Конески: Кажувања (8)

06.11.2009 11:06
Martinoski_10.jpg

Времето како фактор

Замислете еден ваков случај. „Пан Тадеуш” од Мицкјевич, кога излегол, тоа е мислам 1834-та година, бил примен доста ладно кај Полјаците. А тоа е врвно ниво на светската литература. Зошто? Други идеи умовите ги окупирале во тоа време. Тие мислеле дека тоа е важно. Она што нив ги окупирало. Тоа сигурно било важно. Но нека е и најважно. А описот на едно детство во литванско село дека нема никаква особена улога во развитокот на светскиот дух, во смисла на филозофијата што тогаш доминирала. Меѓутоа, поминува времето и тој ист текст станува со право национална епопеја на полскиот народ. Заправо, тоа е едно чудо како воопшто можело таков текст да биде создаден, со такви квалитетит И, на изглед опис, обичен опис на селскиот живот, на тие традиции во кругот на една шљахта во Литва, тое е еден чудовишен текст, имено, по јасното согледување и стравично јасното фиксирање на некои работи во животот. Е, секој случај си бара свое конкретно објаснување.

На наш терен? На пример Кирил Пејчиновиќ сигурно не живеел така или Марко Цепенков, во свеста на публиката до времето кога јас ги напишав предговорите за Кирил Пејчиновиќ и за Марко Цепенков. И во едниот случај, и во другиот, има објаснение. Јас и ги давам тие објасненија во тие свои текстови - зошто веднаш, да речеме, не биле нивните записи примени и оценети така како што заслужуваат? Причините можат да бидат различни, сосема различни. Но, тоа се случува. Очевидно е така. И времето може нешто да активира, а може нешто да посипе со заборав. А има и некои чудни појави. На пример, имало период кога Дикенс бил потценет во Англија, во првите децении на овој век (20 в.). Нам сето тоа ни е неразбирливо, но ете се случува. Тоа спаѓа во социологијата на уметноста и тука има различни случаи. Една епоха цени вака, друга инаку.

 

За кохерентноста на збирка поезија

... Кога ќе се достигне еден квантум од песни, тогаш јас издавам книшка. Бидејќи во еден временски отсек може човека да го интересираат определени проблеми, тогаш се случува збирката да биде и кохерентна, иако не е планирана однапред... Селекција се врши во смисла на она што не издржува некаков авторски критериум. А не вршам селекција во смисла да биде баш и тематски изедначена. Затоа што и речиси нема поетска збирка да е во таа смисла кохерентна... Не, тоа е предрасуда. Земете кој сакате поет, која сакате збирка. Песната е мала форма, нели. И сега, треба да има обработување на еден предмет за педесет, да речеме, песни да бидат поврзани тематски. Инаку, едната ќе биде со една тема, другата со друга. Мотивите се различни. Тоа е случај со секоја поетска збирка. Ако се замисли малку човек, бесмислено е барањето за една таква кохерентност, која им припаѓа само на збирки што обработуваат од повеќе страни една иста тема. (Да, варијации на тема, да речеме... ) Трепетлика... И сега, на таа песна можете сто песни да напишете. (Се смее). Тогаш може да се рече дека се обработува еден мотив и возбудата е една. Меѓутоа, нормално, поетот како некаков сеизмограф го бележи она што го окупира во моментот, што го возбудува и сега тоа се ниже и се добива еден квантум од текстови, што можат при погодни услови да бидат објавени во збирка.

 

Песната е целост

Да, песната е целост. Исто како што е расказот целост. Или романот. Не може поради тоа што е песната мала форма, да се бара една збирка од песни да биде кохерентна, како што е еден роман. Исто како што не може од една серија романи да се бара да бидат на иста тема. (Се смее). Тоа е толку јасно. И во најславните збирки на светот, да речеме во збирката на Бодлер, не? - па, таму има толку различни теми, различни мотиви, а врската ја создава авторот. Личноста на авторот стои зад тие текстови и поради тоа се добива, на крајот на краиштата, впечаток на некаква целост. (Кои се елементите на тие врски?). Човекот е во прашање. Секој автор е човек со определен темперамент, карактер, навики, интереси.

 

Чувство за елементарното

... Во еден подолг период ме интересираат не темите, темите се вечни, ама имам некој агол свој на гледање, тоa е неповторливо, којшто во даден момент доаѓа до израз. Инаку, во поезијата - и љубовта, и омразата и сè друго - безброј пати се обработувани. Па, и кај еден и ист поет. Но има периоди во кои тој открива некој посебен агол на посматрање и зависно од опитот, од ситуацијата во која се наоѓа и повторно, и по незнам кој пат, се враќа на она што е животен интерес, егзистенцијален интерес за секој човек, па и за него, за поетот...

... Тоа се тие елементарни вредности во животот. Еден пријатен разговор, една шега, еден обичен излет негде, некое наивно доживување. Тоа е сето поважно сега, кога човек прави биланс од она, што инаку го сметаме за нешто многу битно во животот, што го цениме повеќе кога не размислуваме вака, како што јас сега размислувам. Но, сега да Ви го споменам Лав Толстој, бидејќи „Војна и мир” повторно ја читав до скоро дури можев, на руски јазик. Во најдраматичниот момент кнез Андреј, кога е ранет во битката на Аустерлиц, одеднаш чувствува дека облаците над неговата глава се поважни од сè што му се чинело многу важно во животот: од успехот на Наполеона, од не знам она што се вика, во една идеална смисла, љубов или татковина. Од тие сите крупни поими овие елементарни работи му се гледаат побитни. И, што е сето тоа, вели тој, спрема она сино небо, што е над мојата глава и оние облаци што сега по тоа сино небо некаде патуваат... Точно, секогаш се открива како нешто ново, затоа може за него да се соопштува и на поетски начин... Во елементарното се состои нешто што е многу побитно. И за човекот и за животот воопшто...

... Понекогаш си мислам дека можеби постарите луѓе се премногу затворени, чувајќи некаков привид на достоинство нерадо ги соопштуваат своите чувства. Но тоа постепено се отклонува, се проширува и тука просторот на искажување... На различен начин, сигурно. Еве, сега ќе видите во мојот дневник што ќе го објавам, има еден текст за еден вистински случај. Се однесува на покојниот Ристо Проданов. Мислам дека „Осаменост” е насловот, кога тој вели: „ Како не влезе некој човек па макар мајка да ми окара”. Толку има потреба за контакт, што дури дозволува дека би се израдувал не на израз на симпатија, ами на грубост би се израдувал, само да не биде изолиран од луѓето, да не биде оставен така како што бил оставен... Во таа мала случка е една длабока трагедија изразена, длабока болка. „Како не влезе некој па макар мајка да ми опцуе”....

... Во една од поранешните збирки јас велам; „Најди малку свежина во својата душа”. Немој да се предаваш. Барањето на една таква свежина е заради тоа што таа му дава не само смисла на животот, ами навистина и овозможува човек да ги поднесува сите тешкотии, на коишто е изложен. Да може да ги изживува сите разочарувања. Тоа е една чувствена мобилизација... Всушност, патот не е рационален, по кој доаѓаме до таква свест. (Се смее).Самото наше битие нè тера така да заклучиме. Самата потреба да дишеме, да наоѓаме сили за живот, да наоѓаме отпорност во себеси, нè тера на тоа. Без да тргаме од некои теореми, претходно обмислени...

... Јас мислам дека повеќето луѓе реагираат на овој начин. Бараат во себе извесни сили. Исто раскажувам јас една анегдота за онаа старица што рекла, а таа анегдота ја имам чуено од покојниот Иван Точко: „Денеска не само што ме огреа сонченце, ами ми дадоа и кафенце”. Значи, нашла нешто во животот што ќе ја израдува, за да може да го збогати тој свој живот. Тоа е нормално чувство. Не велам дека нема исклучоци и дека нема разлики во тој поглед меѓу луѓето. Но по законот на животот тоа чувство мора да биде вградено во секое живо суштество, па и во човекот. Тоа, ако сакате, толку нема врска со свеста, па можеме да го наречеме закон на месото и на крвта. Она што е родено, - за мртвите предмети не знаеме како им е, - за да живее така мора да се однесува, не само да следи некакви рецепти филозофски. Иако, се разбира, сите ние и такви рецепти имаме и ги слушаме во вид на совети, во вид на упатувања од постарите и така натака. Се запознаваме со нив во литературата. Но најважното е, што е во секое живо суштество присутен законот на месото, месото, крвта. Тоа чувствува болка. Тоа чувствува глад, чувствува жед и тоа мора на некој начин да се бори за своето вегетирање. Тоа сето мора да наоѓа израз и во поезијата. Јас мислам, да можат дрвјата или тревките да пишуваат поезија, тие истото би го обработувале... Тоа се тие елементарни вредности.

Без боготворење на поетот и на поезијата

(И песната е дел од флората,
таа никнува како смреката,
како бамјата, како гравот.
Прими ја таква каква што никнала,
а не да ја ништиш според некаков вкус
и некаква поетика,
да ја фаќаш за грло,
заради некаква странична идеја,
како што се обиде Мајаковски.
Кој ти дал, најпосле, такво право?
Се знае што е етика.).

Кога бев помлад една одбојност чувствував спрема обработката на вакви теми. Ми пречеше кога некои поети премногу зборуваа за поезијата и за себе како поети. Меѓутоа, после, за изненадување на самиот себеси, видов дека и кај мене се насобраа постепено доста такви текстови. И сега имам поголемо сфаќање за тие поети што порано малку сум ги кудел, бидејќи моето становиште беше, и сега всушност тоа не е променето, дека не треба да се дивинизира поетот. Дека нашиот занает е исто занает како и другите. И треба да се цени мајстор во секој занает. А не автоматски приоритет да му се дава на занаетот, па со голема буква да се пишува поет и поезија. И така да се создава една сосема романтичарска слика и за мајсторот и за мајсторијата.

(Значи, ореолот околу нив, всушност нивната наконтеност од предрасуди, Вам не Ви се прифатливи...).

Не. Во своите текстови за поезијата не одам кон некакво боготворење на поетот и поезијата. Но сепак, чувствувам потреба себе да си ја објаснам поезијата како една манифестација на духот, што некои дури многу ја потценуваат, нели. И да се прашам - каква е смислата на таа духовна активност. Ете, околу тоа се движат моите размислувања. А јас, пишувајќи повеќе песни за зборот, за поезијата, воопшто не се истакнувам ни себеси, нити другите поети над другите луѓе. Тоа не го правам. Не ми е тоа намерата. Намерата ми е да си објаснам во што е потребата од едно такво искажување и дали тоа е неминовно во животот, една неминовна наша духовна манифестација. Јас така и мислам, дека е неминовна духовна манифестација... И во тој случај инсистирам на тоа навистина да се дозволи да може песната да си расне како лебот што си расте. А не да се потчинува на некакви догми, да биде создавана само како илустрација на некоја теза. Ете, тоа е онаа идеја што јас ја застапувам.

 

Песни посветени на пријатели

Има луѓе што ме привлекуваат. За нив, и без да си давате сметка, мислите и им ги знаете и слабите страни и добрите страни. Целосно ви се симпатични. И одеднаш, кога ќе ги снема, чувствувате дека нешто сте загубиле, дека сте вие осиромашени по нешто. И тогаш - потреба самите една жалба да искажете, една тажаленка човечка. Тоа е еден вид тажаленка, само не нарачана, не по професија правена, ами така му доаѓа на човека, бидејќи во такви ситуации зборот е навистина понекогаш и бесмислен. А без него не се може. Многу потребен е зборот во такви тешки ситуации, при разделба со драги луѓе.


За едноставноста

Всушност, тоа е одлика на еден стил. Не е тоа одлика само моја. Можам јас цела серија имиња да приведам што спаѓаат меѓу протагонистите на таквиот стил. И од минатото и денеска. Тоа е еден стил што можеме да го означиме со стремежот за редуцирање до најнужното. И во современата поезија кај различни народи има многу такви поети. Јас лично мислам дека тие спаѓаат во челниот одред на современата поезија. А не одат негде на опашката. Меѓутоа, во некои поетики, што добиле можност да бидат валидни пошироко, па и се форсирале преку некои центри, особено кај нас, важат норми подруги, што да речеме, автоматски етикетираат сè што е надвор од тие норми, како искажување од втор ранг. Кривицата е во тие поетики, а не во искажувањето на поетите. Поетите се искажуваат така како што им лежи. А некои теоретичари мислат дека го пронашле клучот за дадена епоха и дека нивната шема решава сè. Ова одговара, ова не одговара. Ова е ново, ова е старо.

 

Нема општоважечки образец

Во сите духовни дејности има еден стремеж кај определен тип на мислители, теоретичари, својата гледна точка да им ја наложат на другите. Тоа се луѓе што многу ја сакаат и сцената. Сакаат и публицитет. И, така да кажам. продаваат ум на секој друм. И ја заведуваат простотијата. Меѓутоа, во целиот свет, независно од тоа што тие си говорат, било во науката, било во уметноста, било во другите духовни дејности, има луѓе што знаат дека е тоа само еден можен избор и дека како таков и тој може да има резон и да се брани. Но не е општ. Ниеден образец не е општоважечки. Она што важи за едни, не мора да важи за други. И, на крајот на краиштата, кога ќе мине извесно време, се гледа дека правото е на страната на оние луѓе што оделе по својот темперамент, по своите наклоности, по своите разбирања, а што не се посветувале на поетики наложени за моментот и гласни дури да те заглушат. Зашто тоа заглушување ќе исчезне и останува на крајот она што треба да биде резултат на работата на еден писател, на еден музичар, сликар и така натака, и тогаш се сумираат постигањата.

 

Во познатото - непознатото

Тоа го истакнуваат мнозина како нешто што треба да се смета за суштествено во уметничката дејност, посебно во поезијата. Андриќ, баш се сеќавам, има една ваква формулација: во поезијата е најголем успех да го изненадиш читателот со нешто што е просто, што нему му изгледа како обично, познато. Тука да најдеш момент на изненада. Тоа можеме да го наречеме актуализација. И во смисла на доживувањето, и во смисла на изразот. И, таа актуализација освежува нешто што изгледа многу обично и просто. (Но тешко остварливо?).

Сè зависи од авторот. Еве, за да ја поткрепам оваа мисла, се сетив за една мала песна од Ружевич, каде што е поентата за тоа - како проодува дете. Има ли нешто попознато од тоа дека секое дете на околу една година треба да прооди? Треба да стане на две нозе. А има ли нешто повозбудливо? И, тој вели - и еве, пак се случи чудо, прооде дете! (Се смее). Тоа е таа негова песна. Тој е поет што може во обичното да најде изненада. А таа песна е дури и теоретски важна за ова што го зборуваме. Бидејќи во самиот живот, не во искажувањето, не во некаква намера уметничка, во самиот живот има маса такви, сто, милони, не знам колку пати доживеани работи, што секогаш нè изненадуваат со својата убавина, свежина. И секогаш го доживуваме како првпат тоа да се случило.

 

Филозофијата и поезијата

(Поезијата е блиска и до филозофијата?). Не. Не. Таа не е блиска до филозофијата. Таа си е сепак автономна област. Може да бидат блиски овие науки, како што е психологијата, лингвистиката, социологијата во некоја смисла. Пред сè науките се блиски. Уметностите се една област поавтономна од сите науки, па тие се дистанцираат и од филозофијата. Заправо, човекот се искажува таков каков што е. Како јас да го делам своето стекнато знаење од она што е да речеме, што се мои вродени својства? Тоа не може да се дели. Спрема тоа, ако е присутна филозофска мисла во поезијата, таа е присутна затоа што неа како свое лично доживување ја носи субјектот што го создава поетскиот текст. Тој може да биде и неписмен човек, а сепак да се искажува. (Се рекло- многу гоедари биле филозофи и многу филозофи гоедари...).

Е, зошто? Затоа што е човек така создаден. А, ако е неписмен, ако не го читал Платона, Сократа, Канта, тој можел да слуша од стари, по нешто и во народната традиција да собира, да кажеме, елементи што во комбинација со неговиот личен опит, доведуваат до извесно животно становиште. И, тој таков каков што е, се искажува комплетно. Тоа што ние често сакаме да го означиме со терминот филозофска компонента во поезијата, заправо е егзистенцијална компонента, компонента на човековото опстојување. И јасно е дека за тоа мора човек да се искажува...

... Може да има една заблуда во однос на секое творештво, посебно на уметничкото творештво. Во смисла дека човек нешто замислува, па после лепи. И, во таа смисла може да се рече: А, тој, еве сега обработува, како што се обработува писмена задача на училиште, обработува една тема, па добро му дошло тоа што знае нешто и од филозофијата, знае нешто и од математиката, знае нешто и од биологијата, од историјата и така натака. Тоа е погрешно. Создавањето на песна или на некое друго уметничко дело, не е обработка на зададена тема. Тоа е решавање на еден внатрешен проблем, процес на растење на нешто во човека, што си добива, еве, свој вербален израз или некој друг израз, ако се работи за некоја друга гранка на уметноста. Или си наоѓа израз во научна формулација и така натака. Тоа е еден процес на генерирање на извесни вредности зародени во душевноста на човекот. А не е пишување на тема. Ако бидеме искрени, ние ќе треба да видиме дека и без да знаеме понекогаш сме пишувале на тема, на зададена тема. Но, тогаш, немаме успех. (Се смее)

 

Појавување на песната

Колку што знам, има некои психофизички типови. Еден до определен дел од денот е поактивен, друг во друг дел и така натака. Единствено што можам да кажам за себе, тоа е дека јас спаѓам во оној психофизички тип што е поактивен во првата половина на денот, односно наутро. А после, попладнето и вечерта, јас обично тоа време со години сум го користел повеќе за информации да добијам. Нешто да прочитам. Меѓутоа, кога ќе се јави идејата, дали при будењето или во текот на денот, тоа е непредвидлива работа. Често, она што можеме подобро, отколку со зборот идеја, да го означиме со зборот јатка на песната, се јавува во една единствена реченица негде во текот на денот. Па после, околу таа јатка се создава текстот. Може при случајно шетање негде одеднаш - оп! на човека некоја комбинација ќе му се јави, па се разбира... (Дали е човек сам или е во друштво?). Тоа нема улога. Барем за мене тоа не е толку битно, затоа што јас сум способен на концентрација и во множеството. И таму кај што има врева. Не можам само,можеби, секогаш да седнам, нешто да доработам во таква ситуација. Јас сум растел во интернат. Секогаш сум работел меѓу други. И исто така сум работел многу во библиотеки. А, Ве изненадив кога Ви кажав дека песната „Црква” сум ја напишал на маса во клубот, неочекувано за самиот себеси. По делови. Можеби на два-три пати. Еднаш нешто ќе забележам, а после го проверувам и поправам, дополнувам. Втор пат нешто друго, некој друг дел и најпосле се добива целоста. Ете, гледате. (Ако Ве остават на мира таму, пријателите?).

Па, јасно, јас тогаш не учествувам. Јас си наоѓам моментално и концентрација и свој простор. Да речеме, тие си разговараат нешто или играат карти. Мене ме оставаат на мира и јас како во вид на моментална забава, нешто си чкртам. Често пати човек така прави. Или црта некои ликови, или цвеќиња црта... Јас имам некои песни што сум ги напишал во текот на конференции. И тоа, земајќи хартија прво не со намера да пишувам песни, ами од нервоза нешто да забележам. Па, оп! - ќе се случи како во некаква игра да се јави таа јатка на песната, и една кратка песна ќе се оформи.

Слики: Никола Мартиноски

 

Другите делови од „Кажувањата“ можете да ги прочитате на следниве линкови:

Конески: Кажувања (1)

Конески: Кажувања (2)

Конески: Кажувања (3)

Конески: Кажувања (4)

Конески: Кажувања (5)

Конески: Кажувања (6)

Конески: Кажувања (7)

Слични содржини

Книжевност

ОкоБоли главаВицФото