Срцето на Ердоган е со дрвосечачите кај Бристол

05.08.2013 09:29
Срцето на Ердоган е со дрвосечачите кај Бристол

Скопје/Анкара, 5 август 2013

Во пораката до македонскиот претседател Ѓорге Иванов, неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган изрази поддршка и рече дека неговото срце е со дрвосечачите кај хотелот Бристол.

Ердоган вели дека има разбирање за касапењето на ретките градски паркови, а неговата земја и власт имаат искуство во справувањето со хулиганите кои ги штитат зелените површини.

„Се радувам за изразената поддршка од братска авторитарна Турција. Уште не си го прибрав срцето од паркот Гези, а Ердоган го испрати неговото во малото паркче кај Бристол“, изјави претседателот Иванов за Пара вести и додаде дека особено се радува затоа што еден од дрвосечачите носи маичка со неговото име од времето на предизборниот период.

Реџеп Таип Ердоган е одушевен од ранобудноста на полицајците и изведувањето на акцијата во глуво доба и во писмото до Ѓорге Иванов наведува дека Македонија и Турција и во тој поглед се стратешки партнери.

„И ние им влетавме со специјалци на демонстрантите со шатори во раните утрински часови. Кој рано рани две дрва граби“, вели Ердоган.

Редакцијата на Пара вести стапи во контакт со македонскиот претседател и го праша што мисли во врска со раното сечење дрвја, уништувањето на ретките зелени површини и урбаната мафија.

„Кој рано рани, тој рано рани. Сечење дрвја си е сечење дрвја. Уништување на ретки зелени површини си е уништување на ретки зелени површини. Урбана мафија си е урбана мафија. Дебилни изјави на претседател си се дебилни изјави на претседател“, изјави Иванов за Пара вести.