Вегетаријанската храна – решение за гладот во светот?

03.08.2013 14:00
Вегетаријанската храна – решение за гладот во светот?

Светските посеви би можеле да нахранат околу единаесет милијарди луѓе, дури четири милијарди повеќе од моменталното население на планетата, но производството би морало да биде исклучиво пренасочено кон храна за луѓе, а не кон сточна храна и биогорива, покажуваат резултатите од Институтот за природно опкружување на Универзитетот во Минесота.

Дури и намалувањето на производството на добиточната храна би можело да ја зголеми земјоделската ефикасност и да обезбеди храна за милиони луѓе, покажува истражувањето.

„Откривме дека многу храна од веќе засадените посеви би можела да се распореди рамномерно низ целиот свет, а ние не би го ни забележале тоа“, вели Емили Касиди, која го предводи истражувањето објавено во „Environmental Research Letters“.

„Во зависност од тоа дали фармерите и потрошувачите би биле подготвени да ја променат сегашната состојба, постојните посеви би можеле да нахранат милиони, па дури и милијарди луѓе“.

Зошто месото е проблем?

До 2050 година побарувачката за посеви ќе биде двојно поголема поради растот на бројот на населението и сè поголемото консумирање месо. За да се произведе само една калорија месо, потребни се 30 калории од билките. Покрај тоа, земјата сè почесто се користи за суровините кои се потребни за производство на биогорива, а не за производство на храна.

Касиди и нејзините колеги ја мапирале и прошириле продуктивноста на 41 голем посев помеѓу 1997 и 2003 година, прилагодувајќи ги бројките за увоз и извоз. Истражувачите претпоставиле дека на човекот му се потребни околу 2.700 калории дневно, додека животните не биле опфатени во истражувањето.

Откриле дека само 12% од калориите кои се добиваат од еден посев за исхрана на стоката ги троши човекот. Само 55% од калориите од посевите ширум светот се директен извор на храна за луѓето.

Со промена на намените на посевите, американското земјоделство би можело да обезбедува храна за уште милијарда луѓе.

Истото може да се примени дури и ако се земат предвид само човековите потреби за протеини. Имено, од сите растителни протеини кои се произведуваат, само 49% заврушуваат на трпезите на луѓето.

Спасот е во мешункастите растенија

Ова истражување ја следело алокацијата на калориите од посевите во четири земји: Индија, Кина, Бразил и САД. Откриено е дека во Индија 90% од произведените билки се користат во исхраната на луѓето, додека алокацијата во Кина изнесува 58%, во Бразил 45%, а во САД само 27%.

Исто така, кога би се намалило производството на говедско месо, при реципрочно зголемување на одгледувањето на свињи и пилиња, би можеле да се нахранат уште 357 милиони луѓе, додека со преминувањето на вегетаријанска исхрана би биле нахранети уште 815 милиони луѓе.

Истражувачите истакнуваат дека нивната намера не е давање нутриционистички препораки, туку укажување на можностите кои светот може да ги искористи за да ги нахрани сите луѓе. Тие велат дека човекот во целост може да ја исполни потребата за протеини преку внесување растителна храна, но дека за тоа ќе бидат неопходни промени кои ќе се спроведуваат директно на нивите. Значи, треба да се зголеми производството на мешункасти растенија, кои се богати со протеини.

„Добра вест е тоа што веќе произведуваме калории доволни за да нахраниме уште неколку милијарди луѓе“, вели Касиди. „Како што нашата планета станува сè понаселена, а ние сме изложени на сè повеќе природни незгоди, како суши и паразити, мораме да пронајдеме начин за поефикасно искористување на земјата која ја имаме“, додава таа.

Извор: esciencenews.com