници и локалните жители велат дека и покрај намалениот број на туристи во однос на минатата година, тие се задоволни и среќни кога ги гледаат шампонираните глави во езерските води.

„Половина апартмани ми се празни, ама срцето ми се полни кога гледам дека нашиот народ води сè повеќе сметка за личната хигиена. Бравос. Така требит“, вели Климе Гостољубевски, туристички работник од Охрид.

Екипата на Пара вести излезе на терен за да ги провери хигиенските навики на Македонците и состојбата навистина соодветствуваше на изјавите на угостителите со кои разговаравме. Освен миење на косата, забележавме и голем број туристи кои влегуваа во езеро со сапуни и гелови за туширање.

„Охохохооооо, ш’убо ми е“, изјави еден турист кога го прашавме зошто ги задоволува хигиенските потреби токму во езерото.

Охридските хотелиери, угостители и туристички работници се жалат дека ова е една од најлошите туристички сезони во изминатите неколку години, но шанса за спас на сезоната гледаат во промовирањето на хигиенскиот туризам.