Три мига од историјата и одговорноста пред утре

06.08.2013 09:58
Три мига од историјата и одговорноста пред утре

Не се знаело и не се учело. Во овој град не се зел докторат за неговата историја, или се зел анонимно, како што обично се земаат докторатите. Овој град нема свој епичар. Во овој град се пишувало за апстрактни градови. А ги познавате ли неговите стари цркви и соседни манастири и ги паметите ли неговите апокалипси: некогашните јавни куќи, двете третини од вкупното кралско жандарство во онаа Македонија, тајните полициски документи за уништување на еден јазик? Сте се возбудувале ли подоцна над неговата повоена изградба, со пцости понекогаш за урбанистите, но сепак горди за неговото витално и брзо растење? Сте виделе ли стари гравури за неговите поранешни пропаѓања и сте се запознале ли барем со неколку редови од оној далечен документичар Марцелинус? Ви кажал ли некој дека сеизмичкиот простор на скопската котлина дејствувал со урнувачка активност во годината 518? Доколку во тој прв земјотрес не се уништени податоците за некои катастрофи од пред тоа, уште од непознатите предилирски години или од подоцна од годините на секаквите човечки страдања и надежи. И пак, уште еднаш во шеснаесеттиот век, на кој не му биле непознати сведочењата на очевидецот Марцелинус за страшните слики кога земјата пукала како една презреана гигантска диња и ги голтала тврдините, домовите и храмовите; шлемови на мртви черупки, врисоци на коњи со скршени нозе, урнати ѕидини врз мртви стражари и – проголтани каштели, урнати каштели, осакатени каштели, изедначување на робот и господарот. Потоа се зараснувало во тешки испоснички бради, се градело, – на ова место разденувањата и залезите на сонцето и на вековите биле необични. И по наездата на Отоманијата, однатре минирана од овој народ секогаш без успех и со жртви, цветале занаети, се очувувале обичаи, се пренесувале легенди, несопирлива била уметноста.

Ги познавате ли иконите и иконостасите во овој град, по црквите, по музеите, во старите куќи? Овој град бил до вчера пребогата изложба на секакви познати и непознати зографи низ можеби десетина столетија во многу куќи и тајни или занемарени кријалишта на римски етиди, старо оружје, бакар, потоа за да не му се посвети ниеден даровит сликар, ни еден композитор. Сепак тој град живеел, бил жив – не го сонувал своето умирање, не денес кога се подмладувал.

Размислуваш за сето ова и чекориш низ прашина и очај, ги заобиколуваш непроодните улици, ги тргаш нозете од жици и арматурни ткаежи, ги отфрлаш од себе сомневањата, веруваш во нешто. Во што? Како и со колкава брзина се планира иднината? И не се чудиш што во овој народ има нешто Антејско; не ѝ се предава на паниката, го болат катниците од чкрипење. Пред страшните слики долгите нокти до крв се забуцуваат в дланка, некои иако без причини се чувствуваат виновни за несреќата, многуте се спремни на одговорност пред историјата. Одговорност пред историјата на најширок фронт од првиот до последниот човек, и не само на овој град – на земјата. Оној што умее да сонува и да не спие сам си подига споменик.

И ти си наеднаш одговорен, не можеш да заспиеш на својата совест како на мека перница. Жилите ти се набрекнуваат, од зглобови не ќе те истргне ни стократ некој подземен Голијат. И стануваш сè: копач, интендант, економист, планер. Планер на иднината. И се обидуваш до крај, сеедно што понекогаш умееш да бидеш сам, да пресметаш: почеток – А: шатори, Б: бараки, В: ? Тоа не е планирање на иднината, тоа е нужност. Во часот на овој ден. И се прашуваш ќе потрае ли усвитеноста во срцето на сите луѓе во светот толку време колку што ќе биде потребно да никне тоа ново Скопје во галоп на мудрост, да биде прв споменик на човечката солидарност, каде по некој булевар наречен Ленин ќе говорат децата англиски и каде во некоја авенија Линколн љубовни двојки ќе ги шепотат стиховите на Есенин. И ќе има ли тој град споменик на Бајрон во некој парк, и шведски државен грб како споменик на некоја болница, и грб на Краков на некој универзитет, и ќе ги носат ли имињата на великаните од многу земји повеќето зданија и улици? И знаеш, тоа го знаеш: твоите републики бараат простор за свои изградби, и уште еднаш си сигурен дека ти, копач, интендант, планер и ѕидар, ќе си спремен додека чекориш кон иднината да погледнеш со отворени очи во будните очи на престрогата историја и да бидеш достоен за името Човек, човечка Солидарност.

И сега големиот план е твојата поезија, ти што имаш нов документ: роден – на 26 јули, во 5,17, школска спрема – факултет на човечка љубов, занимање – ѕидар и мечтател, блиски роднини – петте континенти, особени знаци – зараснат белег на една рана.

Историјата (се убедуваш дека е крајно време за тоа), користејќи се со безбројните искуства на медицината, физиката, геологијата, економијата, уметноста, на своите паѓања и растења, мора да се сврти кон себе со лице, кон иднината на човекот. Нерон, Цезар, Клеопатра, Александар Велики, византискиот Василиј, некој Карло и некој Болеслав, Наполеон, Фуше – се прав. За некој од нив ни минатото немало солзи. Ние денес сме искушение, утре (ние и оние што ќе дојдат по нас) ќе сме таа одговорност во полното значење на смислата, без ордени за заслугите но со евентуални репресалии за противзаслугите.

Знаеш: уништувањето на едно Милано, или сеедно кој и да е друг град од А до Ш, е и наше уништување. На човештвото веќе не му се нужни мртви споменици. Јас, кој се викам Марио, Стив, Пјер, Ото, Јан, Иван или Ахмет, барам со право на глас, несмрт и сонце.

Осми ден. Се наоблачува и грми. Седум е по еден залез. И подземја грми. Слушај Марио, Стив, Ото, Иван, напиши го утре романот на денот. Каков роман? Таков – како умрел еден град и како се родил.

Нова Македонија, 07.08.1963.

ОкоБоли главаВицФото