Уништувањето на Хирошима

06.08.2013 15:29
Уништувањето на Хирошима

Навистина, среде толпата, дознаваме дека кој било град со просечна важност може да биде потполно збришан од бомба со големина на фудбалска топка. Американскиот, англискиот и францускиот печат нè засипуваат со елегантни расправи за иднината, минатото, пронаоѓачите, цените, пацифистичкиот повик и воените последици, политичките последици, дури и за независниот карактер на атомската бомба. Ќе сумираме сè во една реченица: механичката цивилизација штотуку стигна до последниот степен на дивјаштво. Ќе мораме, во блиска или подалечна иднина, да бираме меѓу колективно самоубиство или разумно користење на научните достигнувања.

Во меѓувреме, дозволено е да се мисли дека постои нешто срамно во тоа така да се слави едно откритие кое најпрво се става во служба на најстрашниот уништувачки бес кој човекот воопшто го изразил низ вековите. Ако во светот изложен на сите раздори на силите, неспособен за каква било контрола, рамнодушен кон правдата и едноставната човечка среќа, науката се посветува на организирано злосторство, никој, никако, освен оние од непоколебливиот идеализам, нема ни да помисли да се чуди околу тоа.

Ваквите откритија мора да се забележат, да се проследат според она што се, и да му се навестат на светот за човекот да стекне вистинска претстава за својата судбина. Но, обвиткувањето на тие страшни откритија со сликовита или хумористична литература - тоа никако не може да се поднесе.

Веќе не беше лесно да се дише во овој измачен свет. И еве ни една нова тегоба која ги има сите изгледи да стане конечна. На човештвото несомнено му се нуди неговата последна шанса. А и тоа може да стане повод за вонредно издавање весници. Сепак, поверојатно е дека тоа би морало да биде предмет на некои размислувања и голем молк.

Меѓутоа, постојат и други причини да се прифати со резерва приказната за антиципација која ни ја нуди печатот. Кога гледаме дека дипломатскиот уредник на агенцијата Ројтерс најавува дека тоа откритие ги крши договорите или ги прави надживеани самите постдамски одлуки, дека забележува како е сеедно дали се Русите во Кенигсберг или Турците кај Дарданели, не можеме да се оттргнеме од помислата за вистинските намери на тој убав концерт, многу туѓ на научната несебичност.

Нека нè слушнат добро. Ако Јапонците капитулираат по уништувањето на Хирошима и поради срам, секако ќе се радуваме на тоа. Меѓутоа, одбиваме од таа тешка вест да извлечеме што било друго освен одлука уште поенергично да зборуваме во прилог на вистински интернационално општество, во кое големите сили нема да имаат повеќе права од малите и средните нации и во кое војната, неволја завршена преку дејствувањето на човечкиот разум, нема да зависи од апетитот или доктрината на некоја држава.

Пред застрашувачките перспективи кои се отвораат пред човекот, ние воочуваме уште дека мирот е единствената битка за која вреди да се бориме. Тоа не е молба, туку правило кое народите треба да го издигнат кон владите, правило кое конечно треба да избере меѓу пеколот и разумот.

Текстот е објавен во списанието Combat на 8 август 1945, два дена по бомбардирањето на Хирошима

ОкоБоли главаВицФото