Има ли Сноуден во авионот?

07.08.2013 13:28
Има ли Сноуден во авионот?

На 9 јули, Организацијата на американските држави (OAD) одржа вонредна седница на тема шокантното однесување на европските држави кои не му дозволија на владиниот авион на боливискиот претседател Ево Моралес да влезе во нивниот воздушен простор.

Моралес се враќаше од самитот одржан во Москва на 3 јули. Таму во едно интервју рече дека е отворен кон идејата за пружање политички азил на Едвард Сноуден, поранешниот соработник на американската разузнавачка служба, кого Вашингтон го гони врз основа на обвинението за шпионажа и кој се наоѓа на московскиот аеродром.

OAD изрази солидарност со Моралес, осудувајќи ги „постапките кои ги нарушуваат основните правила и принципи на меѓународното право, како што е неповредливоста на шефовите на државите“ и „одлучно“ побара од европските влади – на Франција, Италија, Португалија и Шпанија – да ги објаснат своите постапки и да се извинат. На вонредниот состанок на UNASUR – Обединетите нации на Јужна Америка – беше осудено „флагрантното кршење на меѓународните договори“ од страна на европските сили. И латиноамериканските државници се приклучија. Претседателката на Бразил, Дилма Русеф, ја изрази својата „индигнација и осуда на ситуацијата која некои европски земји му ја наметнаа на претседателот Ево Моралес“ и предупреди дека ваквото „сериозно непочитување на законите... го нарушува дијалогот помеѓу двата континенти и нивните можни преговори“.



Коментаторите не беа толку резервирани. Аргентинскиот политиколог Атилио Борон ја нарече Европа „вавилонска блудница“ која цвили пред силата.

Со практично идентична резервираност, две држави одбија да ја потпишат резолуцијата на OAD: Соединетите Американски Држави и Канада. Додека Латинска Америка се ослободува од империјалниот јарем кој го носеше 500 години, нивната растечка изолација во хемисферата има историско значење. Авионот на Моралес кој пријави технички проблеми доби дозвола да слета во Австрија. Боливија тврди дека авионот бил пребаруван за да се види дали во него се наоѓа Сноуден. Австрија одговара дека „немало формален преглед“. Што и да се случило, очигледно се случило по предупреудувањето од Вашингтон. После тоа, приказната се замаглува.

Вашингтон јасно стави на знаење дека секоја држава која ќе одбие да го предаде Сноуден се соочува со сериозни последици. Соединетите Држави „ќе го гонат до крајот на светот“, предупреди сенаторот Линдзи Грем. Меѓутоа, потпаролот на владата на САД го предупреди светот дека на Снодеун ќе му биде овозможена целосна заштита пред американскиот закон – мислејќи на истиот закон под кој американскиот војник Бредли Менинг (кој објави огромна архива од американските воени и дипломатски документи) се држи во затвор веќе три години, а добар дел од тоа време го помина во самица и во понижувачки услови. Одамна е заборавена архаичната идеја за брзо судење пред порота од сограѓаните. На 30 јули, судијката го прогласи Менинг за виновен за обвиненијата за кои е пропишана максимална казна од 136 години.

Како и Сноуден, и Менинг направи кривично дело, кога им откри на Американците – но и на другите – што всушност прави нивната држава. Тоа е сериозно нарушување на „безбедноста“ во оперативната смисла на зборот, познато на секој кој читал декласификувани документи. „Безбедноста“ обично ја означува безбедноста на државните службеници од очите на љубопитните граѓани на кои тие – теоретски – треба да им поднесат сметка. Државите секогаш се повикуваат на безбедноста – во случајот на Сноуден, се работи за безбедност од терористички напади. Овој изговор го нуди администрацијата која спроведува огромна меѓународна терористичка кампања со беспилотни бомбардери и специјални единици на војската, создавајќи потенцијални терористи на секој чекор.

Нивниот гнев нема граници кога се соочуваат со помислата дека некој кој е гонет од Соединетите Држави би можел да добие азил во Боливија, која има договор за депортации со САД. Интересната работа во сето ова е дека договорот за депортација би требало да функционира во двете насоки – но повторно, теоретски.



Минатиот септември САД го одбија барањето на Боливија за депортација на поранешниот претседател Гонзало Санчез де Лозада – „Гони“ – обвинет за геноцид и злосторства против човештвото. Меѓутоа, би било погрешно да се споредува боливиското барање со вашингтонското, дури и кога би претпоставиле дека двата случаја имаат споредлива тежина. Зошто е тоа така ни раскажува Свети Августин во приказната за гусарот, кого Александар Велики го прашал: „Со кое право го вознемируваш морето?“ А гусарот му одговорил: „Со кое право ти го вознемируваш светот? Кога јас го правам тоа со мал брод, мене ме нарекуваат крадец, а тебе, кој ти го правиш тоа со голема војска, те нарекуваат цар.“ Свети Августин вели дека одговорот на гусарот е „елегантен и одличен“.

Но стариот филозоф и бискуп од римска Африка е само гласот на светскиот југ, кој денес сите го игнорираат. Денешните мислители разбираат дека царот има права кон кои малите народи како Боливија не можат да се стремат. Гони е само еден од многумината за кои царот се одлучи да не ги предава. Вториот случај се однесува на Луис Посада Карилес, кој е опишан како „еден од најопасните терористи во поновата историја“ од страна на аналитичарот на латиноамериканскиот тероризам, Питер Корнблух.

Венецуела и Куба го бараат Посада поради неговата улога во бомбашкиот напад на еден кубански патнички авион, при кој беа убиени 73 луѓе. CIA и FBI го идентификуваа како осомничен. Но ни Кубанците, ни Венецуелците ги немаат прерогативите на царот кој го организираше и поддржа тероризмот кој Кубанците го трпат од ослободувањето.

Сега починатиот Орландо Бош, еден од терористичките партнери на Посада, исто така ја уживаше наклонетоста на царот. Американското министерство за правда и FBI бараа да биде депортиран бидејќи претставуваше закана за американската безбедност, а беше обвинет и за десетина терористички напади. Но, бидејќи во 1990 година претседателот Џорџ Х.В. Буш го поништи налогот за негова депортација, Бош мирно го помина остатокот од својот живот во Мајами, невознемирен од барањата за депортација на Куба и Костарика, два обични гусари. Уште еден безначаен гусар е и Италија, која сега сега бара да ѝ се предадат 23-та оперативци на CIA, обвинети за киднапирањето на Хасан Мустафа Осама Насер, египетскиот свештеник од Милано, кој беше вонредно предаден во Египет каде што беше измачуван (иако подоцна беше докажано дека не е виновен). Со среќа, Италија.



Има и други случаи, но злосторството на вонредно предавање нè враќа кон прашањето за латиноамериканската независност. Институтот Отворено општество неодамна објави студија наречена „Глобализирање на тортурата: Тајните притворувања и вонредните предавања на CIA“. Во неа се разгледува глобалното учество во злосторствата, кое е многу распространето и опфаќа неколку европски земји.
Грег Грандин, експерт за латиноамериканските прашања укажува на фактот дека еден регион не се наоѓа на овој срамен список: Латинска Америка. Ова има двојно значење. Латинска Америка со години беше „сигурно тло“ за Соединетите Држави. Кога некој од тамошните ќе се осмелеше да ја подигне главата, веднаш беше обезглавуван преку тероризмот или со воен удар. А бидејќи беше под контролата на САД во текот на целата втора половина на минатиот век, Латинска Америка беше едно од главните светски мачилишта.

Но сега веќе не е така, а Соединетите Држави и Канада се практично протерани од хемисферата.

Извор: In These Times

ОкоБоли главаВицФото