Компјутерска револуција made in YU

02.08.2013 08:47
Компјутерска револуција made in YU

Пред точно три децении на една маса во поранешната СФРЈ е роден легендарниот компјутер од домашно производство „Галаксија“, а со него и вистинската компјутерска револуција на овие простори. Еден од највлијателните европски сајтови за видео игри, Eurogamer.net, донесува приказна за тие денови.

„Во Југославија комјутерите во осумдесеттите беа редок луксуз. ZX Spectrum или Commodore 64 чинеа колку месечна плата и тоа само ако успеете да ги заобиколите строгите закони за увоз. Меѓутоа, во 1983 година, за време на одморот во Рисан, Воја Антониќ смислил проект за нов компјутер, народска машина која би можела да биде изработена во секој дом за делче од цената на увозните компјутери. Родена е 'Галаксија', а со неа и компјутерската револуција“, пишува Eurogamer.

Антониќ за познатиот портал вели дека тогаш ретко кој знаел како изгледа компјутер и дека најблизок допир со компјутерите за поголем дел од југословенската популација бил дигитронот.

Меѓутоа, тогаш работите почнале да се менуваат, а самиот Антониќ имал повеќегодишно искуство со микропроцесори.

„Сакав да си играм со Z80, главно за контролери и анимација. Меѓутоа, компјутерите беа прескапи за мене, па морав да правам свои. Еден од нив беше толку едноставен и лесен за изработка, што помислив дека и други исто така би сакале да можат да го направат“, вели Антониќ.

Кога се вратил од летувањето во Црна Гора, веќе имал шеми за новата машина. Срцето на компјутерот бил евтиниот и достапен Zilog Z80 микропроцесор, кој исто така го имало и во легендарниот Синклеров ZX Spectrum.

Компјутерот најмногу личеше на ZX81, „со подобра тастатура и пријатен оперативен систем“, додава Антониќ.

Остатокот на „Галаксија“ бил прилично базичен. 32х16 текстуален мод и груба 64х48 коцкеста графика, со аритметичка рутина делумно оригинално напишана, а делумно „собрана“ од TSR Level 1 Basic.

Сето тоа подоцна е доградувано и наспроти ограничувањата, основната цел е постигната - тоа е евтин компјутер, лесно достапен и прв за многу Југословени.

Концептот е направен, а следниот чекор била дистрибуцијата. Тоа се случило преку специјалното издание на списанието Галаксија - „Компјутери во вашата куќа“.

Уште еден човек од прапочетоците на она што сега се нарекува IT сцена, Дејан Ристановиќ, вели дека би било нескромно да се каже дека тој магазин покренал револуција, но и дека „се погодиле времето и околностите работите да тргнат во добра насока“.

После многу работа и повеќемесечен труд „компјутерите“ стигнале на киосците, а иако Ристановиќ, Антониќ и уредникот Јова Регасек очекувале да продадат 50 или 100 примероци, се случило нешто сосема друго - стигнале 8.000 писма од горди сопственици на „Галаксија“.

Бројот е препечатен два пати, вупно во повеќе десетици илјади примероци, а останатото е историја.

Луѓето правеле „Галаксии“ ширум Југославија, некои ги оставале соголени, некои правеле уникатни кутии, а потоа е изведен уште еден голем експеримент во кој „соучесник“ бил славниот радио водител Зоран Модли.

Програмите за Галаксија, како и за повеќето компјутери од тоа време, биле снимани на аудио касети, со препознатливиот звук на чкрипење. Така Модли во својата емисија Вентилатор 202 на Радио Белград освен музика, во етерот го емитувал и тоа „чкрипење“.

Луѓето спремно чекале да притиснат REC и да снимаат програми, а Модли вели дека се намачил да им објасни на луѓето од радиото дека „чкрипењето“ не е никаква грешка, туку нешто за гордост - револуција на радио.

„Галаксија“ го продолжила својот пат, стигнала до бројни образовни установи и домови, а денес е дел од вредни колекции, како и дел од поставката во Музејот за наука и технологија во Белград, а очигледно и предмет на интерес на новите генерации на медиуми, како што е Eurogamer.

Извор: Eurogamer

Слични содржини

Технологија / Око / Историја
Книжевност / Историја
Европа / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Спорт / Историја
Технологија / Живот / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото