Животот во шаторските населби (2)

08.08.2013 07:33
Животот во шаторските населби (2)

Животот под шатори беше поднослив додека беше убаво времето. Но штом настапија есенски и зимски дождливи и студени денови, престојот под шатори и дење, а камо ли ноќе, беше се’ потежок. Шаторите пропуштаа и студ и влага. Наутро, кога се стануваше, покривачот и алиштата беа влажни од влага, а луѓето, и покрај добриот покривач, премрзнати од студ. Луѓето од шаторските населби, особено ќе ја паметат ноќта меѓу 4 и 5 и меѓу 10 и 11 октомври. По земјотресот тоа беа најстрашни ноќи. Дожд врнеше непрестано неколку дена, проследен со силен, студен ветер и грмежи. Водата влезе во шаторите и ги навлажи постелите. Луѓето ноќта ја поминуваа на нозе, или во борба со водната стихија. Некои шатори летаа во воздух, а некои пливаа во водата. И земјотресите таа ноќ беа посилни. Неколку куќи во градот се урнаа. Особено настрадаа шаторските населби „Парк", „Тафталиџе", „Чаир", „Бутел", „Драчево" и „Ѓорче Петров". Благодарејќи на брзата интервенција и пожртвуваноста на луѓето, освен материјални штети и давење на добиток, други штети не беа забележани. Шаторите го пропуштаа дождот бидејќи повеќето беа летни туристички шатори, додека воените шатори, а особено советските, приспособени за сурова клима, го задржаа дождот. Потоа почнаа да се делат пластични покривачи што не пропуштаат дожд за покривање на шаторите.

Bo Скопје беа формирани 27 шаторски логори-населби и тоа: во општина „Идадија" 5, во општина „Кисела Вода" 8, во „Кале" 8, во „Саат Кула" 3 и ВО околијата 3. Тука не се пресметани разни шаторски населби при стопанските организации, кои ги имаше многу.

Bo општината „Идадија" ги имаше следните шаторски населби: „Парк", „Тафталиџе", „Водно" „Треска" и „11 ноември". Првите три беа поголеми, а другите две беа локални и со помал број луѓе. Најголема беше населбата „Парк", која имаше околу 10.000 жители. Од нив 5.000 беа на храна во населбата. Co храна ги снабдуваа кујните од Сојузна Република Германија. Населбата. беше сместена во првиот, вториот и третиот дел на паркот. Таа беше поделена на блокови, а шаторите беа. нумерирани. По големите дождови оваа населба се расформира, нејзините жители поминаа во населбите „Водно", „Тафталиџе", а на некои им беше дозволено шаторите да ги постават пред своите куќи.

Друга голема населба беше „Тафталиџе" со околу 2700 лица, главно од „Карпош" и „Треска". Во населбата имаше 23 новородени. Во студените денови шаторите се загреваа со електрични греалки.

Населбата „Водно" беше лоцирана на падините на Водно со околу 4.000 жители: 2.000 граѓани од Скопје и околу 2.000 лица: од екипите што дојдоа во помош на Скопје. Населбата располагаше со бања, со 1.000 капења дневно. Во оваа населба имаше 70 социјално загрозени лица на кои им се делеше храна и облека бесплатно.

Во општината „Кисела Вода" ги имаше следните населби: „Аеродром-Вардар", „Црниче", „Дом на слепите", ,,Браќа Миладиновци", „Стакларница", „Острово", „Роберт Гајдиќ" и на игралиштето „Милиционер". Најголемата и најдобро организираната населба во оваа општина беше „Аеродром-Вардар" која во почетокот имаше 700 лица, а потоа порасна на 4.970. Се формира во близина на цивилниот аеродром. Оваа населба почна да се уредува на 26 јули во 9 часот и попладнето беше готова. Истиот ден почна да се дели топла храна. Потоа за поголемите семејства се подигнаа бараки. Тука се сместија жителите на „Маџар Маало", „Пролет" и „Ново Маало". Но, оваа населба два пати се преместуваше. Првиот пат од цивилниот аеродром во дворот на училиштето „Владимир Назор", а вториот пат, од дворот на ова училиште во населбата „Острово" со која се спои. Населбата „Острово" беше најхигиенската населба во Скопје. За тоа треба да им се заблагодари на градежните претпријатија „Пелагонија" и „Монтер" кои ископаа и уредија санитарни јазли, изградија две батерии со 16 славини, приклучија водоводна мрежа, соѕидаа неколку казани и бањи со бојлери, па дури тогаш дозволија населбата да се насели. Отпрвин имаше 800, a no спојувањето со „Аеродром- Вардар" над 4.000 лица.

Во општината „Кале" се наоѓаа следните населби: „Француски гробишта", „Чаир", ,,Васил Главинов", „Даме Груев", „Кале", „Бит-Пазар", „Сајмиште" и „Бутел". Најголема беше населбата „Француски гробишта" со околу 9.194 жители. Населбите „Васил Главинов", „Даме Груев" беа во дворовите на истоимените училишта. Во оваа општина беа организирани 4 кујни, и по 2 населби се хранеа од една кујна. Сите 4 кујни делеа храна за околу 28.000 лица, колку што ги имаше во сите 8 населби.

Во општината „Саат Кула" ги имаше следните населби: „Чаир", „Гази Баба" и „Автокоманда". Во секоја од овие населби отпрвин имаше по околу 4.000 лица. Потоа тие пораснаа: „Автокоманда" со околу 12.000, „Гази Баба" со 7.800 и „Чаир" со 5.000 лица. Во „Чаир" храна приготвуваа кујните од Германската Демократска Република. Во логорот „Гази Баба" имаше доста новородени. Предлагаа, женските деца да ги крстат „Шаторка", за спомен дека биле родени во шатор.

Bo населбите „Кале" и „Саат Кула" имаше многу социјално загрозени лица на кои им се делеше бесплатно храна и облека.

Покрај овие „општински" населби, имаше и околу 20 други, мали населби, организирани од стопанските организации. Во кругот на своето претпријатие или фабрика се собираа работници и нивните семејства. Такви населби организираа следните претпријатија: Металскиот завод „Тито", фабриката за стакло, Железарницата, фабриката за производство на автокаросерии „11 Октомври". Претпријатијата „Комуна" и „Коце Металец" се здружија и формираа заедничка населба. Заедничка населба имаа и колективите „Македонски фолклор", „Европа", „Алкалоид", Парната пиварница, Керамичката индустрија — Скопје и Градското автомобилско сообраќајно претпријатие.

Во скопската околија беа формирани само 3 шаторски населби: во Петровец, Ѓорче Петров и Драчево.

Co поправката на оштетените згради и со изградбата на монтажните куќи, постепено луѓето се вселуваа во нив и го напуштаа шаторскиот живот. Така, шаторските населби до 31. XII. 1963 год. постепено се расформираа.

Кон првиот дел