Два пара со бебиња дури пет минути не ги спомнале децата

07.08.2013 11:26
Два пара со бебиња дури пет минути не ги спомнале децата

Скопје, 7 август 2013

Брачниот пар Христовски вчера, додека седел на кафе во едно кафуле во ГТЦ од страна на кејот на реката Вардар, направил еден преседан - цели пет минути не ја спомнал својата четиримесечна ќерка Ива.

За да биде работата уште почудна, Христовски биле во друштво на Стојаноски, кои го имаат седуммесечното синче Лука. Ивана Стојаноска ни открива дека овој случај многу ја изненадил.

„Упорно се трудев да слушнам од Христовски како е ќерка им или да раскажам некоја анегдота за мојот син, но тие постојано ме прекинуваа. Ме прашуваа нешто сосема неважно за летувањето или за работата или за тоа каде сум го купила фустанот кој го носев. Врв беше кога Зоран Христовски се обиде да започне некаков разговор за политика, потполно несвесен дека поминува веќе петтата откако не го спомнува своето дете. Мене ми е незамислива средба на која не се зборува за цената на бебешката облека или за издржливоста на пелените, или на која не се покажуваат слики од бебињата на телефонот“, истакнува Ивана.

Таа додава дека набрзо потоа му дала знак на мажот да си отидат, со образложение дека мора да види како е синчето. Не се кае што седела со пријателите само дваесет минути, бидејќи признава дека малку ќе ја смири совеста со тоа што поставила три нови фотографии од синчето Лука на својот ФБ профил.

Мајката на четиримесечната Ива, Бранкица Христовска, за Пара вести изјави дека мајчинството многу ја исполнува, но дека малку ѝ недостасуваат моментите кога може да се зборува со пријателите, а тоа да не е за децата.

„И сама гледам дека пријателите кои се родители ме гледаат чудно кога ќе спомнам нешто што нема врска со децата. Неколку пати ме обвинуваа дека не сум добра мајка затоа што не го спомнувам детето секоја минута, а пријателките дури ми велеа дека не сум доволно горда на своето дете, бидејќи на профил-сликата на Фејсбук сум сама, а не со ќеркичката. Иако се трудам секој втор/трет ден да закачам некоја неова фотографија од Ива на Фејсбук, изгледа дека тоа не е доволно“, вели Бранкица.

Сепак, таа ни призна дека ќе се потруди да им стави крај на приказните дека не е грижлива мајка. Од својот маж побарала да ѝ купи нов паричник кој има посебна преграда за фотографии од децата, а веќе за утре закажала тетовирање на името на ќерката на надлактицата.

Извор: www.njuz.net