Чиј е Џони Штулиќ?

05.11.2009 12:44
Џони Штулиќ

Меѓу Белград и Загреб се случува уште една дипломатска трка: претседателот на Хрватска му понуди на Џони Штулиќ хрватско државјанство, две недели откако истото го стори министерот за внатрешни работи на Србија.

Чиј е Џони? Наш, нивен, или само свој? Дали еден од најголемите митови на ју-рок сцената, чија слава не спласна ни по неговото долгогодишно самоизгнанство во Холандија, ако некогаш посака да го напушти своето засолниште во гратчето покрај Утрехт, ќе носи пасош или путовница?

Лидерот на легендарната група „Азра“, Бранимир Џони Штулиќ, стана мета на ненадејната дипломатска трка меѓу Белград и Загреб, кога хрватскиот претседател Стипе Месиќ вчера му понуди хрватски пасош, две недели откако во името на српската влада истото го стори и Ивица Дачиќ, министерот за внатрешни работи.

Во интервју за Хрватското радио, кое ќе биде емитувано оваа недела, а чии детали ги пренесува загрепски „Јутарњи лист“, Месиќ вели: „Знам по нешто за него и за неговата музика, иако моите ќерки знаат повеќе од мене, но не знаев дека нема никаков, па ни хрватски пасош. Тој има право на тоа, само нека поднесе барање. Исто така има право да настапува кај нас, зошто да не“, рече шефот на Хрватска, што кај тамошната јавност беше оценето како прва јавна реакција на властите околу „проблемот“ со враќањето на Штулиќ во Хрватска.

Една од иконите на моќната рокенрол сцена од крајот на 80-те години, кој во раната младост тврдеше дека севдалинките се автентичен звук на бивша Југославија, а потоа тој меланхоличен жанр, под влијание на новиот бран, го претвори во бунтовничка гитарска поезија, нема пасош од 1995 година. Тогаш последен пат престојуваше во Белград, кога му истече стариот, југословенски пасош. Џони, меѓутоа, не сакаше да извади нов.

Синот на полковникот на тенковските единици на ЈНА Иван Штулиќ, кој е Србин од Нин покрај Задар, е роден во Скопје, а израсна во Загреб. Хрватска ја напушти на почетокот на 90-те и замина во Холандија, станувајќи најпознатиот рокенрол апатрид од исчезнатата Југославија. Бившиот хипик, самоук филозоф и автентичен мистик, кој тврди дека меѓу „Битлси“ и него само малку песни можат да се изрежат на еден диск, долго одбиваше секаков контакт со југословенската јавност, иако заедно со Горан Бреговиќ и Бора Ѓорѓевик беше член на тројката ненадминати рокенрол власти до распадот на СФРЈ.

Заборавен од сите, освен од ретките пријатели, Џони стана јунак на легендите кои се плетеа низ Белград и Загреб: дека живее со сопруга Холанѓанка, дека повремено вози такси, дека нема постојана работа, дека се чувствува жив само кога игра фудбал, дека „му е гајле“ за наследничките на распаднатата земја, но дека и покрај тоа редовно го чита белградскиот и загрепскиот печат. Посебно внимание привлекуваа вестите за неговите препеви на грчките класици, особено „Илијада“ на Хомер, која од некои критичари беше оценета како „генијална будалаштина“.

Но, наспроти саемот на книгата во Белград, каде требаше да ги претстави своите томови од препевите, ненадејно се појави во таблоидот „Ало“ велејќи дека нема пасош, бидејќи не може да се реши на која страна е.

„Хрватскиот не го сакам, а српскиот не можам да го добијам“, изјави култниот поет и гитарист за „Ало“, што го поттикна Ивица Дачиќ да му понуди помош околу добивањето српски пасош по скратена процедура, ако и кога биде заинтересиран. На оваа понуда Штулиќ, во интервјуто за „НИН“, одговори дека, доколку му биде потребна база за работа во следните 20 години, ќе земе пасош поради практични причини за да може да работи. Сепак, не прецизираше од која земја.

Полемики околу пасошот на Џони се распламтеа и со воведувањето на Македонија во играта. Имено, издавачката куќа „Плато“, која го одложи издавањето на делата на Штулиќ на неодредено време, поради технички причини, му предложија да извади македонски пасош. Меѓутоа, Џони им одговорил дека со него „никој нема да манипулира, па ни по повод пасош“.

Хрватската јавност ја испровоцира со изјавата дека нема да свири на окупирани територии, иако во случај на добивање државјанство и пасош, би можел во судската постапка пред правосудните институции на Хрватска, како нејзин граѓанин, да добие половина од износот на милионскиот долг кој кон него го има издавачката куќа „Кроација рекордс“.

Србија, што се однесува до привлекувањето на Џони, исто така е на позиција чекање. А нему, најверојатно, му е „равно до дна“.

Извор: Политика


 Во некој од сонетите, Џони

 Во некој од сонетите, Џони вика дека 1994-та „мангупот од Сараево“ не му дал македонски пасош... 

Да, да Џони бил одбиен при

Да, да Џони бил одбиен при барањето за македонска патна исправа и тоа некаде на почетокот на 90ите, веројатно „мангупот од Сараево“ што Киро го споменува бил Б.Ц., а јас чув дека Иванов имал намера сега да му издаде пасош, ама најверојатно заборавил човекот дека пасош си е пасош.

Џони е мој

Џони е мој

Слични содржини

Балкан / Култура / Музика

ОкоБоли главаВицФото